Професорот што ја предвиде победата на Трамп подготвува книга за неговиот импичмент

19.04.2017 03:12
Професорот што ја предвиде победата на Трамп подготвува книга за неговиот импичмент

Кога многумина сметаа дека е невозможно, професорот Алан Лихтман точно го предвиде резултатот на американските претседателски избори во 2016 година и доби честитка лично од Доналд Трамп. Неколку месеци подоцна, претседателот ќе добие примерок од книгата со следното големо предвидување на Лихтман: импичмент за Трамп.

„Во текот на неговата кариера, Трамп избегнуваше одговорност“, изјави Лихтман за „Time“, минатата недела.

„Сепак, кога сте претседател, не може да бегате од одговорноста. Не можете да прогласите банкрот, не може едноставно да се откажете од договорот. А крајната одговорност е импичментот“, вели тој.

Лихтман е професор по историја на Американскиот Универзитет, кој користи мноштво различни методи за неговите секогаш точни предвидувања. Тој ги погодил победниците на сите претседателски избори од 1982 година, но го привлече вниманието на јавноста минатата година, кога предвиде дека Трамп ќе победи на изборите, а потоа ќе биде отповикан.

Тој во неговата нова книга, „Случајот на импичмент“, истакнува осум можни причини за отповикување на Трамп од претседателската функција, вклучувајќи го и неговиот бизнис кој се поврзува со судир на интереси, врските што неговиот тим ги има во Русија и неговата вмешаност во претходни правни спорови, како што се тужбите против Универзитетот на Трамп. Во својот „најнапнат“ аргумент, Лихтман вели дека против Трамп може да се поведе постапка за отповикување заради „злосторство против човештвото“ врз основа на неговото одбивање да преземе акција за климатските промени.

„Има толку многу аргументи кои се основа за поведување постапка за отповикување на Трамп“, вели Лихтман. „И тоа на начин на кој тој е повеќе подложен на отповикување, од која било друга личност која прв пат е избрана за претседател на САД.“

Книгата која ќе биде објавена оваа недела, предизвикува споредби помеѓу Трамп и двајцата американски претседатели за кои имало импичмент - Ендрју Џонсон во 1868 година и Бил Клинтон во 1998 година - како и Ричард Никсон, кој го избегна неизбежниот импичмент, кога поднесе оставка. И Џонсон и Клинтон добија импичмент од страна на Домот на пратеници, но тој беше одбиен во Сенатот.

„Она што го разликува импичментот на Трамп од оние на Клинтон и Џонсон е дека престапот на Трамп е повеќе како на Никсон – а тоа значи дека е посериозен, претставува поголема закана за нашиот уставен поредок, нашите права и слободи и за нашата национална безбедност“, изјави Лихтман.

Но, импичментот е тежок процес, а чинот на вистинското отстранување на претседателот од функцијата е уште потежок. Тоа е вистината, особено кога партијата на претседателот има контрола врз Конгресот, како републиканците сега. Сепак, Лихтман смета дека доволно републиканци ќе го поддржат отповикувањето на претседателот ако се појават некакви конкретни докази дека Трамп во кампањата соработувал со Русија за да победи на изборите.

„Мислам дека руската врска најверојатно ќе биде причината за импичмент“, вели Лихтман.

„Јасно е дека има многу чад. И мојот сомнеж е дека некаде има некаков вид оган што го произведува овој чад. Дали е тоа доволно сериозно за да предизвика негово отповикување? Сè уште не знаеме.“

„Ако истрагата покаже дека се работи за сериозни престапи, мислам дека дури и републиканците во Конгресот тоа нема да го простат“, додава Лихтман, признавајќи дека се работи за „висока планина за искачување“.

Ако гласањето во Домот се одржуваше денес, сите 193 демократи и 23 републиканци ќе требаше да гласаат за импичментот за да тој се усвои. Во Сенатот, 19 републиканци ќе мораше да застанат на страната на сите 46 демократи и двајцата независни за да се отстрани Трамп од функцијата.

И додека го гради случајот за импичмент, книгата на Лихтман истовремено му дава на Трамп „план да преживее на претседателската функција“. Тој план предвидува целосно повлекување од неговите бизнис интереси, поддршка на мерките за спречување на климатските промени, ангажирање на проверувач на факти и отпуштање на главниот стратег Стив Банон.

„Се надевам дека тој ќе ја прочита оваа книга и се надевам дека ќе направи промени“, изјави Лихтман. „Јас навивам за Трамп до одреден степен, бидејќи верувам во американската демократија и многу повеќе би сакал да видам како нашата демократија се негува и штити, отколку претседателот Трамп да биде отстранет“.

Извор: Time
Карикатури: Џеф Данзигер

ОкоБоли главаВицФото