Kритичка расправа на тема „Екстравагантни тела: Екстравагантен криминал –злосторство и казна“

08.04.2017 08:23
Kритичка расправа на тема „Екстравагантни тела: Екстравагантен криминал –злосторство и казна“

„Екстравагантни тела“ е меѓународна трансдисциплинарна платформа, покрената од Контејнер (Република Хрватска) и Киоск (Република Србија), а од годинава и во партнерство со Контрапункт – асоцијација за развој на критичка теорија, социо-културен активизам и современи уметнички практики, од Скопје. „Екстравагантни тела: Екстравагантен криминал – злосторство и казна“, во формат на критичка расправа ќе се одржи на 10 април во ГЕМ клубот, со почеток во 18:30 часот. Во критичката расправа, која е дел од платформата КРИК – фестивал за критичка култура, ќе учествуваат Љубомир Данаилов Фрчкоски, Јелисавета Благоевиќ (Р. Србија), Елизабета Шелева, Жарко Трајаноски, Ирена Цветковиќ, Роберт Алаѓозовски, Анастас Вангели, Олга Мајцен (Р. Хрватска) и Вики Младенова, а модератор ќе биде Славчо Димитров.

„Екстравагантни тела“, е покрената како теориско-уметничко-политичка платформа, која се бави со начините на кои општеството ги одредува границите на нормалното и патолошкото, без разлика дали станува збор за телесното, политичкото, општественото, идентитетското, идеолошкото или социо-културното. Целта е на комуникативен начин да се презентираат проблемите кои ја обликуваат нашата општествена стварност, а кои ретко се читаат од перспектива на криминал и да се разговараат оние толковни перспективи на прашањата за криминалот кои таа област со себе ги повлекува.

Овојпат, во Скопје, оваа платформа има цел критички да се преиспитаат општествените, законодавните, научните и идеолошките односи, што ги обликуваат и конструираат категориите на криминалните и социо- културните норми и кои го одвојуваат криминалното од не-криминалното однесување.

Воедно, „Екстравагантни тела - Екстравагантен криминал –злосторство и казна“, се бави и со форматите и ефектите на политичките и етичките импликации на казнување, особено со насилството и дискриминаторските практики кои се инхерентни на затворскиот систем и воспитно поправните установи. Во однос на таа тематска рамка, се разгледува и прашањето на криминалитетот на самата држава како главен чувар на законот, поаѓајќи од политичкиот систем кој (не) го санкционира злосторството или дури е и втемелен во злосторството сѐ до општествената дискриминација која низ законот се спроведува и легитимира (на пример, расно условеното политичко насилство и криминализацијата на хомосексуалците).

„Екстравагантни тела: Екстравагантен криминал – злосторство и казна“ го набљудува злосторството како најважна од сите пукнатини на општествената репресија. „Злосторство и казна“ го преместува фокусот од телесните и психолошките инскрипции на другоста, кон поширокото поимање на општествено пропишаната моралност, односно кон прифатливите и неприфатливите животни стилови.

Основната тема на „Екстравагантни тела: Екстравагантен криминал – злосторство и казна“ е согледување и артикулирање на криминалот од етичките и идеолошките претпоставки на законските рамки, до влијанието на научните и технолошките откритија, како и неговото читање низ уметничките, книжевните и политичките наративи.

Низ преиспитувањето на ваквите формативни односи на овој ранлив општествен топос, можно е да се отвори поинаква перспектива во македонската јавност, каде што оваа тема и нејзиното доминантно толкување стануваат централни за поединецот и колективот.

Факт е дека нормите кои се регулираат низ општествено прифатливото однесување се менуваат низ историјата, а тоа укажува дека нормите се секогаш дел од една поширока идеолошка констелација. „Екстравагантни тела: Екстравагантен криминал –злосторство и казна“ цели да ги испита идеолошките претпоставки во позадината на општествените и законодавните регулативи на криминалитетот. Во време кога ширум Европа се подигнуваат ѕидови и брутално се ограничува слободата на движење на многумина, пост-сноуденовската ера на односи на општеството кон информацијата, која се измолкнува од контрола, во време кога привилегираното малцинство акумулира капитал на сметка на јавниот интерес, се поставува прашањето како границите помеѓу криминализираното и законското се регулираат? Значи ли законот правда, или постојат насилство и неправда кои самиот закон ги произведува, или кои се произведуваат во име на законот?

Клучните прашања коишто ќе се покренат низ оваа расправа би биле: Што содржи нормата? Како се регулирани и чувани границите помеѓу криминалното и некриминалното однесување? Постои ли општествено посакувано злосторство и во чија полза тоа се спроведува? Значи ли законот нужно и правда или постојат насилство и неправда кои се спроведуваат во име на законот? Кои се идеолошките претпоставки кои стојат зад општествените и законодавните регулации на криминалноста? Дали се законите доволни за да го заштитат јавниот интерес? Дали се законите доволни за да го заштитат јавниот интерес, заедничките добра, сиромашните, маргинализираните заедници? Што се случува со растечката редикализација на идеолошката опозиција помеѓу либералниот, демократскиот и секуларниот концепт на закони и закони втемелени во религијата? Каков е односот на општеството кон слободната информација како една од клучните преокупации на пост-сноуденовското општество?

На крајот прашањата можат да се поврзат и со новите постигнувања и развојот во склоп на науката и технологијата - од неодамнешните научни обиди за пронаоѓање на невролошките темели на криминалноста до био-етичките проблеми поврзани со клонирањето на човекот и кражбата на идентитетот.

Оваа критичка расправа е во соработка со Кооператива – регионална платформа за култура.