1011 hPa
88 %
14 °C
Скопје - Нед, 06.10.2024 02:04
Зошто жените лажат за своите години повеќе од мажите? Почнувајќи од навидум наивно прашање, Сузан Сонтаг во 1972 година го истражила она што го нарекува „двоен стандард за стареењето“. Кога станува збор за привлечноста, постојат два маскулини модели, „млад маж“ и „зрел маж“, наспроти само еден женски – модел на „млада жена“. Тоа е дотолку општо прифатено, особено во средните и високите класи, што жената со годините троши сè повеќе енергија (ако е во можност, и пари) за да се обиде да го задржи привидот на младоста. Но, обезвреднувањето на постарите жени не произлегува само од нивното оддалечување од младешкиот стандард на убавината, туку и од тоа што стареењето едноставно им ги намалува шансите да бидат помлади од потенцијалните партнери. Таа норма на јаз на возраста им овозможува на мажите подоцна да имаат потомци и прави да се чувствуваат сигурни дека кога ќе остарат ќе ја добијат потребната нега од своите поподвижни партнерки. Обраќајќи им се на жените, Сонтаг покажува дека тие би можеле да имаат корист од тоа „да ја кажат вистината“, да „дозволат на нивното лице да се види животот што го проживеале“, односно да се еманципираат од нормата на култот за младоста.
Во моментот кога се појави овој текст, северноамериканското и западноевропското феминистичко движење беше во полн ек. Меѓутоа, феминистичкиот пристап за возраста и стареењето останал маргинален во текот на седумдесеттите: барањата се фокусирале на контролата на раѓањето, на работата, на слободата на движењето или на слободата да ја живеат својата сексуалност. Во Франција дури во 2000-те години почнува сериозно да се анализира односот на сексизмот и ејџизмот.
Беноа Грул и Терез Клер, двете починаа 2016 година на возраст од 96 односно 88 години, спаѓаат меѓу теоретичарките и активистките кои настојуваа да го политизираат сопственото стареење од феминистичка перспектива. Беноа Грул била ќерка на богати и либерални капиталисти, поврзани со париските модни кругови. Терез Клер, пак, потекнува од ситнобуржоаско, трговско семејство, католичко и традиционалистичко. Грул завршила книжевност, работела како наставничка, а потоа како новинарка, додека Клер, која се школувала како шапкарка, станала домаќинка. Како и да е, двете дополнително ја опишале првата фаза од својот живот како период обележан со товарот на домашните и мајчинските аквитности (првата имала три, а втората четири деца), извесна осаменост во секојдневниот живот, анксиозност поврзана со новите бремености како и, во случајот на Грул, искуство со илегални абортуси. Вториот период го дефинирале како „ренесанса“, во голема мера поврзана со откривањето на феминизмот.
Откако го оставила сопругот, Терез Клер, на возраст од 41 година, се вработила како продавачка во голема продавница за да заработи за живот. Со помош на Движењето за ослободување на жените (Mouvement de libération des femmes, MLF), открила љубовно и сексуално задоволство надвор од рамките на хетеросексуалниот брак и се оддалечила од религијата. Во Монтреи, каде се доселила со децата, станала познато лице на локалниот феминизам. Таму, во 1997 година воспоставила простор за феминистички дискусии и засолниште за жени жртви на насилство, кое од 2016 година се нарекува „Женска куќа – Терез Клер“.
Беноа Грул, пак, во педесеттите го запознала својот трет и последен брачен партнер, новинарот Пол Гимар, „заразен“ со феминистичките идеи, кој ја охрабрува да пишува. Подоцна, читањето публикации поврзани со движењето на жените ќе ја примами да ги демистифицира нормите кои управувале со нејзиниот изминат живот. Нејзината книга од 1975 година Ainsi soit-elle, продадена во повеќе од милион примероци, е комбинација од критика на нејзиното буржоаско феминистичко образование и синтеза на истражувања за еднаквоста на половите во светот. Им се обраќа на не толку младите активистки на Движењето за ослободување на жените, колку на педесетгодишните кои, главно, останале надвор од движењето. На возраст од 55 години, Грул се вклучува во институционална борба за женските права. Од 1984 до 1986 претседава со одборот за феминизација на имињата на занимањата, степените и функциите и ја поддржува борбата за полова еднаквост во политиката во периодот од 1990 до 2000 година. Како успешна новинарка, есеистка и романсиерка, блиска до Социјалистичката партија, која во зависност од годишното доба, живее во својот париски стан или во куќите во Бретања или Прованса, Беноа Грул во 2000-те години сигурно не му припаѓа на истото општествено милје како Тереза Клер, која живее скромно во мал стан во Монтреи и се согласува со слободарската и самоуправна мисла. Меѓутоа, ангажманот околу женското прашање двете ги навело преку феминистичката призма да го преиспитаат сопственото стареење.
Беноа Грул
Беноа Грул, уште од 1986 година активистка на Здружението за право на достоинствена смрт, ја поврзува битката за еутаназија со феминистичките борби за слободно располагање со сопственото тело. Освен што покажувала интерес за социополитичкиот развој на светот, преку своето пишување ѝ се посветила и на потрагата по секојдневни сетилни задоволства, на копнежот за физички напор кој морала повторно да го усклади или прилагоди со трансформациите на своето тело со стареењето, како и склоноста кон контемплација на пејзажи, особено рурални или морски.
Имплицитните ограничувања
Оваа жена била дарувана со добро здравје, па до крајот на животот можела да ги извршува секојдневните активности и да го избира своето место на живеење, но како треба да стареат оние кои ја немаат истата среќа и веќе не се во можност да извршуваат некои од вообичаените работи? Што може феминизмот, како колективна мисла за слободата на располагање со своето тело, кога телото слабее и пропаѓа? Во изминатите 60 години, Терез Клер, покрај работата и грижата за своите внуци, пет години морала да се грижи за својата тешко болна мајка. Многумина често се наоѓаат пред таков предизвик, најмногу жените, кои истовремено играат улога на помошнички за своите потомци и предци. Еден од мотивите на Терез Клер за планирањето на проектот Куќата Бабајага (Maison des Babayagas) кон крајот на деведесеттите бил да избегне и самата да им биде товар на своите деца.
Таа установа требало да биде самоуправен старечки дом, заснована на начелото на заемна помош и солидарност на членките, а била предвидена за жените од генерацијата на Терез кои долго биле домаќинки или работнички на половина работно време, па располагале со мошне скромна пензија. Куќата Бабајага е основана 2012 година и во секој аспект не им одговара на замислите на својата основачка (доделувањето сместување на членките е во рацете на јавен наемодавач, а не на нејзините станарки), но сепак е место на активистички настани. Често е домаќин на Унисави (Université du savoir des vieux), народен универзитет кој ги обединува борбите и знаењата кои се однесуваат на староста. Се дискутира за самоуправувањето, социјалната и солидарна економија, феминизмот и стареењето на мигрантите, или дури за сексуалноста на постарите.
Во документарецот од 2005 година, Беноа Грул го евоцира своето искуство за стареењето: првите знаци на сопственото стареење ги забележала во однос на другите. Кога станува збор за неа, се чувствувала „еднаква на себеси“, и покрај тоа, во одредени аспекти поенергична отколку во претходните животни периоди. Сепак, видела како се менува ставот на другите кон неа, дека се развива некаков облик на рамнодушност, сочувство и понекогаш едвај прикриен презир. Преку зборовите и гестовите чувствувала дека веќе не ѝ е местото на вообичаените друштвени настани. Ја освестило тоа што тие се организираат со имплицитни возрасни ограничувања.
Во нејзиното блиско милје, книжевноста, претставите и политиката, во кое многу мажи на нејзина возраст се заедно со многу помлади жени, исто така почнала да го чувствува своето стареење како некаков облик на стигма – чувство кое нејзиниот маж, на иста возраст, сè уште не го допирало. Чувствувајќи се немоќна да ги промени правилата на игра, посегнала по естетски зафат: „Не гледам зошто феминистките не би имале право да го користат медицинскиот напредок. [...] Грижата за убавината самата по себе не е антифеминистичка“, се оправдувала. Терез Клер не се развивала во истото општествено милје и се чинело дека брчките не ја спречуваат да заведува мажи и жени сè до поодмината возраст. Таа несомнено би ја почитувала желбата на Беноа Грул да покаже онакво лице какво што нејзината околина го смета за поубаво, но би додала дека сите жени немаат финансиски средства за да побараат спас од скалпелот.
Во Куќата Бабајага се настојува да се измени концептот на „убавината“. Терез Клер се интересирала за уметничките дела кои прикажуваат тела кои стареат и планирала да организира „фестивал на патерици“ (festival des cannes) кој би ги прикажувал најдобрите филмови кои се занимаваат со староста. Со неколку „Бабајаги“ учествувала во кореографската точка провокативно наречена „Стари кожи“, за која се измислени танцувачки движења прилагодени на субјективната ситуација на многу старите лица. Размислувала за облеката, парфемите и накитот кои можат да го разубават телото на постарите жени, а чија единствена цел не би била да ги прикријат знаците на годините. Во октомври 2015 година, со учениците од школата за применета уметност Eugénie Cotton во Монтреи, организирала модно дефиле во кое модели биле „Бабајаги“. Блескавите фустани, широки и обоени, кои ги изработиле учениците од остатоци од ткаенини што ги оставиле големите трговци од париската четврт Сентие, ги носеле жени постари од 80 години, меѓу кои и Терез. Со мешавина од несмасност и самоиронија, го имитирале конвенционално гордиот чекор на манекенките: престари за таа игра, ја искористиле оваа ситуација за да се подбиваат со стандардите, пред разочараните и вознемирени погледи на гледачите и гледачките од сите возрасти.
Терез Клер
Традиционално, жената што не ја крие својата старост и која смета дека (сè уште) има копнеж, вознемирува или предизвикува гадење, дури и повеќе од мажот. За колективно да ја доведеме во прашање оваа анксиозност, ни требаат „старици кои копнеат“, кои излегуваат од ормарот во кој им е наложено да останат скриени. Провокативна според своите милитантни акции, своето одбивање на каков било еуфемизам кога зборува за бедата на староста, своите експлицитни референци на сексуалноста на постарите лица и својата енергична волја да го промени светот, Терез Клер ја прифатила улогата на демонстрант против поредокот на возраста. Кај оние кои биле малку помлади, успеала да поттикне, во рамки на интимната анксиозност, ако не желба тогаш некаков облик на љубопитност за таа необична надоаѓачка етапа: староста.
Во таа смисла никако не станувало збор за избегнување на фактот дека телото слабее, ниту за негирање на стравот заради приближување до последниот момент. Но, додека Беноа Грул како писателка настојувала што подлабоко да го сфати своето искуство и литерарно да го обликува, односот на Терез Клер спрема староста најпрвин бил политички: во таквиот дискредитиран статус видела поволна позиција за преиспитување на одреден број општествени норми кои вршат директна принуда над оние „во најдобрите години“. Ја сметала староста за соодветен момент за оспорување конкретни настани, ејџистичката организација на општеството и да ја доведе во прашање бинарноста: активност/неактивност, совршеност/слабост, автономија/зависност.
Ширењето такви експерименти самото по себе е пат натрупан со пречки. Но, кога сè е организирано така што еден дел од популацијата ќе ја прифати идејата дека е „престар“ за да придонесе за (ре)продукција на општеството, а можеби и негово преиспитување, сè уште е потребно да се развијат простори за општествена критика во кои се добредојдени оние чија „карта веќе не вреди“.
Илустрација: Indira Cesarine