Стварно не знам

18.04.2017 11:07
Стварно не знам

Сабајлево идам на бурек, у „Круна“ на чешма, како секое сабајле кога не сум на работа. Затворено. Претпоставив дека мајсторчињата се онаа ударна вест на вести. Од токсикологија. Се прејале јајца. Јако! И информацијата јака.

Нема врска, си тргнав назад, има уште две бурекџилници. Првата беше исто со затруени мајстори, ама втората работи. Кај торбешите. Ја палеа не времето вмровските орди као демек - уа шиптари?! И тоа нема врска. Влагам.

- Абе шо е ова денеска, само вие сте отворени.
- Комшо, знаеш, мие торбешите работиме и коа семафорите не работат.
- Да, да. дај четврт од тоа вртеното, со шо е?
- Спанаќ и сирење.
- Дај ... и нејќу јогурт (го сецнав, знам, ама стварно не ми иде бурек и јогурт). Вода дај ми.

Иначе, мала дигресија, катастрофа е да јадеш бурек со јогурт. Па то ко ќе се затести у желудник, мора две кеси сода бикарбона да опнеш после. Со пиво иде, ама тоа после, кај другите торбеши подоле. Нема врска и ова. Друго ми е муабетот.

Само шо седнав, прв залак. Слушам туп удар, една глава од жена на асфалт, толку видов од кај што седев. Срипав, се погоди и еден дечки надвор. Стар изветвен капут, коса со боја за коса, од пред две години, сукња, шо знам?... не може да се опише... над глуждовите ѕиркаат оние „перлон“ чарапи (студеше сабајлево).

Ја фативме под мишки, ја кренавме. Жената имаше над 80. Слаба, се вее. Очите не ѝ се гледаат пошо се длабоко таму, у лицето.

- Бабо, абе шо стори? Да не те боли негде? (Уплав ме фати да не скршила нешто, а ние у паника ја кренавме).
- Не бе, чекај малце..

Извади од џеб едно јајце, жар црвено. Скршено, сокапано. Шо е и нормално, како буфна сосе него пред малку на асфалтот.

- Деца (на торбешиве) - за вас.

Абе миба мамата, мисидеше... не знам. Стварно не знам.

Извор: Фејсбук профилот на авторот
На сликата: Рачно обоено велигденско јајце, Динара Мирталипова