„Колебливци и калкуланти“

18.04.2017 12:20
„Колебливци и калкуланти“

Она што е особено симптоматично кај најгласните противници на некогашната „Шарена револуција“ и денес, повторно, најжестоките поддржувачи на иницијативата „За заедничка Македонија“, освен тотално произволната и нерагументирана лиферација на лични недокваквани ставови, е и отсуството на морален став и здрав разум во однос на единаесетгодишното коруптивно и клиентелистичко владеење на (сè уште) актуелната власт. И отсуство на политички сенс, на знаење и информираност, се разбира. Ни еден од нив, ниту еднаш во овие единаесет години не најде за потребно да посочи, да укаже, да реплицира контра погубните политики на оваа власт за државата, за нејзината култура и уметност, за катастрофалното здравство и погубниот образовен „систем“, иако најголемиот дел од нив се некаков (иако минорен и целосно партизиран и маргинален) дел од оваа македонска култура. Така, врпочем, тие се легитимираа не само како противници, туку токму како непријатели на таа култура, нејзините вредности и традиции!

Особено е индикативен примерот на еден „писател“ кој сите негови „успеси“ ги книжи само кога „најпатриотската“ партија е на власт, а особено ужива да чепка по историски теми – оние што најмалку ги знае и разбира. Ете, нему, неодамна, не знаејќи како да ја одбрани демократската узурпација на неговата партија, одеднаш „му зоврело“ и решил на опозицијата да ѝ постави едно чудо (малоумни) прашања зашто, вели тој, „Македонија нема време за колебливци и калкуланти“[1] (sic!). Ама, нели, имаше цели единасет години да потроши на криминал, аминуван токму од ваквите неколебливи во поддршката типови? Тоа, се разбира, „писателов“ не праша! Ни денес, ни вчера. И јас, се разбира, немам намера да завлегувам сериозно во целото мени на неговите ступидни прашања до опозицијата коишто директно и неотповикливо сведочат за неговото тотално незнаење и непознавање на правниот систем во којшто живее, за неговата наивност дека некој ќе ги „купи“ неговите ставови како „писателски“ а не како партиско штабни директиви кои од него (помеѓу останатото) направија и писател, или пак некој сериозно ќе седне и со ред ќе му одговара еднакво малоумно, како прашањето, на пример, „дали е точно дека е прифатена промена на името Република Македонија“ (наспроти, нели, разговорите што ги слушавме околу преговорите токму на неговите газди!), или „дали во договорот пишува дека албанскиот ќе биде втор службен јазик …“ (како да сега е нешто поинаку!), или дури и детски наивни прашања (што секако сведочи за нивото / зрелоста!) „дали е точно дека ќе се менуваат грбот, химната и знамето на Република Македонија“, итн. Мислам, извинете, ама колку наивен, неинформиран, ама и глуп треба да биде човек за да јавно поставува такви „прашања“? А дека глупоста не знае за граници сведочи и прашањето „дали е точно дека Фудбалската арена ’Филип Втори’ во Скопје ќе се ’ребрендира’ во Џемо Хаса, балист од Симница“! Има таму и „брилијантни“, „бравурозни“, па и психијатриски делови односно констатации за македонската култура (од типот: „Македонската книжевност не ќе може да биде македонска книжевност, туку анационална, двојазична, скопска книжевност“!), кои што просто плачат барем за магистерска, ако не и докторска дисертација за глупоста на македонскиот писател денес!!!

И понатаму, бидејќи сето тоа му било малку, „писателов“ почнал да си ги повикува останатите „браќа писатели“ – оние од трлото рамно на неговата клиентелистичка свест – да не молчат туку да се спротивстават на „културниот и духовен инженеринг на македонскиот идентитет“, убедувајќи ги дека „македонските интелектуалци немаат право на молк“, дека „македонските писатели не смеат да молчат“ итн., за да, конечно, возбудено воскликне: „ако не сега – кога?“! И тоа е, се чини, единственото вистинско прашање што ваквите типови треба да си го постават, иако доаѓа од погрешната страна на барикадите. Зашто, нивниот молк беше толку силен, просто заглушен цели единаесет години; молчеа за сè што можеше да се одмолчи, молчеа за криминалот и убиствата вршени во нивно име, за безочното ограбување на државата, за корупцијата и партизацијата, за заробената држава од која што и тие исцицаа сè што можеа. Не молчеа единствено кога „Шарената револуција“ маршираше контра криминалот, корупцијата, некултурата, кичот и шундот барајќи правда и радикални општествени промени. Само тогаш не одмолчаа туку по директива се нафрлија како хиени врз сè што беше прогресивно во државава, бранејќи си ги газдите и нивните фотелји. Како впрочем и сега, кога си ги бранат и личните ситни интереси!

И тоа е уште една особена битна разлика помеѓу двата протести, помеѓу т.н. „Шарена револуција“ – неоптоварена од вакви профитери и клиенти – и ова што се нарекува иницијатива „За заедничка Македонија“, каде просто врие од срамна саможива и самонаречена македонска интелигенција заинтересирана единствено за своите џебови.

_________________________________________________

[1] Блаже Миневски, Македонија нема време за колебливци и калкуланти, Дневник, 09.03.2017

Извор: teodosievskiumetnost.wordpress.com

ОкоБоли главаВицФото