Панчо Вила Минов ја брани Македонија од животот!

19.04.2017 16:43
Панчо Вила Минов ја брани Македонија од животот!

Хитлеризмот не заврши во Хитлер, фашизмот не заврши во Мусолини, полпотизмот не заврши во Пол Пот. Ниту, пак, грчката диктатура заврши во Пападопулос. Сите завршија во својата негација. Тоа е, се разбира, резултат на историските закономерности.

Не постои начин груевизмот да заврши во Груевски или вмровизмот да заврши во вмро-дпмне. На нивото на релевантни идејни и политички сили, овде зборуваме за тоа. И нашите афилијации на национализмот и на режимските амбиции на еден лудак ќе завршат во својата негација или во негација на негацијата, односно, што би рекол професорот Димитров, ќе завршат во државата што ја растурија. Без оглед на репликите и процедуралните забелешки со кои го тапацираат гробот со пресни гомна армирани со гајтани од микрофони.

Македонецот кој тоа не го разбира не е вмровец или патриот, туку е глупав Македонец. Тој е сарма што Груевски ја витка во државното знаме како во лозов лист или штафел, тој е растителен кашкавал што Груевски го смотува во црвено-жолтото знаме како во лист од варена сланина, го пече на огнот на тиранската платформа и го ждере! Со салата од семејството на Македонецот, неговиот имот, култура, заедница, држава, сè! Истиот епилог се случува и кога Илче и Флик го ролаат како мртовец во знамето како во тепих.

Македонците што не се во состојба да разберат дека Рама е во право кога вели дека без граѓаните Албанци нема Македонија, не се патриоти и националисти, туку се глупи Македонци. Толку глупави што не се во состојба да сфатат дека ако тие граѓани решат да ја исклучат струјата, Македонците ќе скапат како месо во расипан замрзнувач, како распаднина што ниту кучињата нема да сакаат да ја јадат!

Примитивците ја примаат темата за националните интереси како омега три масни киселини со мајчиното млеко или како суплајси во бебешката и раната детска возраст. На малите Македончиња тие омеги им се даваат со сладок сируп од антиалбанизам. Многумина од нив, кога ќе пораснат, стануваат дебели и глупи. Забавени и тешки во изразот и во формулацијата. Како винилка на триесет и три вртежи или како Панчо Минов на седницата против конституирањето на таканареченото Собрание. А има и такви што стануваат исклучително тупави, како Саво или противерективни како Кара Ками Шева, појава која го уништува дејството дури и на „Потенцијал форте“, брзо и неповратно.

Инаку, национални интереси не постојат надвор од имагинативното и манипулативното. Што значи дека, сепак, постојат. Постојат како Панчовци, Илчовци, Груевци, хер Фликовци и други лудаци или злотвори кои тврдат дека нивните политики се политики за заштита на националните интереси! Тоа е како Боби да тврди дека франците ги изнел од трезорот на НЛБ Тутунска банка за да ги заштити парите. Не франците и не парите што ги украл, туку парите воопшто. Национални интереси има точно толку колку што има парни интереси или како веќе може да се формулира придавката од пари, а да не запреме кај паричните интереси, затоа што таа одредница упатува на нешто сосема друго.

Тие свињарии околу таканаречените национални интереси се искачуваат на квадрат и на кубен куб кога се земаат како повод да се измислува цело законодавство и цел уставен поредок кој треба да штити нешто што не постои, а најголемиот апсурд се добива кога комплетната заштита на таканаречените национални интереси им се препушта на тие закони и устави или кога тие што ја примиле темата за националните интереси мислат дека сè што води кон промена на нормативата што тие мислат дека им ја гарантира супериорноста, е рамно на велепредавство.

И не го даваат Уставот што претходно го смачкале како паштета аргета, го намачкале на лепче и го изеле! Да им го ебам Уставот! И унитарноста да им ја ебам!

Еве, да го земеме уште еднаш, крајно благородниот пример на другарот Панчо, не Вила, Панчо Минов, фром Кавадарци, со акцент на второто „а“, Македонецот кој пред да стане голем Македонец, бил мало Македонче кое го клукале со националните интереси како со рибино масло. И затоа станал олку голем. Нерамномерно голем, конфигурација во која стомакот доминира над главата. Со глас што се гуши од мешавината на јагнешките свароци и испарувањата од вино, во желудникот и цревниот тракт. Тој се залага за уставни гаранции за тоа дека Македонија е матична држава на македонскиот народ, а македонскиот да биде интегративен јазичен фактор чиј статус не смее да се наруши со никакви законски или уставни измени со кои официјален статус ќе добие и некој друг јазик.

Што е тука спорно!? Спорно е сè, односно не е спорно само тоа дека целиот исказ е неверојатна демонстрација на националистичката глупавост и тупавост која се излева во општественото пространство и се заканува со совршено спротивни импликации. Можете македонската држава во Уставот да ја дефинирате како сакате, можете да ставите дека е матична држава на македонскиот народ или дури матична клетка од папочната врпца на истиот тој народ, но ако во таа држава и од таа држава правите тоа што единаесет години го прави Злосторничкото здружување на вмро-дпмне, на матичната држава ѝ нема спас. Матичноста на таа држава се чува со внимателно и одговорно, рационално хармонизирање на внатрешната содржина, на различните интереси врз база на граѓанската дефиниција, а не на националната супериорност, не на фолклорната парадност, со десет килограми прасечко во себе.

Во спротивност ќе останете и без држава и без нејзината матична и магична топлина. Истото се однесува и на јазикот. Интегративната функција на македонскиот јазик не зависи од неговиот уставен и законски статус, туку од реалните културни, економски, духовни, финансиски и други капацитети на луѓето што го зборуваат и на нивната заедница. Националната арена не е никаква гаранција дека ќе имате добар спорт, посебно фудбал, што многу убаво се гледа, повторно на примерот на Македонија.

Исти или слични квалификации важат и за Албанците но со една важна разлика: тие се борат за рамноправност во општеството и во тоа има нешто благородно и еманципирачко, додека тврдокорните се борат против, против рамноправноста, против тоа другите да имаат нешто што тие го имаат, тие се борат против себе!

Национализмот е криминална формација по дефиниција. Кај малите, неконсолидирани заедници, тој може да има катастрофални последици. Ниту една домашна или странска платформа не може да ѝ наштети на таквата заедница повеќе од нејзиниот национализам што го развиваат само злотворите, примитивците, бандитите и лудаците во нејзините редови! Нашата катастрофа е резултат на „одбраната“ на националните интереси, а не на нападот врз нив!


Монтажи: Били Даркарт (врз фотографии од ТВ серијата „Ало, ало“)
Извор: Слободен печат