Нема и Ердоган и Европа

19.04.2017 01:30
Нема и Ердоган и Европа

Референдумот во Турција покажа дека и покрај огромниот притисок и пропаганда, Ердоган не доби поддршка за уставни промени какви што посакуваше. Уверен сум дека тесното мнозинство на позитивни одговори на референдумот е резултат на измами, кои никој нема да може објективно да ги провери. ОБСЕ се изјасни дека референдумот не е во согласност со демократските стандарди, ама на Ердоган не му е гајле за тоа. Тој ќе се устоличи како целосен диктатор, ќе ја ништи секоја опозиција и ќе ја одвлече Турција во поголем исламизам и милитаризам. Со европска Турција, онаа на Кемал Ататурк, е завршено. Светот добива уште еден фактор на дестабилизација повеќе.

Австрискиот министер за надворешни работи Себастијан Курц прв повика Европа да го преиспита својот однос кон Турција, и наместо статусот земја кандидат, да ѝ понуди договор за добрососедство. Тоа наиде на гнев кај ердоганистите, иако е јасно дека Курц само гласно го кажува тоа за што официјален Брисел побргу или подоцна мора да се изјасни. Турција вози во спротивна насока од Европа и тоа им е јасно на сите, но прашање е кога тоа ќе се официјализира.

Многу понејасно е како ќе се одржи релацијата на НАТО со Турција, во вакви услови, со оглед на големиот расчекор во нивните политики. Седењето на две столици (т.е. лицемерието) не може долго да трае, а извлекувањето на НАТО од Турција (и обратно), сосе бази како Инџирлик, ќе отвори голема геостратешка „дупка“ во поширокиот регион. Тоа ќе доведе до нови прераспределби на сферите на влијанија, што секогаш носи огромни ризици од судири и конфликти.

Светот е во големи опасности, а и нашиов регион исто. Со толку политички манијаци со огромна моќ (Трамп, Путин, Ердоган, Башар, Ким Јонг-ун...) Господ (или Алах) нека ѝ е напомош на кутрава планета!

Извор: Слободен печат