Германија и Франција: предизборни динамики и неочекувани трендови

12.04.2017 11:00
Германија и Франција: предизборни динамики и неочекувани трендови

Откако на холандските избори „популистичката“ закана беше избегната со „популистички“ средства, европското политичко внимание се насочи кон претседателските избори во Франција, чиј прв круг се одржува за две недели и парламентарните избори во Германија закажани за септември. Како и во холандскиот случај, централниот наратив се врти околу дофатот на десната закана за политичката стабилност и „европските вредности“. Но, промените во анкетните расположенија на избирачите се повеќе го лишуваат тој цивилизациски клуч за читање на трендовите од аналитичката уверливост.

Германската верзија на таквата десна закана, Алтернативата за Германија (АфД), чиј раст на популарноста во време на таканаречената бегалска криза се закануваше со тектонска промена на политичкото поле, западна во голема криза. Нагризана од внатрешни конфликти, партијата потона во однос на популарноста и според последните анкети се наоѓа под 10 проценти поддршка. Истовремено, порасна популарноста на социјалдемократите (СПД) откако како свој кандидат за премиер го претставија Мартин Шулц, поранешниот претседател на Европскиот парламент. Токму бриселската кариера и релативната неинволвираност во внатрешната германска политичка динамика, му овозможија на Шулц „веродостојно“ да најави социјален пресврт во политиката на СПД, иако токму таа партија со реформата на пазарот на трудот и другите мерки од 2000-те години, впрочем им го зададоа клучниот удар на работничките права и социјалната држава. Засега, се чини дека во Германија се врати посакуваниот баланс помеѓу партиите од центарот: СПД и Христијанско-демократската унија (ЦДУ) на канцеларката Меркел, кои во моментов се изедначени според анкетите.

Неизвесната иднина на партиите од центарот

И додека предизборната динамика во Германија се врати во „нормалната“ рамка, онаа во Франција сè повеќе сугерира важна промена во поделбата на улогите во рамки на политичкиот спектар. Најпрвин, тоа се однесува на судбината на централните партии, францускиот пандан на ЦДУ и СПД, републиканците (ЛР) и социјалистите (ПС). Ни едните, ни другите не успеаја да пронајдат кандидат кој би ги обединил силите на центарот во борбата против главната закана: кандидатката на Националниот фронт, Марин Ле Пен. Кандидатот на републиканците и поранашен премиер, Франсоа Фијон, впрочем својата претседателска кампања ја заклучи со корупциски скандал, додека кандидатот на социјалистите, Беноа Хамон, претставник на левото крило на мошне дестабилизираната партија, не успеа да се наметне како респектабилен кандидат.

Има две веројатни причини за тоа. Од една страна, не успеа да ја присвои улогата на центристичка брана за напад од десно, туку таа улога му припадна на независниот кандидат и поранешен министер за економија Емануел Макрон. Моментално изедначен во анкетите со Ле Пен, помеѓу 23 и 24 проценти поддршка, Макрон стана отелотворение на надежта на политичкиот естаблишмент. Но, додека неговата и поддршката за Ле Пен стагнира или полека опаѓа, расте популарноста на кандидатот од левицата Жан-Лук Меланшон кој достигна 18 проценти анкетна поддршка и со тоа му ја истурка на Хамон и втората опција од раката, да се профилира како кандидат од левицата. Подемот на Меланшон, на минатите избори кандидат на Комунистичката партија, а сега кандидиран пред движењето „Непокорена Франција“, ја доведува во прашање зацртаната и неминовна поделба: стабилен центар наспроти популистичка крајна десница.

Иако, според моменталните анкети во вториот круг влегуваат Ле Пен и Макрон, до самите избори уште многу нешта може да се променат. Исто така, анкетите предвидуваат и релативно убедлива победа на Макрон во вториот круг. Но, и понатаму треба да се биде внимателен со прогнозите. Единственото што се чини релативно извесно е неизвесната иднина на главните партии: републиканците и социјалистите.

Извор: http://www.bilten.org

ОкоБоли главаВицФото