Случајот со куклите

12.04.2017 15:17
Случајот со куклите

Гледам 25 илјади дефектни кинески кукли,

Кои како динамичен грашок паѓаат од неколку

На граница грабнати возови. Тие

Ги заземаат кафулињата, пазарите и моловите. А потоа

На улиците ги изнесуваат полските кујни и започнуваат

Да послужуваат чорбиче од пластични тетрапаци и ген-

Модифицирана соја. Нашата војска е во збрка,

Не можеш да им наштетиш на кукли: изолираниот противник,

Расечен на делови, за миг станува неколку нови

Цели кукли, се прекрива со неопходното пластично тело

Во една секунда. Застрелани, отскокнуваат пар метри

И одново се подигаат. Не им открија ниеден витален орган.


НАТО војската за брзи интервенции веднаш доаѓа,

Но само ги зазема, по наредба на командата,

Позициите по границите на државата, изолирајќи ја

Како своевидна заразена зона. Неколку кукли фатени

Од специјалците со авиони ги префрлаат во тајна лабораторија

Во околината на Минхен, каде што, после низа ургентни експерименти,

Се покажува: куклите не реагираат на радијација, ги исфрла од строј

Само врелина во распон од 150 до 200 Целзиусови степени.


Јасно е дека таквата огнена атмосфера истовремено ќе спржи

Сè наоколу. Во меѓувреме во освоената држава

Куклите воведуваат суров режим - на сите програми

Се емитуваат само куклени црно-бели цртани од 60-ите,

Истото во кината, театрите, клубовите и на другите

Јавни места. Тие се покажуваат во придружба

На стилизирани хиероглифи во огледалски одраз. Затворени се

Сите ковачници и котларници, јавните капалишта и другите места

Со висока температура. Започнува глад, цените под тезга

На достасаните производи се астрономски, декемвриското студенило

И дождовите животот го прават неподнослив. Сите патишта

Се покриени со немилосрдните џуџести патроли. Тие не реагираат

На студенилото, а од нивните црни очиња-копчиња се чита само

Едно - рамнодушен презир. Нацијата е на раб да пропадне,

Комитетот за спас, скриен во северните мочуришта, дава наредби,

Повици и согледувања кон НАТО државите-сојузници и кон светската

Заедница. Но ситуацијата е сосема непредвидлива и светските

Лидери заземаат демнечка позиција. Куклени филмови

И хиероглифи, куклени филмови и хиероглифи. И патроли на сите

Едвај проодни патишта. Што во таква ситуација ќе направиш

Ти, поклонику на Волт Дизни и на невоспитаниот волк во панталони

Со шарени риги, не би ли докажал дека си маж и бранител? Мозокот работи

Триста на сат, но засега нема ни една соодветна идеја. Црташ сини

Зајци и жолти лисици, зелени елки, лилјакови облаци врз штукатурата

И бетонот во реоните за спиење. Ги расфрлаш во боја

Испринтаните прикази на Портокаловиот пантер. Но одеднаш гледаш

Поворка луѓе кои излегуваат од повеќекатниците со печки-котлованки,

Поставени на обични свртни пунктови. Токму таму немилосрдно

Ги уфрлаат куклите. Веста за новото оружје се шири моментно, срамнети се

Сите преостанати продавници со бела техника и со камини. Дел од печките

Исфрлаат и авионите и хеликоптерите на НАТО воздухопловството.


Луѓето построени во долги редици ги прочешлуваат своите квартови

И одат понатаму - до победничкиот крај. На секои

Неколку луѓе - еден пункт со подвижна печка. Лицата

Им се покриени со пластична саѓа и со среќа. До Божиќ

Во принцип сè ќе биде готово, НАТО војската и остатоците од

Локалната војска доаѓаат во државата и ги судат на прогонство

Последните неколку стотици избезумени дефектни кукли.

Владата од командниот пункт го уверува целиот свет дека

Нема никаква врска со грдиот инцидент. Покрај сето тоа,

Увозот на пластични производи е строго ограничен. Повторно

Влегуваат во мода куклите од волна и крпчиња.


Луѓето слават Божиќ. „На што ве подучи целава приказна?“, прашуваат

Новинарите на BBC и Ал Џезеира. „Нè подучи да ја споделуваме топлината

И да го одржуваме огнот“, одговараат. Сите локални расни и национални

Конфликти се заборавени, започнува процут на занаетите и екологијата.

Меѓутоа, возовите во државата опремени се со системи

На автоматско палење и поради тоа, без да се користат со популарноста,

јурат по шините, празни, со слабо осветлени прозорци.


Слики: Кирчо Арсовски
(Сликите се земени од книгата на К. Арсовски, Are you schizoid?; Темплум, 2017)
Превод: П. В.

Сергеј Тимофеев е латвиски поет, новинар, преведувач и диџеј со руски израз. Живее во Рига. Член е на Орбита, креативниот колектив на руските поети и уметници во Латвија (Летонија). Еден е од пионерите на видео поезијата во Русија. Автор е на шест поетски книги. Песните му се преведени на петнаесетина јазици.

ОкоБоли главаВицФото