Велигденски песни

18.04.2017 12:20
Велигденски песни

Велигден

Утринава на прозорец спроти нас
пак се покажа старичката.


Се затетерави низ дворот
како детенце кога проодува
и се заниша како гранче чесно дрво


и пак се засолни.


Излегла напролет старичката.
Што ми е убаво на душава,
како Велигден да ми е,
како да воскреснувам.


Велигденчиња

Са ноќ стоеше сама крај прозорецот
и нешто ги молеше пролетните ветришта.

Гласот ѝ го дочу земјата
и некаде го скри.

Утрината во дворот гласот беше се престорил
во виолетови, небесни и бели

венчиња — велигденчиња.


Изоче

Утринум, са лето,
изоче слетуваше на дрвениот крст,
осамен во полето.

Утринум, са лето,
изоче слетуваше на дрвениот крст,
осамен во полето.

Прфни, чинеше, до стеблото над себе
и одново слетај на крстот.
Сенасонце доба си заспиваше во гранките.

И наеднаш, кога задуваа ветрови есента,
кога исчезна птицата, кога ја снема,
се вознемири крстот, се растури,

од него остана само дрвцето
забодено в земја,
како стрела во срцето на легнатиот.

Си мислам: како ќе навикнеме без птица во погледот?
После си велам: како навикнаа рисјаните
во деновите кога останаа без Исуса?


Воскресение

Расцутен двор, камбани што корнат еден дрвен крст
И го фрлаат меѓу ѕвездите,
Празничен чаршаф, свеќа што догорува
И твојот празен стол покрај трпезата.


Оган спроти Велигден

Одненадеж потемне небото од чад
што штипеше во очите, во грлото
и што го вознемири добитокот како спроти потоп
та скокајќи, рикајќи се разбега низ полето.

Дечиња си играа, се валкаа, прескакаа едно преку друго
сè дури огнот не ја префрли оградата
и не се нафрли на усамената куќерка на старичката.

Бездушно заигра црниот оган по стеблата, по гранките,
го зафати покривот од сите страни
и како се скаменија децата од ужасот
така се чу она темно, она грозно крцкање на гредите
како коски човечки да се кршат.

Кога се урна, кога стрешти,
кога се дигнаа некои црни пепелишта нагоре,
старичката само се прекрсти и си легна на земја:
огнот барем земјата не ја гори, рече кутрата.


Крстот на овчарот

Само еден меѓу крстовите во гробиштата немаше име.
На него беше развило гранче со неколку листенца.
И под него си спие овчарот
Некогаш, во една далечна квечерина, на своите раце како на постела
Што ни го донесе првото јагненце што ни се родило.


Оро во дворот

Дури се тискаше народот во црквата,
дури палеше свеќи, дури се крстеше, молеше,
одненадеж, на некој небески глас
Циганче запеа во дворот.

Туку одеднаш ги расфрлаа одеждите, мечовите,
се вознемирија ѕидовите на црквата,
наскокаа, се симнаа од нив светците и ангелите
и за рака се фатија во дворот да си поиграат.


Слика: Sir Stanley Spencer (1891–1959) - The Resurrection, Cookham


Анте Поповски (Лазарополе, 3 јуни 1931 - Скопје, 1 октомври 2003) — македонски поет, есеист, препејувач и публицист. Дипломирал медицина, но животот го посветил на литературата. Бил директор на НИП „Нова Македонија“ и на „Вардар филм“, а во два мандати и претседател на Друштвото на писателите на Македонија. Член на МАНУ од 2001 година.
Неговата поезија е објавувана во неколку избори на македонски и на италијански, француски, романски, турски, англиски, албански и српски јазик. Автор е на антологиите: „Светата земја на зборот“ на јидиш поезијата и „Орфеј и Исус“ (библиски мотиви во македонската поезија). Ја препеал поезијата на Еуџенио Монтале, Чеслав Милош, Јехуда Амихај, Шимборска и на други значајни имиња на светската поезија.
Автор е на книгите поезија: „Одблесоци“, „Непокор“, „Камена“, „Тајнопис“, „Љубопис“, „Сина песна“, „Ненасловена“, „Провиденија“; на есеите: „Глас од дамнината“, „Оковано време“, „Меѓу животот и знаците“, „Окото светлините“, како и на тестаменталната „Света песна“.

Еве што вели Георги Старделов за поезијата на Анте Поповски:
Сè во неговата поезија, во која е секогаш нагласена епската дикција, е сконцентрирано на внатрешната драматика, на внатрешните тензии, така што надворешно неговата песна е без некој особен блесок. Во неа ритмичката, артистичката, сонорната афектација е целосно придушена. Таа никогаш не е распеана. Судејќи според нејзината надворешност, би можело да се рече дека таа е едноставна, дури упростена. Но за сметка на нејзиниот надворешен из-глед, нејзиниот внатрешен воз-глед сиот трепери од поетски, историски и филозофски шпанунг.
(1985)

ОкоБоли главаВицФото