Канабисот доаѓа во Германија: милијарди во „тревата“

18.04.2017 01:46
Канабисот доаѓа во Германија: милијарди во „тревата“

Во Берлин се одржа бизнис конференција за одгледувањето и начинот на консумирање марихуана. Од оваа година канабисот и официјално е лек, а многумина мислат дека тоа е само првиот чекот кон легализација на оваа лесна дрога.

На меѓународната конференција за канабисот која се одржа минатата недела во Берлин немаше ни трага од долгокоси хипици и типични конзументи на „тревата“. Можеа да се видат само деловни луѓе во одела и кравати зашто на сите им е јасно дека се отвора голема деловна можност каде можат да се заработат милиони и дури и милијарди евра. Поводот беше законската новост која во Германија стапи на сила на почетокот од оваа година според која и канабисот и неговите деривати – значи и хашишот, се сметаат за лек кој може да се добие со лекарски рецепт.

На Меѓународната конференција за канабисот немаше ни трага од личностите за кои би можеле да очекуваме да ги видиме со џоинт во устата.

Секако, со новоста се поврзани и мноштво проблеми. Германската влада веќе основа посебна агенција која ќе го надгледува прометот со канабис за тој сепак да остане ограничен на аптеките и за медицински цели. Но, вториот проблем е уште поголем: ако марихуаната се користи како лек, тогаш таа мора да има точно одредена и мошне висока количина активни состојки. „Тревата“ одгледана на балкон или на отворено поле нема шанси да ги исполни тие услови, така што не е лесно да се добие лиценца за одгледување, објаснува Георг Вурт од Здружението на одгледувачи на коноп.

Нема шанси за „домашно одгледување“

„Канабисот мора да има висок и рамномерен квалитет и за тоа е потребна исклучителна стандардизација на одгледувањето. Концентрацијата на активни состојки како што се ТХЦ (тетрахидроканабинол) и ЦБД (канабидиол) не смеат да осцилираат многу. А, тоа можат да го направат само супер-експерти. Тоа не е возможно на отворено, само посадено на балкон или во поле – немате шанса!“

Посебни ламби за одгледување канабис во контролирано окружување. Со посадена „трева на диво“ нема шанси да ги исполните зададените параметри за квалитет.

Затоа, германската државна агенција повеќе би сакала за партнери да има компании кои имаат искуство – секако во легално одгледување канабис. Но, каде да се најдат такви компании? Вурт забележува дека германската влада „очигледно нема доверба во германските млади компании дека тие можат да ја испорачуваат стоката во доволно големи количини и со соодветен квалитет. Затоа ги посетиле компаниите кои работат во Канада.“

Бидејќи со оваа законска новост се менуваат и димензиите колку болни евентуално ќе го користат канабисот. Впрочем, и досега беше можно во исклучителни случаи, но за околу илјада досегашни пациенти беше доволно да се увезува марихуана од Холандија. Но, нивниот број набрзо би можел да биде далеку поголем: „Околу 500 000, па до 1 милион пациенти кои страдаат од хронични болки во иднина би можеле да бидат третирани со препарати од канабис“, смета Дирк Рехан. Тој, пак, е раководител во компанија која барем индиректно, исто така, се надева на многу работа со одгледувањето канабис: тие произведуваат стакленици и техники за интензивно одгледување растенија во контролирано окружување.

Посебни уреди за дестилација на активните состојки од канабисот.

Партнерите од Канада и САД

Но, засега сепак се чини дека бизнисот за снабдување на германскиот пазар, пред сè ќе се реализира со компании од САД или Канада, која неодамна одлучи дури и целосно да ја легализира марихуаната. Но, и компаниите од САД имаат големи искуства: во 28 тамошни сојузни држави веќе е дозволено одгледување канабис за медицинска намена, а во осум сојузни држави тој е легален и за уживање. Само во сојузната држава Колорадо минатата година е остварен промет од производи од канабис од околу 400 милиони долари. Во САД од канабисот вкупно се остварува промет од околу три милијарди долари, а во просек околу еден процент од населението се третира со канабис. Тоа би значело дека во Германија евентуално би имало околу 800 000 потрошувачи.

Канада неодамна отиде чекор понатаму и практично го легализираше уживањето канабис. Но, уште при одгледувањето за медицински цели собра големи искуства.

Важен дел од оваа конференција во Берлин беше посветен и на приборот и начинот на консумирање канабис. „Нема никакви јасни одредби како пациентите да го консумираат канабисот. Има и такви кои нудат класични џоинти помешани со тутун, но тоа не е препорачливо зашто ги оптоварува дишните патишта“, вели Георг Вурт. Наместо да се запали џоинт или луле, на конференцијата веќе се појавија и првите компании кои нудат таканаречени вапоризатори. Една од нив е и фирмата Storz & Bickel од Тутлинген на југот од Германија, а нејзиниот раководител Јирген Бикел ни објаснува како функционира тоа: „Тоа се уреди кои не ја согоруваат 'тревата', туку ја загреваат до 180 степени. Така само се ослободуваат канабидиолите. Не се создава никаква смола и добивате чист аеросол, што е сосема нештетно здравствено.“

Зошто „тревата“ да им се остави на криминалците?

На оној што не сака да „запали“, сигурно на располагање ќе му бидат и препаратите од канабис во облик на таблети или тинктури. Во секој случај, во Германија на пазарот ќе се појават нови препарати од канабис.

Класичниот џоинт е нездрав од други причини и од самите состојки на марихуаната. Господинот Бикел ни покажува производ од неговата компанија кој од „тревата“ ги издвојува само активните состојки.

Дали легализацијата на канабисот за медицински цели е само првиот чекот кон неговата целосна легализација во Германија? Претседателот на здружението на одгледувачите на коноп, се разбира, е поддржувач на легализацијата. „Секако, тоа би отворило голем пазар. Но, зошто тој да им се препушти на криминалците?“, прашува Георг Вурт. Предупредува за апсурдната ситуација која владее во моментов: на помладите од 18 години практично им е потешко да дојдат до шише вотка или ракија отколку до марихуана од дилер, иако тоа е впрочем криминално дело. „Дали не е подобро ако се регулира тој пазар и на тој начин да им се овозможи заштита на младите?“

Но, можеби пред тоа и да се случи, канабисот ќе остане само лек. Но, и така ќе може добро да се заработи – најпосле, сосема легално.

Извор: http://www.dw.com