За невладините кои молчат: Молчењето е злото!

10.04.2017 10:58
За невладините кои молчат: Молчењето е злото!

Повеќе од 9 години, без прекин, секојдневно пишував, укажував, јавно говорев и на различни начини дејствував против овој тоталитарен режим кој ги урниса човековите права и слободи и демократските институции.

Уште на самиот почеток, кога од пишување преминавме на терен и заедно со ГЕМ држевме трибини ширум Македонија за Манифестот за Европска Македонија, бевме нападнати на 19.02.2009 година во Струга од група провокатори и фашистички силеџии кои ја прекинаа трибината.

Не им се исплашивме и наредниот ден одржавме трибина во Кичево. Пред трибината, имав чувство дека ќе се појават малкумина граѓани, од страв да не бидат жртва на силеџиски изживувања. Се излажав – салата се исполни до последно место. Една помала препознатлива група се обиде да ја минира трибината со лични навреди, клевети и подмолни инсинуации. Кога почнавме да дискутираме со нив и да ги разобличуваме нивните клевети, со гласни извици, навреди и негодувања излегоа од салата очекувајќи дека мнозинството граѓани ќе ја напуштат трибината. Но, убедливо мнозинство од присутните остана, и дискусијата продолжи во смирена атмосфера откако групата неуспешни провокатори ја напушти салата.

Сфатија дека не можат да нè замолчат ГЕМ-овци со сила и закани и почнаа со други методи. Почнаа со најгнасни пропагандни клевети дека сме биле грчки платеници, дека сме сакале да го смениме името, а најпосле водеа и долготрајна кампања дека сме поделиле по 50-60 илјади евра, дека сме сакале да го менуваме името, или дека сме ти биле дел од некаква стратегија за насилно уривање на уставниот поредок.

На сите клеветнички напади од највисоко ниво одговаравме со пресови, трибини, колумни, тркалезни маси, па и со тужби за клевета! Ништо не премолчувавме! И одевме на протести! Паметам, во екот на најжестоката кампања против ГЕМ, пишував графити против споменикот на Букефал и „Триумфалната Демир Капија“. И за графитите нè казнија тие што ги пишувавме, па што!

Нападите и обидите да нè замолчат не престануваа, туку добиваа во жестина и попримаа нови форми. Се обидоа да нè замолчат со судски и други кафкијански процеси. Замислете, Коља изгуби на суд од хејтерот Латас! Владе Милчин двапати го лустрираа во кафкијански процеси со подметнување изјави од други соработници на службите. Мене ме тужеше хејтерот и заканувач Миленко и ме доби на суд затоа што сум го нарекол „медиумски шарлатан“ и експерт за НЛО, пирамиди и владини политики! И Героски беше затрупан со тужби, и со Роберто и Мерсел беа секојдневно изложувани на клевети и смртни закани од пропагандистите на диктаторот. И никој од нас не престана да пишува, да се бори и да зборува ни во најклеветничката кампања, за која знаевме дека е диригирана од кујните на „началникот“ кој постојано нè прислушкуваше и следеше. Роберто Беличанец пишуваше дрско против „малите куриња“ со качулки на главите до последен здив!

Не престанавме да пишуваме и протестираме ни кога „началниците“ нè бркаа како колумнисти, ниту кога ги затвораа критичките медиуми каде што нè канеа, ниту кога ќе нè осудеа нивните полтронски судии на наместените процеси, ниту кога ќе ни испратеа силеџии со качулки на главите!

Затоа, не можам да го разберам молкот на невладините организации во овие моменти кога политичката криза се разгорува правопропорционално со говорот на омраза, а од демократските институции не остана буквално ништо!

Не можам да прифатам никакво оправдание за молкот на невладините организации во овие клучни моменти – ниту инспекции, ниту етикетирања, ниту закани, ниту клеветнички кампањи... Сето погоренаведено треба да е само мотив повеќе за продолжување со јавните критики и протестите.

Еве што сум напишал во колумната „Молчењето е злото“ (24.11.2010): “…протестирам против недемократскиот режим кој секојдневно ја загрозува слободата на критичката мисла. Протестирам против заканите врз новинари, против застрашувачките повици за ликвидација, против заканувачките кривични пријави за клевета од страна на „ликвидаторите“. Протестирам против генераторите на страв кои „храбро“ бегаат од критички дебати и соочувања со јавноста. Протестирам против јавниот линч на граѓански иницијативи, бранители на човекови права, пејачки друштва и „непослушни“ режисери. Протестирам против клеветничките кампањи кои произведуваат државни непријатели на големо и мало. Протестирам против лажните борци за името и идентитетот кои создаваат тоталитарна атмосфера за „конечна пресметка“. Протестирам затоа што молчењето не е злато. Молчењето е показател на злото. Протестирам, значи постојам!”

Ајде другарки и другари, нели е крајно време е да ги зајакнеме нашите гласови и да ги обновиме протестите против киднаперите на нашата држава, слобода и нашиот живот?

Извор: Фејсбук профилот на авторот
Мурали: Fintan Magee

Слични содржини

ОкоБоли главаВицФото