„Да го поздравиш и да ми го бациш“ – шлаканица за секој цензор на театарот и слободната мисла

14.04.2017 09:16
„Да го поздравиш и да ми го бациш“ – шлаканица за секој цензор на театарот и слободната мисла

Минатата вечер на ИТФ „Лица без маски“, конечно ја изгледав веројатно најуспешната театарска претстава и претставата за која е најтешко да се најде билет – „Да го поздравиш и да ми го бациш“. И мене ме чудеше истото – зошто публиката се тепа за билети, а Македонија не е земја која може да се пофали со театарска култура? Зошто секој, ама баш секој кој го прашав за впечаток од неа, ми кажа: „Мора да ја гледаш!“? Затоа што е тешко да не се пронајдеш во неа, ете затоа.

Млад и надежен актер, угнетен од системот, збунет, без поддршка… Помлад човек во Македонија. Секој. Ова е претстава за секој кој беше дел од студентските протести, од Шарената револуција, од која било форма на отпор. Ова е претстава за секој кој се надевал и сонувал, за секој „Џонатан Ливингстон“ кого системот го отфрлил бидејќи е поразличен, бидејќи е визионер. Бидејќи има храброст да проба и каже нешто што другите порадо би го закопале далеку во себе и би се претопиле во шаблонот на нивната заедница. Претстава за секој кој имал желба или идеја, но системот му се срушил врз глава и на секое застанување на нозе, повторно го удирал сè дури нозете веќе не го држеле.

Ова заедничко дело на четворица актери и актерки и режисерката Билјана Радиноска, е една антологија на искуства во која уметниците си ги соголуваат и телата и умот. Огромно браво имаат од мене, за храброста која ја собрале да го покажат најранливото и најпоразеното од себе, истовремено давајќи надеж дека подобар театар и подобро општество се возможни.

Иронично, токму во претставата која е критика на македонскиот театар, тие направија најискрен, највпечатлив, најуметнички театар кој сум го видела од домашна продукција. Со мене беше согласна целата публика – стоечките овации траеја со минути.

„Да го поздравиш и да ми го бациш“ не е обична претстава. „Да го поздравиш и да ми го бациш“ е шлаканица за секој цензор, за секое премолчување и за секое прифаќање на нешто што на актерот не му се допаѓа, но му рекле дека така мора.

Во состојба на масовно рециклирање на културни вредности и фабрикување на она што нам како општество ни е вредно, раскажувајќи за себе и за своите сонови, но и разочарувања, овие четворица актери ја поседуваа сцената. Но, ги поседуваа и мислите на секој присутен, или барем на оние како мене кои неправдите на оваа „демократија“ ги почувствувале на своја кожа.

А, тоа го правеа на многу искрен и игрив начин. Иако допира сериозни теми кои некого лесно би го допреле до солзи, претставата е напишана и режирана на таков начин, што комичните моменти се поставени на вистинските места, исто како и малите моменти на оддишка во сивата реалност со која се соочуваме.

Документацијата на градењето на Наташа Петровиќ, Ненад Митевски, Симона Спировска-Костовска и Бојан Кирковски како актери, од почетоците и желбите, факултетските денови, па сè до деновите во Театарот за деца и младинци, се одлично надополнети со паралелата – „Галебот Џонатан Ливингстон“ на Ричард Бах. Младешкиот крик и желбата за (повеќе) слобода, но и вистинските сведоштва од минатогодишните протести и апсења преточени во актерска игра, се сплет кој сликовито и најточно ја прикажува состојбата на општествено лудило и желба за самоказнување. Состојбата во која имаш чувство дека треба некому да му се извиниш, само затоа што си тој што си, и ги сакаш нештата кои ги сакаш.

Храброста да се застане на сцена и експлицитно да се зборува за искуствата на актерите со нивните надредени, во општество во кое луѓе ја губат работата дури и ако не се појават на „спонтан“ протест, заслужува илјада аплаузи.

Ќе се надоврзам на она што го кажав на почетокот. „Да го поздравиш и да ми го бациш“ заслужува и повеќе пофалби и уште сто репризи. Доколку се двоумите дали да ја гледате, не се двоумете. Но, бидете спремни оваа брилијантна актерска трупа да ве потресе и збуни.

Извор: Радио МОФ, 12.04.2017
Фотографии: Марјан Петковски

Слични содржини

ОкоБоли главаВицФото