Иницијатива на силите на Доброто!

18.04.2017 11:48
Иницијатива на силите на Доброто!

Историјата на уништувањето на моќните царства на Ацтеките и Инките од страна на две банди на човечки олош е стара и веќе секому позната, но со својата безмерна трагичност, таа е секогаш поучна. Приказната е за неверување: кога Ернан Кортес, на чело на своите петстотини разбојници, едно сончево јулско утро 1519 година, згазнал на песоците на денешниот Вера Круз, тој не се двоумел ниту секунда, туку на вџашените домородци што никогаш не виделе суштества какви што биле шпанските авантуристи – во светкави метални оклопи, јавнати на огромни и бесни животни, со пушки и топови што блуеле оган и смрт на далечина, со еден збор, застрашувачки вонземјани – тој им соопштил дека доаѓа во мир, како пратеник на големиот крал на Шпанија, и побарал да го однесат директно кај ацтечкиот цар Монтезума Втори.

Ацтеките – водени од сопствените правила за гостопримство и дипломатска предусретливост – му дозволиле на Кортес со неговите вооружени бандити да влезе кај Монтезума со сите дипломатски почести. Сред разговорот Кортес го потегнал оружјето и ги искасапил сите чувари на Монтезума (инаку, вооружени само со дрвени палки со камени завршетоци) и го зел домаќинот како заложник. Држејќи го царот на централизираното царство заробен во неговата сопствена палата, Кортес со манипулации ја поделил империјата на различни етнички народи и племиња, предизвикал граѓанска војна и за неполни две години ја поробил повеќемилионската земја на Ацтеките.

Да реагирале соодветно, како со банда убијци и разбојници, Ацтеките со својата армија од повеќе десетици илјади војници можеле во миг да ги збришат Кортесовите ништожници, но тие не го сториле тоа. Ќе речете, почитувани читатели, дека оваа чудовишна грешка на Ацтеките е толку неповторлива и неверојатна, што како искуство и не е од никаква полза. Но, само десетина години подоцна, една друга битанга, Франциско Писаро, со банда од само 168 луѓе (!) упаднал во уште поголемото Царство на Инките, и го покорил и уништил дури и за покусо време! На кој тоа неверојатно инвентивен начин Писаро го надбил огромното и добро организирано царство, ќе прашате?

Тој едноставно го сторил истото што и Кортес: лажно се претставил како мировен гласник, закажал дипломатска средба и на измама го грабнал Атавалпа, владетелот на Инките, за потоа да го издроби царството на меѓусебно непријателски племиња и да го претвори во историска прашина, а домородечките народи во робје!

Одгатнувањето на тајната на несфатливиот „успех“ на двете малубројни разбојнички банди на Кортес и Писаро во уништувањето на највеличествените царства на американските континенти може да биде од непроценлива полза за решавањето на македонската современа „политичка криза“. Имено, нашата „криза“ – колку и да е помала по размери и трагичност од онаа американската – ја има истата внатрешна структура како и трагедијата на Ацтеките и Инките. И нашата државичка е на измама украдена од страна на малубројна разбојничка банда на ВМРО, под водство на внатрешниот Ел Конкистадор де Маседониа, кој – исто како и Кортес и Писаро – власта ја држи застрашувајќи го двомилионското домородечко население дека ќе го подели на непријателски народи, ќе го втурне во граѓанска војна и нивната татковина ќе ја претвори во прашина.

Во науката превладуваат повеќе теории за тоа како било можно две малубројни банди составени од човечки џган да ги уништат величествените царства на Ацтеките и Инките. Едни тврдат дека клучна била технолошката предност на Шпанците во воената опрема, други пак, дека тоа бил факторот на изненадувањето и христијанското мисионерство, а најсофистицираните реконструкции зборуваат за предноста на спојката помеѓу истражувачката и освојувачката иницијатива на европските бандити.

Нашата „политичка криза“, меѓутоа, ги елиминира повеќето од овие фактори и како клучни ги издвојува Глупоста и Злото што резултираат со Апсолутна Неморалност, кои на конкистадорите – исто како и на нашите вмровски бандити – им ја обезбедуваат неограничената иницијатива и ефикасност во вршењето на нивните злостори. Круцијално за нивните „успеси“ се непочитувањето на ниту едни хумани правила: на човечките животи, на каква и да е моралност, или на значењето на зборовите! Тие делуваат како моќни, несфатливи и нечувствителни вонземјани, зашто со нечовечка леснотија лажат, грабаат и убиваат, па не е чудно што секогаш наидуваат на стаписана и задоцнета реакција на нормалните луѓе – жртвите.

Радикалното Зло надмоќно продира – како усвитен нож низ путер – во милионските маси на нормални и морално здрави луѓе, зашто овие се ограничени токму од својата човечност, мирољубивост, рационалност и етичност. Овие темелни човечки доблести не само што на луѓето не им ја дозволуваат соодветната и правовремена реакција, туку не им овозможуваат ниту да ги сфатат нечовечките мотиви на Злото што ги уништува. Тоа е така зашто неразбирањето на Радикалното Зло е всушност и темелот на нашата човечност и моралност.

Значи, тајната на „успехот“ на Кортес, Писаро и Груевски е конечно одгатната, па поуката од колонизаторските ништожници, како и од сите современи фашистички режими, би требало да е јасна: Злото не се победува со пасивното Добро, со чекање Злото самото да се опамети и очовечи, туку со симетричната подготвеност Доброто активно да се брани. Така што, македонското мнозинство, силите на Доброто, треба да ја преземат иницијативата во одбрана на Правото и Поредокот, и на вмровските криминалци да им го конвертираат стравот за нивната судбина по мирниот трансфер на власта, во страв од она што ќе им се случи ако власта не ја предадат без насилство!

Извор: Слободен печат
Слики: Ашкан Хонарвар