Дебата „Екстравагантни тела: Екстравагантен криминал – злосторство и казна“

12.04.2017 01:10
Дебата „Екстравагантни тела: Екстравагантен криминал – злосторство и казна“

„Екстравагантни тела: Екстравагантен криминал – злосторство и казна“ е темата на дебатата што се одржа во понеделникот, во ГЕМ клубот, како дел од платформата КРИК – фестивал за критичка култура, а учествуваа Љубомир Фрчкоски, Јелисавета Благојевиќ од Србија, Жарко Трајаноски, Елизабета Шелева, Ирена Цевтковиќ, Роберт Алаѓозовски, Анастас Вангели, Олга Мајцен од Хрватска, Вики Младенова и модераторот Славчо Димитров.

Основното прашање беше согледувањето на криминалот од етичките и идеолошките претпоставки на законските рамки до влијанието на научните и технолошките откритија, како и негово читање низ уметничките, книжевните и политичките наративи.

Што содржи нормата? Како се регулирани границите помеѓу криминалното и некриминалното однесувања? Постои ли општествено посакувано злосторство и во чија полза тоа се спроведува? Значи ли законот нужно и правда или постојат насилство и неправда кои се спроведуваат во име на законот? Кои се идеолошките претпоставки кои стојат зад општествените и законодавните регулации на криминалноста? Дали се законите доволни да го заштитат јавниот интерес, заедничките добра, сиромашните, маргинализираните заедници – ова беа дел од клучните прашања на дебатата.

Професорот Фрчкоски говореше со рефернци од психоанализата и рече дека рецентната расправа за правото што се одвива во развиениот свет воопшто не го допира нашиот контекст.

„Ние сме ставени во една предполитичка фаза изминативе десетина години и не одговараме на критериумите и предизвиците на правото кои се актуелни во неолибералниот свет. Затоа што кај нас во овој начин на бестијално партиско волунтаристичко владеење постојат две противречни тенденции: едната е она што се нарекува авторитарен процедурализам, една супернормативизација, тоа е всушност како Потемкиново село, кое треба да ја покрие практично комплетната волунтеристичка акција на државната администрација и партијата зад неа. Така што, тој раст е потполно абнормален, тоа е ситуација која е сосема различна од расправите за актуелните текови на правото. Во таа смисла, денешното дневно право, или правото како текст, не само што е сведено на огромна продукција, туку продуцира и извесен елемент на казнивост. Во завршните делови на законите се забележува енормна казнивост. Од друга страна, ноќното право е всушност право на неказнивост. Ние имаме култура на неказнивост, затоа така лесно ги убиваат кучињата, бидејќи некој може да убие луѓе и да помине неказнето. Се прават големи криминали и поминуваат неказнето или се борат да бидат амнестирани. Таа политика на неказнивост создава култура на неказнивост. Тој ноќен дел од правото е скриен зад една енромна нормативност создадена за прикажување пред европските експерти. За таа поделеност на ноќно и дневно право има безброј примери. Така, едни правила важат за прием на професори во УКИМ, но не важат во штипскиот универзитет. Правото ќе мора да се консолидира до ниво на стандарди, за да потоа може да зборуваме за неговите актуелни проблеми, со неговата желба да експандира и да се претвори во суперрегулација. Во таа смисла ние сме во предполитичка фаза“, рече Фрчкоски.
Тој зборуваше и за арбитрарниот карактер на правото и неговата подложност на идеолошко читање, со кое потоа се утвдрува што е право, а што криминал.

Професорката Шелева направи анализа на читањето на криминалот во книжевноста, односно на третманот на вината.

„Секогаш-веќе-кабает или виновен, прво на она ниво што го диктира христијанството, кое се базира на наративот на прародителскиот грев, односно на исконската престапничка перформативност што ќе си ја дозволат Адам и Ева, во однос на забраната на бог. Значи, преку Библијата го имаме вградено ова својство на секогаш-веќе-виновни. Втор наратив кој го прогласува субјектот како секогаш-веќе-кабает (виновен) е психоаналитичкиот наратив, заснован од Фројд, кадешто човекот е престапничко суштество и тоа во рамки на семејството, кое е претставено како латентно криминогена структура, тука имаме Едипови комплекси, ривалство помеѓу генерации, па имаме желба да се уништи ривалот итн.

Третото ниво е спрегата помеѓу државата и конститутивното насилство и поединецот како субјект и вградената вина.

Општеството е затвор, за да го објаснам ова ќе се послужам со последниот расказ на Кафка, се вика „Дувло“. Во него сведочиме за заложничката драма на едно животинче, не е именувано што е, најверојатно е од ние што копаат подземни ходници. Тоа е цело време опседнато со тоа дека некој ќе му влезе во тоа дувло, тоа не е претставително, ниту барокно, но страв му е да излезе и некој да не му ги ограби резервите храна. И тоа во ретките мигови кога излегува само да земе воздух, им завидува на другите животинчиња: види ги како се раат, си шетаат, си уживаат. Наскоро ќе престане и да излегува и потоа почнува да го слуша тоа од кое најмногу се плаши, звукот дека некој му ги ровари ходниците, односно дека некој ќе го нападне. Тоа е заложничката драма на модерниот субјект, тој е во затвор, но доброволно го чува и стравува за истиот тој затвор. И Албахари има кажано дека луѓето си градат мавзолеј додека се уште живи, робови се на своите станови, земаат кредити и сл.“, рече Шелева. Таа зборуваше и за тиранијата на бирократијата за сметка на креативноста и слободата.

Анастас Вангели, докторант на полската академија на науките, зборуваше за неподносливата леснотија и неизбежноста на моралното релативизирање кога станува збор за политичкиот криминал, односно политичките злосторства.

„Многу е лесно да се каже дека секој криминал е политички, зашто секој криминал е дефиниран од одреден од систем на вредности, структура и самиот акт на криминализирање е политички акт. Но политичкиот криминал го гледам дефиниран преку две главни карактеристики. Едната е неговата многу блиска врска со прашањето на полтичката моќ и односите на моќ и се интересирам за криминалот кој произлегува од политичката моќ како нејзин нус производ и злоупотребата на моќта, а во таа категорија влегува и криминалот кој директно ги засега тие интереси на моќта. Неговата главна карактеристика е токму леснотијата со која морално се релативизира, колку полесно се релативизира политичкиот криминал толку е пополитичка, а помалку криминална категорија“, рече Вангели.

Вики Младенова преку теоријата на Агамбнен се осврна на македонскиот контекст, односно на судбината на учесниците во протестите што се случуваа изминатите неколку години.

„Се случи криминализација на слободата на здружување. Сите знаме дека по протестот на 5 мај, 2015 година, 42 лица беа уапсени, а 12 беа притворени. Сите пртворени лица беа обвинети за кривичното дело спречување на службено лице да ја изврши службената должност. Со цел да бидат пуштени од притвор, јасно се покажа дека правото послужи како калкулација и со тоа предвиде дека притворените пред судот треба да ја признаат својата вина, дека на 5 мај ги спречиле полицајците да употребат, инаку, прекумерна сила и така сите притворени за да излезат за да излезат од притвор ја признаа вината и судот ги пушти во ехото на онаа реченица на Јозеф. К „ судот ништо не сака од тебе, тој те прима кога ќе дојдеш и те пушта кога си одиш“, рече Младенова.

Роберт Алаѓозовски обрна внимание на биоетичката перспектктива во светло на пронаоѓање начини на отпор против криминогената власт во Македонија која сè уште непречено владее.

„Биополитичката и биоетичката перспектива може да ни даде еден нов стимул во формите на протест. Во нашиот контекст може да се зборува за аспектот на екстравагантноста на злосторствто, на криминалот и во таа смисла на казната, второто е биоетиката и трето, сајбер панкот што одговара на нашиот контекст.

Ние во Македонија имаме проблем со нормализацијата, со нормалноста, со поимањето на она што е стандардно, па во однос на тоа треба да бидеме внимателни кога размислуваме во категориите на тоа што е екстравагантно.“, рече Алаѓозовски кој нагласи дека за согледување на ексравагантните навики на личностите од власта за стекнување на богатство, а потоа и катастрофалните економски политики кои водат директно во нарушување на животната средина со катастрофални последици се корисни перспективите на биоетиката и биополитиката“, рече Алаѓозовски.

Професорката Јелисавета Благојевиќ од Белград говореше за повеќеслојната криминализација која се вовлекува во различните аспекти на живеење.

Жарко Трајаноски рече дека во моментов во Македонија има стотици политички затвореници за кои никој не зборува зашто тоа е премногу трауматична тема.

„Имам впечаток дека ја избегнуваме главната тема, а тоа е темата за луѓето кои сега се во затвор, не само како политички, туку и како други невини затвореници. Овој систем, како и секој друг, произведува криминалци, меѓутоа, овој систем произведува политички криминалци за кои ретко кој се осмелува да зборува, дури ни оние коишто, по природата на нештата, треба да зборуваат, а тоа се борците за човекови права. Она што сме го сфатиле во текот на последните десетина години е дека навистина кога човек ќе се обиде да ја отвори оваа тема доаѓа до нелагодност и траума, луѓето не сакаат да слушаат. Темата е неинтересна и подобро е да се кажува нешто друго отколку да се праша зошто сè уште е во затвор Велија Рамковски, а не е во затвор Латас или неговиот газда Ѕинго. Што е разликата помеѓу нив двајцата, односно едниот треа да биде затвор, а другиот е прашање дали треба да биде во затвор. Секој којшто на некој начин го предизвикал овој режим, го почувствувал буквално на своето тело.“ Тој потсети на телата на оние што беа тепани на плоштадот 2009 година, на телата на оние пратеници кои беа влечени во Собранието во 2012 година, на телото на Мартин Нешкоски и други.

„Сè додека во Собранието седат криминалци кои се во можност да носат закони, сите вие сте во опасност да бидете криминализирани“, рече Трајаноски.

Ирена Цветковиќ анализираше една полициска акција за „сузбивање на улична проституција“, во која сексуални работници кои, според законот, не се криминалци, стануваат криминалци.

„Она што ме интересираше е на кој начин државниот апарат се мобилизира во идејата навидум да го заштити народот или општата јавност од зарази, а всушност целиот државен апарат се мобилизира, во сета своја екстравагантна сила, за да одново ја воскресне идејата за едно морално и материјално чисто, здраво македонско општество.“

 Оваа критичка расправа се одржа во соработка со Кооператива – регионална платформа за култура.

„Екстравагантни тела“, е покрената како теориско-уметничко-политичка платформа, која се занимава со начините на кои општеството ги одредува границите на нормалното и патолошкото, без разлика дали станува збор за телесното, политичкото, општественото, идентитетското, идеолошкото или социо-културното. Целта е на комуникативен начин да се презентираат проблемите кои ја обликуваат нашата општествена стварност, а кои ретко се читаат од перспектива на криминал и да се разговара за оние толковни перспективи на прашањата за криминалот кои таа област со себе ги повлекува.

„Екстравагантни тела“ е меѓународна трансдисциплинарна платформа, покрената од Контејнер (Република Хрватска) и Киоск (Република Србија), а од годинава и во партнерство со Контрапункт – асоцијација за развој на критичка теорија, социо-културен активизам и современи уметнички практики, од Скопје.