1023 hPa
87 %
8 °C
Скопје - Пон, 02.12.2024 10:59
Пред летот на Mexican airlines бр. 729
на линијата San Antonio International ‒ Mexico City
купувам еднократен брич од 69 ¢
во гифт шопот оти бев заборавила
дека во Мексико не сакаат влакнести
женски пазуви, но затоа сакаат жени
со влакнести нозе, па испланирав
да се депилирам пред слетувањето,
но стјуардесата ми даде погрешен влезен
формулар претпоставувајќи дека сум Мексиканка,
- што и сум! - така што морав
да протрчам низ преминот меѓу седиштата
и да ја замолам да ми даде влезен лист за граѓани
на САД, оти јас во суштина -
не знам како тоа би го објаснила?
ама за миг се најдовме над вулканите
и почнавме да се спуштаме во долината на Мексико Сити
така што потрчав назад
кон опашката додека авионот
сè побрзо се струполуваше кон одредиштето,
со нестрпливиот пилот кој брза накај дома,
сè до малецкиот авионски нужник,
каде што многу парови посакуваат coitus fantasizus,
а јас само набрзинка да се ослободам од своите подпазувести
грмушки пред авионот да слета на земјата
на los nopales, игнорирајќи го трепкавото светло
кое предупредува дека сме започнале со спуштањето;
полека се враќам и го врзувам сигурносниот појас
‒ сè на шпански се разбира ‒ во последен момент
за летот бр. 729 најпосле да ме испорача
во прегратките на мојата мексиканска фамилија
од татковата страна на семејството
и јас ги ширам рацете со мазните пазуви
како новородена душа неизвалкана од гревот
првобитен и ги прегрнувам како добро момиче
какво што мојот татко би сакал
тие да ме видат.
Превод: П. В.
Sandra Cisneros (1954), есеистка, прозаистка и поетеса, една од најценетите американски латино писателки и прва која кон средината на 80-ите покрај одличните критички оценки за делата доживеа и комерцијален успех, воведувајќи го во главната струја на американската литература, но и во самото јадро на етнички освестениот феминизам, гласот на една, како што вели самата, chicana, т.е. американска Мексиканка со снажен егзистенцијален белег на својата етничка заедница.
Нејзината мошне успешна стихозбирка My Wicked Wiked Ways (1987) ѝ овозможи во потполност да му се посвети на пишувањето.