Режимот бара непријатели

13.04.2017 23:33
Режимот бара непријатели

Зошто унгарската влада го спроведува овој обид за гушење на ЦЕУ и како тој обид се вклопува во пошироката агенда на Орбан за воспоставување либерална демократија?

За причините можеме само да погодуваме. Режимите какви што се овој на Орбан во Унгарија, на Путин во Русија или на Вучиќ во Србија, се раководат според критериуми за рационалноста кои им се познати само на нив. Она што се гледа јасно е континуитетот за создавање непријатели. Најлогично се чини она објаснување кое вели дека Орбан во 2014 година самиот го согледал сопствениот пад и рејтингот на Фидес, и почнал да бара нови мети на омраза, за поефикасно да се претстави како заштитник на нацијата. Бегалската криза во 2015 година одлично ѝ послужи на целта. Но, кога темата „бегалска закана“ се излити, во 2016 година се разгоре нападот на „организациите на Сорос“ како експоненти на либерализмот. ЦЕУ со месеци беше мета на режимските медиуми, па ова што се случи сега е само законска формализација на една долготрајна идеолошка кампања.

Каква е состојбата со автономијата на јавните образовни институции во земјата?

„Либералната демократија“ никого и ништо не остава на мира, па ни јавното образование не е исклучок. Сепак, притисокот на режимот врз високото образование досега не беше толку изразен каков што е случајот со медиумите и сферата на културата. Ние во ЦЕУ инсистираме дека овој напад врз нас не е само пресметка со „факултетот на Сорос“ – впрочем, се работи за отворање фронт против автономијата на универзитетите во Унгарија. Многу е важно што многубројните унгарски научни и високообразовни установи – академијата на науките, универзитетите, катедрите, научните институти – го кренаа гласот против овој напад, пружајќи ни отворена поддршка. Благодарни сме им на унгарските колеги за тоа.

Каква е силата на опозицијата на Фидес?

Унгарскиот политички режим долго функционираше како еден вид проширен двопартиски систем, со Социјалистичката партија и Фидес како стожери кои околу себе ја собраа „левата“ и „десната“ страна од политичкиот спектар. Тоа се промени по изборите во 2010 година, кога Фидес освои апсолутно мнозинство. Социјалистичката партија, компромитирана со годините лошо владеење, денес едвај се одржува над 10 проценти поддршка. Некогаш силната либерална партија веќе и не постои како релевантна политичка сила. Ниедна нова политичка партија не успеа да се наметне како кредибилна алтернатива. Фидес практично ја концентрираше политичката, економската и социјалната моќ. Уставот од 2011 година во голема мера ги обесмисли демократските механизми на владеење на правото и поделбата на власта. Граѓанското општество е изложено на постојани притисоци и закани и неговите организации не се во состојба да се организираат за отпор кон режимот.

Еден ден по новинарската конференција на ректорот на ЦЕУ во Будимпешта беше отстранета статуата на марксистичкиот филозоф Ѓерѓ Лукач. Ако тој потег го разбереме како демонстрација на антикомунизмот на владејачката партија, а нападот на ЦЕУ како напад на симболот на западната либерална демократија, како би ја дефинирале идеологијата на Фидес?

Се работи само за една верзија на современ популизам. Сето тоа би било до немајкаде досадно ако не ги погодува животите на луѓето. Зборувајќи и дејствувајќи во име на имагинарното, „народот“ сведен на безлична маса, режимот заговара интеграција околу „нашите автентични добра“ (славното национално минато, христијанството, семејните вредности итн). Во следниот чекор, режимот ги идентификува оние кои не се вклопуваат во така дефинираното единство и ги прогласува за непријатели. На „пронаоѓањето и чистењето“ им нема крај – тоа е дијалектика на популистичката реалност. Никогаш не е доцна да се исправи историскиот пропуст и да се протера комунистот Лукач, или да се удри по „либералите“ како ЦЕУ, кои зборуваат за приматот на човековите права, го бранат правото на ЛГБТ популацијата на човечко достоинство, организираат посебни курсови за бегалците и ја трујат младината анализирајќи го феминизмот, Роулс, Маркс или политичкиот ислам. Истовремено, во центарот на Будимпешта непроблематично стои бистата на адмиралот Миклос Хорти, а на десничарските митинзи исто така непроблематично се веат црвено-бели знамиња кои многу потсетуваат на она што го користеше Партијата на стреластите крстови, која владееше со Унгарија во 1944 и 1945 година.

Извор: http://www.portalnovosti.com/

ОкоБоли главаВицФото