Најрадикалната калуѓерка во Европа

11.04.2017 11:10
Најрадикалната калуѓерка во Европа

Бенедиктинската калуѓерка од Каталонија, Тереза Форкадес гостуваше во Филозофскиот театар на Среќко Хорват во Загреб по повод издавањето на нејзината книга „Вера и слобода“ на хрватски јазик. Преку шесте поглавја на книгата, насловени според канонските часови што го одредуваат ритамот на нејзиниот и на животот на уште 30 монахињи со кои го дели домот во манастирот на планината Монсерат во Шпанија, таа ги артикулира своите ставови за прашањата што ги смета за најзначајни за современиот човек.

Денес позната како најрадикалната калуѓерка во Европа, Форкадес се замонашила пред 18 години и нејзината досегашна биорафија се смета за една од најконтроверзните во современата Католичка црква. Истовремено, таа е верска и политичка икона која го спојува навидум неспојливото: острата критика на капитализмот, залагањето за правата на ЛГБТ заедницата, разобличувањето на големите корпорации и борбата за женските права со теолошките промисли.

Инаку, таа е лекарка, која на пошироката јавност ѝ стана позната 2009 година кога на Јутјуб постави шеесетминутно видео во кое ги објаснува разликите помеѓу јавната политика и објективните, стручни докази поврзани со вакцината против свинскиот грип. Видеото го гледале повеќе од еден милион гледачи. Во 2013 година учествувала во формирањето на политичкото движење „Procés Constituent“, кое се залага за антикапиталистичка и независна Каталонија, две години подоцна таа привремено се оддалечи од својот манастир за да може поактивно да се занимава со политика.

 

Денес ширум Европа сведочиме големи изборни успеси на десничарските партии, од Холандија, Данска и Германија, па до Србија. Повеќето од нив се ориентирани кон национализмот и популизмот и се противат на имиграциската политика и на ЕУ. Зошто луѓето гласаат за конзервативците?

Верувам дека национализмот е најголемиот проблем со кој се соочуваме денес. Сепак, на тој поим треба да му се пристапи многу претпазливо. Најчесто го поврзуваме со негативни конотации: омраза кон другите народи и наметнување на превласта на сопствениот народ. Сепак, себеси би се нарекла националист, но не во таа шовинистичка и пуристичка смисла. Би било смешно да тврдам дека мојата нација е подобра или поинаква од другите.

Национализмот би требало да ја подразбира идејата дека не сме индивидуалци, дека на локално ниво сме поврзани со други луѓе. Човек може да се поврзе со политичка партија, со Црквата или со некоја друга организација заради различни уверувања, но постои врска која е многу посилна и нема врска со нашата волја, а тоа е врската со нашите соседи. Сакале или не, соседите се тука. Верувам дека политиката на 21-от век нема да се придвижи кон поголема правда додека не сфатиме дека е невозможно парламентарците да се договорат, да пронајдат решение за проблемите и да тргнат напред, сè додека ние не го направиме тоа со соседите, без оглед колку се поразлични од нас. Така го гледам национализмот – како на предизвикувачка идеја која ме поврзува со личноста до мене, без оглед на мојот индивидуален избор. Верувам дека многу луѓе што гласаат за десно ориентираните партии, токму во тој контекст, во нивните програми пронаоѓаат одредена перспектива што би сакале да ја видат и кај левицата.

Во светот имаме повеќе примери на лево ориентирани партии кои го примениле принципот на потпирање на националното достоинство и оствариле изборни успеси, како на пример во Латнска Америка и Еквадор. За да ги поттикнеме луѓето на акција, во политиката се потребни и емоции, а не исклучиво апел да се размислува. Ако на десницата ѝ ја оставиме религијата и идејата за нацијата, луѓето ќе одат десно. Треба да се артикулираат наративите околу оние луѓе кои ќе имаат страст и кои ќе се поврзат со идејата на национализмот, но, се разбира, не во ксенофобична и шовинистичка смисла. Левицата треба да се ослободи од стравот од тие теми.

На почетокот на годинава, Финска почна двогодишен експеримент во кој на еден одреден дел од населението ќе му се дава безусловен основен доход. Што мислите за овој модел?

Според мене, таквиот начин на распределба на богатството не е идеален. Државата не треба да ги решава проблемите на граѓаните, туку тие мора самите да ги решаваат. Она што треба да го преземе државата е воведување на законска дерегулација што ќе го спречи фаворизирањето на големите корпорации и ќе им олесни на обичните луѓе. Во ваквиот систем луѓето не можат да започнат сопствен бизнис, индивидуален или кооперативен, бидејќи немаат доволно пари.

Имаме економска катастрофа која луѓето ги остава без опција, од една страна и држава која дава пари, од друга страна. Секако дека би гласала за безусловен доход зашто знам дека има луѓе што гладуваат и нешто треба да се направи околу тоа. Но, малку сум и несреќна зашто одиме во таа насока, наместо да ги зајкнуваме меѓусебните хоризонтални врски, или уште подобро, да ја направиме нелегитимна секоја сопственост што не се користи. Ако некој има илјада куќи и користи само една од нив, тоа значи дека 999 луѓе немаат ништо. Верувам дека левицата треба да биде радикална кога станува збор за акумулацијата на богатството, не треба да се плаши и да им прави услуги на големите капиталисти.

Иако е тешко да се постигне, решението во кое верувам е децентрализацијата – поместувањето на одговорноста кон обичниот граѓанин, кој не очекува спас од политичарите, туку е подготвен да преземе нешто во својата заедница. Дефнитивно, државата не треба да управува со капиталот, таков систем постоеше во Советскиот сојуз и се покажа катастрофален.

Италијанскиот филозоф Франко Берарди Бифо, кога гостуваше во Филозофскиот театар, ја истакна тезата дека луѓето ја користат технологијата во погрешни цели – наместо со нејзина помош да го редуцираме бројот на работните часови и да го подобриме квалитетот на животот, ние ја користиме за комуникација и тоа нè прави изолирани и отуѓени. Се согласувате ли со ова тврдење од позиција на лекар и од позиција на општествен активист?

Дефинитивно постои контрадикторност помеѓу тоа што луѓето работат многу повеќе отколку порано, а имаат машини што работат наместо нив. Се согласувам дека технологијата, ако се гледа низ призма на она што е добро за мнозинството луѓе, се користи погрешно. Од друга страна, ако се гледа низ призма на она што е добро за неколкумина кои ја зголемуваат својата приватна сопственост, тогаш сосема добро се користи. Исто така, сакам да укажам дека машината може да го зароби, отуѓи и дехуманизира човекот. Тоа е марксистичка теза, но така е. Човекот е емоционално и когнитивно битие и, според тоа, неговата работа би требало да е место каде што ќе размислува и чувствува.

Наместо тоа, ние се обидуваме човечкото битие да го споредиме со машината и да го натераме да фнкционира како машина – да не чувствува, да не размислува и само да работи. Тоа е причина за бројни фрустрации. Тоа е и една од причините што луѓето не се повеќе политички мобилизирани – ако сте работеле десет часови во денот на таква работа, да се мисли и да се чувствува може премногу да боли. Само сакате вашето семејство да има што да јаде. Станува збор за прилично очајни ситуации. Би спомнала еден случај на вработен во „Старбакс“. Компанијата ги зема податоците на потенцијалните вработени и им вели дека ќе ги контактира кога ќе им биде потребна работна сила. Луѓето остануваат во неизвесност и кога ќе ги повикаат од „Старбакс“, го прекинуваат своето секојдневие и одат да работат. По неколку изработени часови ги праќаат дома. Потребни ни се закони кои ќе ѝ оневозможат на која било компанија да ги тера луѓето да работат во такви нехумни услови.

Папата Франциско отворено го критикува капитализмот, тврди дека атеистите можат да одат во рајот и дека на жените што абортирале треба да им се прости. Од друга страна, локалните свештеници и понатаму се прилично конзервативни во врска со овие прашања. Мислите ли дека постои начин да се координираат ставовите помеѓу врвот и дното на хиерархијата во Католичката црква, кога станува збор за важните идеолошки и теолошки прашања?

Во црквата како и во општеството, промената никогаш не може да дојде одгоре кон надолу. Папата Франциско може да биде прогресивен колку што сака и тоа нема да зачи ништо, додека тие под него сè уште не се склони кон промени. Сепак, тоа не значи дека неговите ставови не се важни. Тој што е горе, не може да направи сè што сака затоа што тоа би било диктатура, но треба да ја отвори вратата, или барем прозорците, за да влезат новите идеи.

Неодамна напишав книга за папата Франциско и во тој процес дознав дека тој има многу интересна стратегија: тој нема да се обиде да ја покрене Црквата како целина бидејќи е премногу разновидна, туку ќе се потпре врз нејзината децентрализација. Порано Католичката црква била исклучиво европска организација, а денес само 22 отсто од нејзините припадници живеат во овој регион. На пример, во Европа е реално да се очекува просечниот припадник на Црквата да рече дека хомосексуалните односи не ги смета за грев, додека во Африка, ставовите на општеството се многу поинакви. Во согласност со тоа, папата Франциско ќе дозволи некои промени, на некои места. Тој не одлучува за промените, но може да ги поздрави ако доаѓаат од долу. Верувам дека прв таков пример ќе биде во Бразил со давањето дозвола на свештениците да се женат.

Во едно интервју за Би-Би-Си рековте дека откако сте се замонашиле три пати сте биле вљубени. Дали некогаш се посомневавте во вашиот животен пат?

Сексуалноста не е нешто што можете да го исклучите или вклучите по потреба. Кога го чувствував тој немир, помислив дека треба да престанам да бидам калуѓерка, но целото свое битие сум го ориентирала кон својата служба и заради тоа секое искушение ми помогнало подобро да се запознаам себеси и да сфатам како се чувствуваат „нормалните“ луѓе. Тоа што сум монахиња не значи дека знам како ќе се чувствувам во секој момент од мојот живот. Ниту едно човечко битие не совршено, па ниту јас не сум совршена.

Извор: Јутарњи лист

ОкоБоли главаВицФото