Легализација на медицинската марихуана - сега знаеме што била работата

13.04.2017 09:32
Легализација на медицинската марихуана - сега знаеме што била работата

Се изначудив кога лани, без никаков повод и причина и со ништо непредизвикан, одеднаш Груевски почна да кажува како требало да се размисли и тоа „добро“ за легализација на марихуаната за медицински цели. И тоа, ова се случуваше насред политичка криза и стануваше збор за прашање кое не се оценува баш многу позитивно од неговата конзервативна база. Настрана фактот што немаше никакви јавни притисоци, побројни медиумски написи или организирани лобирања за оваа работа. Немаше ништо. На момент помислив дека можеби сака да им се додвори на помладите гласачи и да ја ослабне Шарената револуција, арно ама оваа теза ми делуваше неубедливо.

Сега е јасно за што станувало збор. Како што е јасно и за што НЕ станувало збор. Односно сега е јасно дека Груевски воопшто не е заинтересиран да им помогне на пациентите кои боледуваат од некој вид тумор или глаукома, кај кои марихуаната делува смирувачки или кај пациентите заболени од епилепсија кај кои делува лековито. Тоа воопшто не го интересирало. Токму затоа производите од марихуана до ден денешен се прескапи и надвор од дофатот на најголем број пациенти.

Власта, всушност, подготвувала зделка со странски производител/инвеститор, а за такво нешто да може да се спроведе неопходно беше да се сменат некои закони за марихуаната, нејзините семиња и прекурзори да можат да се поседуваат, одгледуваат, дистрибуираат и продаваат легално. Тоа е она што било најважно, односно единствено важно.

Извор: Фејсбук профилот на авторот