Бомбите не ѝ помагаат на Сирија

09.04.2017 23:52
Бомбите не ѝ помагаат на Сирија

Ништо на овој свет не е поопасно од американски претседател кој премногу гледа телевизија. Наредувајќи интервенција на Блискиот Исток, самопрогласениот изолационист Доналд Трамп тргна по стапките на Роналд Реган (1982) и Џорџ Буш (2001). Својот прагматичен став кон режимот на Асад и неговите руски сојузници преку ноќ го сврти за 180 степени и нареди лансирање на 59 американски ракети врз сириска воздушна база. Добрeдојдовте во нова војна без крај.

Во паузата за вечера со кинескиот лидер, Трамп зборуваше за своите реакции на „бавната и брутална смрт“, на сликите на телата кои се борат за воздух и мртвите бебиња. Трипати се повика на бог. Почувствувал потреба нешто да се преземе, рече, затоа што „нападот на Асад врз деца длабоко го потресол“. Што се однесува до улогата на Русија во нападот, државниот секретар на Трамп изјави дека Русите, „иако не биле соучесници, јасно покажале колку се неспособни“.

Секој што ја следел војната во Сирија и ѕверствата кои се случуваа таму ќе се согласат дека воената машинерија на Асад заслужи повеќе од укор поради користењето на хемиско оружје. Со тој напад се прекршени правилата на војувањето и ветувањето дека такво оружје повеќе нема да се користи. Но, бидејќи Русија не се откажува од поддршката на Асад и најави вето во случај на реакција на Обединетите Нации, светот останува без конструктивен одговор на војната во Сирија.

Емоциите, колку и да се оправдани, не се добра основа за водење надворешна политика, особено не на Блискиот Исток. Нападот на Трамп врз Сирија практично ја повтори реакцијата на Роналд Реган на масакрот во Сабра и Шатила во соседен Либан во 1982 година, кога американските маринци беа вовлечени во бескрајната граѓанска војна од која конечно мораа да се повлечат.

 

Трамп својата одлука не ја оправдува со полагање право на спроведување глобална правда, туку со тврдењето дека Америка има „витално важен национален интерес“ во сузбивањето на користењето на хемиско оружје и тероризам. Првото оправдување е бесмислено, а второто беспредметно и лицемерно. Американската тактика на „шокирање и застрашување“ која се спроведува со бомбардирање цивилни цели и егзекуциите со помош на дронови не се разликуваат многу од тероризмот.

Многу држави ја искажуваат својата висока моралност со осуди на нападот со хемиско оружје, иако жртвите на нападите со нивните касетни и фосфорни бомби не се ништо помалку осакатени или мртви. Во нападите со дронови страдаат невини исто колку и терористи. Ако таквите акции се витално важни за опстанокот на нацијата, можеби можат да се прикажат како „оправдани“. Ако станува збор само за гестови на моралистички интервенционизам, нема оправдување. Дали Трамп ќе испрати во Сирија копнени трупи - како што направи во Ирак? Или ова навистина беше само изолиран гест?

Единствен начин војната во Сирија да биде завршена е опозицијата на Асад да го признае поразот и ИСИС да се протера од своите преостанати скривалишта. Прагматизмот на Русија во поддржувањето на Асад, без оглед на можната неодмереност и „неспособност“, на своја страна барем го има начелото на реалполитиката. Обидите на Британија и Америка да ѝ помогнат на опозицијата завршија како сурова фарса. Запад нема „интерес“ во граѓанските судири во Сирија, а обидите за интервенција само ја продолжија војната.

Светот има универзална хуманитарна должност да им помогне на жртвите од војната. Околу три милиони жртви на војната во Сирија се распрснати ширум регионот или се обидуваат да стигнат до Европа. Наш приоритет треба да биде крајот, а не продолжувањето на нивните страдања. Фрлањето уште бомби врз Сирија е спротивно на таа цел.

The Guardian, 07.04.2017.

ОкоБоли главаВицФото