Христос на Маслиновата гора

14.04.2017 10:27
Христос на Маслиновата гора

„Бог е мртов! Небото е празно...
Плачете, деца, повеќе немате татко!“
- Жан Пол

I

Кога Господ, рацете кревајќи ги слаби,
под дрвјата како поет да сака да биде,
почувствува нема болка во него да длаби,
од своите придружници оставен се виде.

Сонуваа долу: и секој, со внатрешно око,
се гледаше мудрец, пророк, крал сесилен и моќен ...
но зачмаен, втонат в животински спокој.
„Не, Бог не постои!" крикна низ просторот ноќен.

Но, спиеја тие. „Пријатели, новост ќе ви речам:
со челото ја допрев куполата вечна
и крвав сум, скршен, од болка сум свиен!

Браќа, јас ве лажев: Само бездна зјае!
Празен е олтарот што над мене сјае...
Бог не постои! Го нема!“ Но спиеја тие...

II

Продолжи: „Сè е мртво! Низ светови летав
и попат се губев среде ѕвездениот блесок.
Но никаде ништо живо не ме сретна:
сè сребрени бранови и сè - златен песок.

Брановите прагот пустински го лижат,
океанска бура низ витли блеска...
под нејасен тласок сферите се движат
но трага од дух нема во сиот тој бескрај.

Божјо око барав - само круг се јави,
широк и без дно: црн тек што го плави
со темнина светот, со слепило мрачно.

Над тој бунар чуден божилак се крева,
а древниот Хаос внатре - сè вцицува алчно.

III

Неподвижна Судба и студена Нужност
нема стража држат. А Случајот те влече
низ мртвите светови во движење кружно,
врз кои власт има само судот вечен.

Знаеш ли што правиш, првобитна сило,
од твоите сонца што редум ги гасиш...
И дали ќе можеш со своето крило
од еден до друг свет здивот да го спасиш?

О Татко! Дали навистина те сеќавам во себе?
За победа над смртта дали достатно си моќен?
Да не падна од раката на Ангелот Ноќен,

во одмазда за фрлање од престолот небен?
Зашто сам се чувствувам во плач и мака;
ми се чини ако умрам , сè ќе умре така!"

IV

Но вечната жртва не ја слушна никој
како срцето го нуди на овој свет студен.
И премален веќе, со последен викот,
го повика оној што уште беше буден:

„Јудо, викна, ти знаеш колку вредам в пари;
да го завршиме еднаш ова пазарење просто!
Побрзај, пријателе, зашто болката ме жари...
Дојди, ти што уште имаш моќ и желба за злостор!"

Но Јуда си одеше, замислен и мрачен,
незадоволен од парите, постојано мачен
од нечистата совест што почна да го пече...

Конечно Пилат, бдејач во служба на Цезар,
сети милост и стражари повика да влезат.
„Најдете го тој лудак!" речиси случајно им рече.

V

Тоа беше тој, тој возвишен лудак,
тој заборавен Икар што пак се крева диво,
тој Фаетон што паднал под громовен удар,
тој Атис што Кибела го враќа пак во живот!

Вражалецот ја гледаше неговата рана,
Земјата се пијанеше од крвта му света...
Светот се измести, замелушен стана
и Олимп за миг во бездна ќе влета.

„Кажи, кон Јупитер-Амон Цезар в очај викна,
кој е тој нов бог, од каде тој никнал?
Ако не е бог, тогаш демон ли е?"

Но пророчкиот храм во молк вечен мина;
само еден знаеше каде тајната се крие -
Оној што им вдахна душа на чедата од глина.

Препев од француски: Влада Урошевиќ
Слика: Пол Гоген

ОкоБоли главаВицФото