Бунтот секогаш има смисла

10.04.2017 10:40
Бунтот секогаш има смисла

Ветерот се менува и тоа се чувствува на улиците на главните градови во светот. Во неделата стотици мирни демонстранти беа уапсени во Москва и Санкт Петербург откако илјадници луѓе се собраа на мирни протести против корупцијата. Слични сцени се одигруваа и во Минск, каде казнените такси за невработените ги изведоа луѓето на улиците. Во февруари, половина милион романски граѓани излегоа на улиците и ја натераа својата влада да се откаже од уредбата со која корумпираните политичари се ослободуваат од кривично гонење.

Во март, британските граѓани излегоа на три големи протести: на демонстрациите за спас на Националната здравствена служба (НХС) се собраа 250 000 луѓе; на маршот против расизмот 30 000; а на протестот за останување во ЕУ минатата недела се собраа 100 000 луѓе. Кога обидот на Доналд Трамп да го отповика Обамакер не помина во Конгресот, иако директен удар му зададоа бунтовните републикански законодавци, зад таа одлука стоеше силата на илјадниците луѓе кои излегоа на митинзите за да им испратат порака на своите претставници пред гласањето.

Поентата не е во тоа што „масовната акција успева“ – всушност, таа ретко успева самата по себе. Поентата е во тоа што таа секогаш има смисла. Поставувањето на сопственото тело на улица, на митинг или неговото уфрлување во полициско комбе – што викендов им се случи на стотици луѓе во Русија и Белорусија – создава моќ од која се ужаснуваат политичарите. Пример за тоа колку политичката класа се вознемирува кога луѓето го користат своето право на протест е твитот на пратеникот Овен Смит. Некогашниот кандидат за лидер на лабуристите не се придружи на протестот за Националната здравствена служба, но најде време – во моментот кога половина милион луѓе беа на улиците – да ги омаловажи со зборовите: „Значи така ќе ја спасиме службата – со марш? Секогаш мислев дека треба да се победи на избори и потоа пристојно да се финансира.“

Зад овој твит стои целата политичка филозофија. Луѓето кои го игнорираа неговиот совет и се придружија на маршот за Националната здравствена служба го сфатија она што овој изолиран технократ не го сфаќа. Масовната акција создава сопствена динамика; протестите можат да бидат масовни и далекусежни – иако, телевизијата и останатите медиуми им посветуваат малку внимание. Прво, собирањето во големи групи ви покажува дека не сте сами. И ви покажува какви се луѓето со кои споделувате слични идеи. На протестот за Националната здравствена служба, во голем број беа работниците од службата и корисничките групи. Во приватизираната и корпоративизирана Национална здравствена служба на персоналот практично му е оневозможено собирање. Заедничкиот протест на сестрите, лекарите и пациентите ги сруши невидливите ѕидови што ги раздвојуваа.

Во саботата се одигра масовен Марш за Европа. Се разбира, левите лабуристи и десните медиуми се натпреваруваа со саркастични забелешки, но, пред сè поентата на протестот беше луѓето да се пронајдат едни со други, да ја тестираат својата аргументација и да создадат и да ги променат пораките што ги испраќаат. Ако на сето тоа му го додадете искуството на отпорот спрема Трамп во САД, глобалната слика станува поинтересна. На 21 јануари САД ја доживеаја можеби најголемата масовна мобилизација во својата историја – околу 4,2 милиони луѓе протестираа против инаугурацијата на Трамп во градовите ширум Америка.

Социјалните медиуми ја засилуваат видливоста на мобилизацијата, но не само тоа: тие го интензивираат заедничкото искуство. Секоја група од 1 000 демонстранти на кој било протест во развиениот свет впрочем значи илјада јазли на мрежата која содржи десетици илјади други јазли. Тоа е движечка машина за споделување информации која работи постојано. Затоа, стеснувањето на правото на протест е првиот потег на секоја влада која сака да ја скрати демократијата. Путин ги забрани повеќето планирани демонстрации минатиот викенд, но протестите се случија без оглед на тоа. Во полициските комбиња се туркаа не некои храбри поединци без имиња и лица, туку луѓе кои имаат следбеници на Фејсбук и Твитер ширум планетата. Затоа протестите се важни и затоа треба да продолжиме – во име на отпорот кон растечката клептократија, расизмот и авторитаризмот на политичките елити.

Триесет илјади луѓе на улиците во медиумите добиваат живописна фотографија и краток опис на настаните. Затоа бунтовите и револуциите секогаш ги изненадуваат елитите и нивните медиуми. „Кога луѓето ќе одлучат да живеат“, напиша тунискиот поет Абу ал-Касим ал-Шаби, „паѓаат синџирите на неслободата“. Овој стих често беше споделуван за време на Арапската пролет.

Бунтовите се случуваат кога елитите толку го зголемуваат притисокот што голем број луѓе заклучуваат дека отпорот е единствената опција. Може да се направи нешто и со гласање: поразот на Герт Вилдерс во Холандија, понижувањето на Пол Нутал во Стоук на Трент и – се надеваме – пораз на Марин Ле Пен во Франција на 7 мај. Но, некои предизвици бараат од нас да ставиме розева капа или – како што направија луѓето во Русија – да ставиме брендирани патики околу вратот, да насликаме забавен знак и потоа сето тоа да го фотографираме и да го твитуваме со пријателите. Кога луѓето ќе одлучат да живеат, тогаш протестираат. А многу од нив тоа го прават оваа пролет.

27.03.2017

Извор: https://www.theguardian.com/