Почина Роберт Тејлор, еден од творците на интернетот

17.04.2017 02:28
Почина Роберт Тејлор, еден од творците на интернетот

Роберт Тејлор, еден од творците на интернетот и современиот персонален компјутер, почина во 86-та година од животот.

Тејлор, кој боледуваше од Паркинсонова болест, починал во четвртокот во својата куќа во Сан Франциско, соопшти неговиот син Курт.

„Како и да погледнете, од појавувањето на интернетот до револуцијата на полето на персоналните компјутери, Боб Тејлор беше клучен архитект на модерниот свет“, смета Лесли Берлин, историчарка на Универзитетот Стенфорд.

Во 1961 година Тејлор беше еден од менаџерите во НАСА, кога почнал да собира средства за Даглас Енгелбарт, кој во тоа време работел на развој на компјутерско глувче.

Тејлор работел и во Агенцијата Арпа на Пентагон, во 1966, кога е направена компјутерска мрежа која ги поврзувала истражувачите што агенцијата ги финансирала со компаниите и институциите ширум САД.

Од Арпанет, како што се нарекувала мрежата, настанал современиот интернет.

Неколку години подоцна, Тејлор работел во Истражувачкиот центар Пало Алто, и тоа во тимот кој го создал Алто, првиот персонален компјутер.

Алто му овозможувал на секој истражувач да работи на посебна станица наместо на машина со големина на соба. Дури имал и графички кориснички интерфејс со икони, прозорци и менија, наместо дотогашното внесување текстуални команди на компјутерски јазик.

Оваа технологија го инспирирала настанувањето на Windows и компјутерите на Епл.

Инженерскиот тим на Тејлор исто така го развил и етернетот и програмот од кој подоцна произлегува Microsoft Word.

 

Извор: B92

Слични содржини

ОкоБоли главаВицФото