Шарено велигденско јајце

15.04.2017 11:20
Шарено велигденско јајце

Некои нешта едноставно мора да бидат јавно кажани. За некои нешта мора јавно да се пишува. Зашто, апсолутно „држи“ неодамнешната теза на Героски дека „треба да се отвори дебата зошто во медиумите се тенчи просторот за вестите од областа на културата“! И не само за тоа, секако. И не само во медиумите, зашто тие, најчесто, го пренесуваат (иако главно некритички!) она што ни го сервираат институциите. А кај нас, денес, веќе сите како да заборавија што е тоа култура, што е тоа уметност. Ги направија вреќи за отпад во кои што пикаат сè и сешто, без критериум, без срам.

И во овој претпразничен (што ќе рече „пригоден“?) контекст ни сервираат „проект“, „изложба“ насловена „Религија и современа уметност“ (дури и со неписмено срочен наслов) која што, повторно „пригодно“, веројатно ни се претставува како некаков наш денешен дострел, та дури и подарок, и тоа токму за светскиот Ден на уметноста. Ако еден таков „проект“, таква „изложба“ е нашиот придонес за тој ден, а пригодно, демек, и за најголемиот христијански празник, тогаш ние дефинитивно треба да си ги искинеме дипломите, а на институциите да ставиме цврст, солиден катанец!

Зашто, ако македонската култура, ако македонската уметност навистина сака(ла) да биде дел од тој светски Ден на уметноста (што, патем го слави раѓањето на големиот Леонардо да Винчи), ако навистина сме мислеле дека треба да оддадеме почит, зарем ова е начинот? Со ваков „проект“, со ваква „изложба“, која што, велат, била прикажана дури во Њујорк, во 2005 година?! Односно, поконкретно, со една збирштина сликички по „вкусот“ и „стандардите“ на еден дилетант? И тоа на тема „Религија и современа уметност“? Та зарем секоја тутурутка која дома чува дваесетина дела од македонски автори е повикан истите да ни ги поттура под нос како некаква македонска уметничка репрезентација, а тој да ни соли памет за тоа каква е денес функцијата на уметноста? На тоа ли спаднаа македонската култура и уметност? Зарем македонската култура и уметност, зарем македонските институции немаа(т) подобар репрезент за еден ваков ден од една „изложба“ од 2005 година, која што била во fucking Њујорк, па преспала кај дилетантон дома дванаесет години, за да денес, повторно, ни ја поттураат под нос? Па и со референцата fucking Њујорк, ќе си речете била безмалу во некој репрезентативен њујоршки музеј а не во она што некои сакаат помпезно да го нарекуваат Македонски културен центар? Зарем македонските институции не знаат за тој Ден на уметноста, па да подготват нешто посериозно, постручно, подобро … отколку едно шаренило како велигденско јајце бојосано од невешта домаќинка, без концепт, без почеток и крај? Зарем Министерството за (не)култура, а и македонските уметнички институции се до толку некултурни па го забораваат и овој ден? Или, едноставно, не ги интересира, ние и така не сме дел од тој свет, па „славјето“ им го препуштаат на секакви патетични сурогати?

Можеби некој ќе рече дека нема ништо лошо и во таква изложба. И нема, ако некој си ја прави дома и на тој начин си го слави светскиот Ден на уметноста. Ама во национална институција, во главниот град на државата – или во „метрополата“, ако сакате – како единствена „манифестација“ од тој вид, на тој ден, организирана од една скопска општина? Сосе градоначалникот натопорен на отворањето? Не умееле да смислат ништо попаметно, ништо подобро, ништо барем малку умно и професионално, туку „славјето“ треба да им го прави токму дилетант кој умислува дека нешто разбира од уметноста и културата? Ве молам, до кога оваа култура и оваа уметност ќе биде јавана од такви типови? До кога секој шарлатан ќе ни се претставува како национален куратор или познавач на уметноста? До кога и онака малите пари во културата и уметноста ќе ги дрпаат полуписмени насилници кои мислат дека сите околу нив се тутурутки и можат да ги вртат околу малиот прст? Вклучувајќи ги и уметноста и културата?

Или, ако сакате, што е тоа што ни кажува оваа „изложба“? Мислам, на страна од оние будалаштини што ни ги говорат „авторот“ на истата и градоначалникот на Општина Центар како негов „мецена“? (Дека „Во Република Македонија од особена важност е одбележувањето на Светскиот ден на уметноста, затоа што живееме во општество кое е поделено по етничка, верска, партиска и за жал, по социјална основа, а уметноста е таа која што не знае за вакви поделби, уметноста е таа која обединува“! Или дека токму оваа „изложба“, баш деновиве, ќе го зближела поделениот народ – како што пророчки нè подучува „кураторот“? Причам ти причу, велат Србите!). И со што тоа ќе нè зближи оваа „изложба“? Со дваесетина сликички, исклучиво од македонски автори од христијанска вероисповед, собрани збрда-здола како некаква „приватна колекција“, и сега обесени како некаква „религија“? Ама, во иднина, „проектот“ ќе работел на обединување и на други автори од други религии (исламот, јудеизмот, будизмот итн.). А што правеше до сега, од таа 2005 година кога „проектот“ започнал?

Кога сето тоа би било така, кога такви збирштини без почеток и крај би се нарекувале изложби, па уште би имале таква моќ да обединуваат луѓе во вакви невремиња, секој ден би правеле по три слични. И би биле најобединетиот народ на светот. Ама – не сме, нели. Вакви будалаштини, впрочем, згора и од истиот „стручњак“, гледавме и во 2001 година, кога преку неговите испрдоци од малиот мозок, повторно во форма на „изложби“, ги миреше страните во етничкиот конфликт!

Токму затоа, првиот чекор кон сериозна обмисла на тезата на Героски и евентуалната расправа за културата (не само) во медиумите треба да почне токму тука: во посочувањето на ваквите шарлатански „уметнички“ окупации на националните институции, во дискусиите за вистинските чинители во културата и уметноста, за релациите и врските што секому му овозможуваат да мешетари, за професионалните критериуми и стандарди кои целосно ги загубивме, а други тоа на големо го ползуваат!

Извор: teodosievskiumetnost.wordpress.com
Слики: ШкАрт

Слични содржини

Став / Култура
Култура / Уметност
Став / Култура
Став / Култура
Став / Култура
Став / Култура

ОкоБоли главаВицФото