Поуките од Романија, Бугарија, Латвија и Литванија

08.04.2017 09:54
Поуките од Романија, Бугарија, Латвија и Литванија

Во сите овие држави, членки на ЕУ, недвосмислено членки од втор ред, во текот на јануари се одржаа одлично организирани улични протести со конкретни, јасни и разумни барања. Се однесуваа на најдрските и најочигледните примери на корупција, грабеж на пари од страна на власта и на целосната деградација на парламентарниот систем, кој се претвори во само уште една машина за привилегирана кражба и исцрпување на транзициските остатоци.

За жал, во земјите кандидатки, наративно-фантазматската страст на расправата за политика вообичаено е свртена кон големите сили и кон понудените непријатели (најчесто и кон соседите), така што од овие случаи не беше извлечена поука што можеше да биде корисна во случајот на српските избори – барем на главната политичка сцена. Уличните протести по изборите во Србија покажуваат дека, сепак, некој ги сфатил поуките, или искуствата се толку слични, што произведоа слична и логична реакција, или двете, како што најчесто се случува.

А пораката беше убиствена, особено во бугарскиот случај. Додека во Романија дојде до неколку оставки, како и во Литванија и Латвија, во Бугарија успеаја со повторни избори. Но, резулатот од оваа, навидум демократска практика, беше повторното доаѓање на власт, со помош на гласовите на мнозинството, на оние кои народот на улиците сакаше да ги истера.

Објаснувањето дека станува збор за две популации, едната селска од длабоката Бугарија и другата, урбана од Софија, би можело да биде паралела на српскиот случај, но и во двата случаи, површноста на едностраните заклучоци е безнадежна.

Причината е повеќе вертикална отколку хоризонтална – не станува збор за популациите и просторот, туку за генерациите. Затоа српскиот случај беше полесен за разбирање и попредвидлив, а со тоа и одговорноста на српското општество, барем оној дел што мисли дека промената е неопходна, е многу поголема.

Одлуката на мнозинството во Бугарија и понатаму да ги толерира дрските крадци на власт, покажува дека гласачкото тело никогаш не било образовано за парламентарна демократија, туку систематски, по пат на лаги и заплашување, беше дресирано да реагира само на одредени стимуланси: приказната за Турците што доаѓаат да гласаат со бугарски пасоши е доволен трик.

 

Српските гласачи од постарите генерации кај кои заплашувањето и лагите имаа клучен и подолготраен ефект на запоставување на секаква одговорност за војната, гласаа за потрчковците на Милошевиќ и Шешељ.

Сосема е неважно зошто и како владеат, што направиле или не направиле, што можеле, а што можело да биде полошо – и повторно би ги добиле гласовите. Затоа што постарите гласачи гласаа за фантоми, за лагата со која дојдоа до крајот на своите животи, гласаа за своето убедување дека секогаш биле жртви, а никогаш агресори, гласаа за негирањето на секаква одговорност. Гласаа така не затоа што заборавиле, туку зашто се сеќаваат. Конечно, оваа генерација е биолошки исцрпена. Тоа се виде повеќе во дијаспората, отколку во Србија.

Изумира антикомунистичката-квислиншко-светосавска дијаспора со своите митови за заминувањето, а новата дијаспора, луѓето во средни и помлади години многу добро знаат зошто си заминаа – за да живеат. Ослободени од одртавената митологија, тие знаат заради кого и заради што не можат да се вратат.

Со неодамнешното искуство со гласањето за Трамп, таа дијаспора (барем американскиот дел), навистина нема никакви илузии за парламентарниот систем, но смета дека треба да гласа.

Тие што по изборите излегоа на улиците зборуваат нешто друго – дека веќе немаат никаква доверба во парламентарниот систем, односно неговите последни остатоци. Тој дел од гласачите е за Бели, евентуално за Јанковиќ и сега кога тој патетичен, измамнички, неуставен и неправичен избор е завршен, гласа за сериозни промени.

Парламентите на маргиналната Европа и на кандидатските земји никогаш не остварија основна функционалност која се препознава по механизмите за спречување на катастрофата што би можела да го уништи парламентарниот систем. Тие механизми ги видовме на дело при изборите во Холандија, каде го оневозможија расистичкиот полноглавец; така француските гласачи знаат дека, без оглед на резултатите во првиот круг, во вториот круг не може да победи нацистичката пачавра. Такви механизми, надвор од јадрото на западноевропските држави со стари парламентарни системи, нема ниту во Европскиот парламент за да веднаш го исфрли пратеникот Најџел Фараж што допринесе за излегувањето на Обединетото Кралство и јавно призна дека притоа мрсно лажел. Нема механизми ниту против полскиот лунатик залутан од контра-реформацијата сосе неговите ставови за жените.

 

Во постсоцијалистичките држави, парламентот на почетокот беше поголем залак во транзициските махинации, но искусните манипуланти на номенклатурата, подготвени да искористат сè, па дури и најлошото десничарско дивјаштво, успеаја да го деградираат она што веќе беше кршлива рамка со мрсулава содржина – парламентарната демократија. Воопшто нема некаква поголема разлика помеѓу британските лордови што како страчки крадат од државата и домашните пратеници.

Уличните протести имаат свои колку-толку предвидливи алгоритми што зависат од историскиот модел, од климата, насилничкиот одговор, од медиумското премолчување многу други елементи. За нив не важно ниту политичкото инвестирање, ниту се добра платформа за организирање на опозицијата: тие се улична школа која сосема добро воспитува како да се прецизираат барањата, да се препознаат стереотипите, да се симне барем првиот слој на лицемерието, да се откријат лагите, како да се утврди заеднички јазик. И се разбира тие се и индивидуална терапија и опаметување. Некогаш тоа беа особини на парламентарната предизборна работа. Колку време и да траат уличните протести, користа од нив е огромна. Помеѓу другото, тие ги канализираат и спречуват можните насилни постапки, воспоставувајќи некој вид правила на однесување кои брзо се воспоставуваат и широко се почитуваат.

За мнозинството учесници, искуството на уличниот бунт е многу значајно и е всушност, извонредна подготовка за различни, не нужно парламентарни облици на општествено дејствување. На крајот, важно е и тоа што учесниците во уличните протести излегуваат од виртуелниот свет.

Сигурна сум дека денеска на улица веќе е пронајден соодветен одговор на изјавата на претседапремиерот дека тој нема ништо против мирно собирање...

Но, ништо, навистина ништо не може да ја замени навремената, значи. постојана подготвителна соработка меѓу опозициите со лева ориентација и да нема никакво согласување на игра во рамки што ги задава врвот на власта. Тоа, во историските пракси кои сè уште ги препознаваме, би значело сериозна мрежа на политички активни и подготвени луѓе кои на кое било место во државата, со години ја работат својата теренска политичка работа на освестување, привлекување, воспитување, организирање и преземање на власта.


Извор: Peščanik, 05.04.2017.
Мурали: ESCIF

ОкоБоли главаВицФото