Ѕвецкање со здрав разум

10.04.2017 09:52
Ѕвецкање со здрав разум

Како вчера да беше 6 април, денот кога злосторничкото здружение, решено да остане на власт по секоја цена, почна да го надлетува со дронови и да го бомбардира населението во Скопје, но и во другите градови низ Македонија. Да најавува инциденти и тепачки, мобилизација на црнокошулаши, тврдокорни и на други патриотски здруженија, да шири страв, да фрла националистички отров на јавните површини… Накратко, да се заканува со насилство ако пратениците – избрани на легални и легитимни избори – од парламентарното мнозинство решат да ја завршат конститутивната седница на Собранието, да изберат спикер и да формираат влада. Да го направат тоа што е предвидено во Уставот и законите и на што инсистира целиот разумен свет.

Откако „дознале“ дека во тајност се спрема нешто „демократско, пристојно и засновано на здрав разум“, што би рекол Доналд Туск, „лудаците“ тргнаа во офанзива: самоиницијативно формирање групи, правење списоци, спонтано собирање во пет часот… „Нема да дозволиме она што со години го градиме за граѓаните да биде уништено“, порача Никола Груевски, осомничениот за тешки кривични дела, кој со узурпацијата на власта уништи сè што со години се градело, особено на планот на демократијата.

Инспираторот и поттикнувачот на насилството (шамари…) сега не бира цена за да ја избегне правдата, односно да се спаси од робија. Не му е доволно тоа што ја држи во заложништво и партија и државата, туку реши да тргне во завршна пресметка.

Охрабрен од сознанието – толку пати потврдено во практиката – дека повикувањето на ум и „ѕвецкањето“ со разум во борбата против него и неговиот режим ја имаат силата на решетото во плашењето на мечката, диктаторот кој е на работ на нервен слом, реши да не прави никакви компромиси, особено не разумни, и пресече: Со динамит, да не го тупиме!

Извор: Слободен печат