Антиалбанството никогаш повеќе нема да носи власт во Македонија!

11.04.2017 10:11
Антиалбанството никогаш повеќе нема да носи власт во Македонија!

ВМРО-ДПМНЕ, партија киднапирана од една криминална структура, по којзнае кој пат во својата куса историја, го јавнала коњот на антиалбанството, овој пат не за освојување власт, туку за задржување на криминално узурпираната власт и избегнување на одговорноста за грабежот на столетието и за уништувањето на државата по секој основ.

Лажејќи ја јавноста дека Албанците и СДСМ ја федерализираат и делат Македонија, потпалувајќи ја јавноста со жесток говор на омраза против Албанците, против политичките противници од СДСМ и против неистомислениците во секој дел од општеството, токму оние кои ги поразија на последните избори и со силен граѓански отпор ги соголуваа криминалците во текот на сите овие години, киднапираната МВРО (Јанкулоска), доведена во стадиум на лудило (Ставрески), сака да ја втурне Македонија во крвава, меѓуетничка и меѓуверска војна, само за да се спасат нејзините началници.

Што е многу, многу е, макар и од МВРО-ДПМНЕ. Началници, Европа ви кажа дека е опасно да си играте со оган, вие не престанувате! Вашите сестрински партии од ЕПП ви велат итно да дозволите формирање на нова власт и да се реформирате, вие нејќете ни да чуете! Сте тргнале кон провалијата и сакате сите нас да нè свлечкате долу со вас. Е па, вака да ви кажам, што и да правите, за што сигурно ќе сносите одговорност, би било добро да знаете:

Додека од ваша страна доаѓаат муабети како „гасни комори“, „клетите Шиптари“, „чиста Македонија“, „Македонија на Македонците“, „Индијанци“, „Шошони“, „ватерполисти“, „племе“…, власт нема да видите никогаш повеќе во Македонија.

Додека не им се извините на Албанците за овие ксенофобични и нацистички политики, со кои го труете вашето членство, а од Албанците правите страшило за нашите сограѓани, нема да видите власт во Македонија.

Можете, узурпаторски и криминално, да го одолговлекувате „до миле воље“ конституирањето на Собранието и спроведувањето на волјата на мнозинството гласачи во Македонија, чиј глас треба да биде еднаков, а според вас, се брои поинаку. Можете фашистички да толкувате дека гласот на „убер-Македонците“, потврден и на „Македономерот“, вреди повеќе од оној на другите Македонци (за вас „одроди“ и „предавници“), Албанци, Турци, Власи, Роми, Срби, Бошњаци, Бугари… Поради такво „сфаќање“ на демократијата, што е всушност, фашизам, никогаш нема да дојдете на власт!

Зарем мислите дека оние, што се поинакви од вас, не ве гледаат и слушаат? Зарем мислите дека не им текнало, дека по „Шиптарите“, едвај чекате да почнете и со „клетите Турци“, „Цинцари“, „Србенди“, „Мусличи“, „Татари“….Тоа е вашиот секојдневен вокабулар, со кој бесрамно нè труете сите нас. Затоа, на власт нема да дојдете, никогаш.

Да знаете, особено со вашите сегашни постапки и гнасна реторика, не газите само врз оние кои гласаа за коалицијата предводена од СДСМ. Газите врз еден цел народ, втор по големина во Македонија, кој гласаше против хунтата на Груевски. Зошто? Затоа што знае дека Пастирот, неговата политичка филозофија и стратегија, од (во суштина) антиалбанскиот референдум во 2004-та (и тогаш Груевски спречуваше федерализација), преку доаѓањето на власт во 2006-та, па сè досега, постојано се базира врз антиалбанството и лажниот патриотизам.

А, Албанците, како што гледате, молчат и не возвраќаат. Не затоа што се плашат, туку затоа што го кажаа одговорот, на 11 декември: додека ве водат криминалци и потпалувачи на етничка омраза, особено кон Албанците, никогаш повеќе нема да видите власт во Македонија.

Десетици илјади Албанци, за првпат толку масовно, гласаа за партија од „македонскиот“ политички кампус. Десетици илјади други ги казнија, ги преполовија во гласови и ги маргинализираа ДУИ и ДПА, затоа што во кампањите и медиумите, пред гласачите се полни со големи зборови, национализам и патриотизам, а во праксата не сторија ништо против антиалбанските политики на нивниот партнер во власта, ниту нешто значајно за нивните секојдневни животни потреби.

Албанците се приклучија на огромното мнозинство граѓани на Македонија кои гласаа за менување на автократијата на Груевски и криминалците, кои ни ја уништија државата. Сите лидери на парламентарните партии на Албанците, во десетици изјави, деновиве а и претходно, потврдија дека стојат зад унитарноста на земјава и дека ќе ги бараат правата во рамките на Уставот на Македонија. А вие сте запнале со „Тиранската платформа“ и ги обвинувате дека се за поделба на земјата?! Зошто, затоа што дури и вашите довчерашни верни вазали не сакаат повеќе со вас, оти си ја разбраа пораката на гласачите?!? Лудило. Е, токму поради тоа лудило, кое сакате да го наметнете на целото општество, не смеете повеќе да дојдете на власт во Македонија.

Можеби мислите и сонувате дека со оваа игра, доколку издржите, на наредните избори и ќе го победите СДСМ. Особено, ако имате сè уште под своја чизма институции и механизми, односно, шанса да ги употребите вашите „методи“, кои добро ги знаеме, не само од „бомбите”. Можеби мислите дека ќе најдете и подобри партнери од Али Ахмети или Мендух Тачи во реализирање на вашата постојана антиалбанска агенда.

Но, ќе повторам, заборавате дека Албанците ви порачаа и на 11 декември, а и со анкетите потоа – тие веќе никогаш нема да гласаат во значаен број за послушници на МВРО. И, власт на ваква антиалбанска, хушкачка политичка структура, никогаш нема да има вистински легитимитет и поддршка кај Албанците. Затоа, веќе никогаш, додека сте вакви, нема да најдете партнер за ваша влада, дури ни со формулата „победник со победник”, оти ќе нема таков победник што ќе сака да коалицира со вас.

Би ви сугерирал, на оние разумните, доколку останал некој таков во оваа партија, бидејќи и онака сте навикнати да штанцате прогласи, манифести, отчети, програми, патокази „на кило“, да си размислите за еден нов манифест. Но, овој пат, треба да подразмислите што ќе напишете, и да ги земете овие работи предвид, ако сакате некогаш, секако откога ќе се исчистите од криминалците, да добиете шанса да бидете дел од некоја власт.

Како за почеток, доколку сакате да се излечите од удбашкиот синдром „МВРО“, акцептирајте го фактот (оние пописмените и повозрасните знаат) дека антиалбанството е најнеприродниот „имплант“ што ДПМНЕ му го прилепи на историското ВМРО, кое во своето револуционерно минато има само историја на соработка и сојузи со албанските револуционери и движења од доцниот XIX и раниот XX век, честопати дејствувајќи и борејќи се заедно против заедничките поробувачи. Ако не ми верувате, прашајте го авторитетот од оваа област, локалниот советник на вашата партија, а некогаш и министер, професорот д-р Владо Поповски.

Не знам дали разбирате дека прекардашивте! Можеби ќаривте краткорочно некој заблуден глас, ама затоа преминавте граница по која треба да следи суштинско покајание, или заминување во заборав. Оти, бидете сигурни, планот нема да ви се реализира, а на власт нема да дојдете, никогаш повеќе. Никогаш!

Извор: civilmedia.mk
Слики: Александар Јосифовски