1009 hPa
94 %
15 °C
Скопје - Пет, 11.10.2024 07:59
Неодамна во Виена, во 87-та година од животот, почина истакнатиот архитект, теоретичар, универзитетски професор, политичар и дисидент Богдан Богдановиќ. За неговото дело зборува Иван Ристиќ, познавач на големиот и важен, но и запоставен опус на Богдановиќ.
При помислата на Богдановиќ на повеќето луѓе им текнува јасеновскиот цвет кој го изведе во 1966 г. Како историјата на уметност гледа на тој споменик и воопшто, на пејзажното решение на спомен-областите?
Најпрвин мораме да се запрашаме дали категориите на една единствена струка – историја на уметност – се доволни за да се разговара за спомениците на Богдановиќ, а со тоа и за спомен-областа од Јасеновац. Јас мислам дека не се. Размислувајќи и цртајќи, Богдановиќ беше поет, антрополог, истражувач на локалните митови, политичка личност и уште многу нешта. Ако нешто му беше туѓо, тоа беше тесноградоста – професионалната, моралната или интелектуалната. Пејзажната интервенција во Јасеновац претставува радикално и смело решение, но и редок пример за совршено разбирање на природната околина. Архитектот сфати дека неговиот омилен материјал – а тоа беше каменот – во панонската рамнина делува депласирано, па се реши за бетон. Така, како симбол на простување, настана големиот цвет, па ако сакаме и пехар, кој во опусот на Богдановиќ претставува единствен пример за скулптуралната гестуалност на органската форма. Некои го толкуваа и како купола, превртена, која по дефиниција претставува материјализирана абревијатура на небесниот свод.
Богдановиќ, всушност, работеше land art уште пред овој термин да биде официјално измислен.
Да, може да се каже. Ако зборуваме за ремодулација на теренот, би го издвоил и крушевачкото „Слободишта“, настанато во полјанката вон градот во која за време на Втората светска војна Германците и предавниците стрелаа неколку стотици заробеници. Посетата на „Слободишта“ претставува уникатно доживување, веднаш станува јасно дека се наоѓате на едно сосем посебно место. Земјените насипи со кои тоа е опкружено прават еден вид ограда, ѕид кој ве дели од профаното секојдневие. Во еден од двата вештачки кратери од тлото избиваат камени крилја како симбол на вечното обновување на животот.
Претпоставувам дека се работи за идеолошка порака, а „Слободишта“ има и меѓународно значење?
Land art од крајот на 60-те и почетокот на 70-те во многу нешта настануваше со еколошки предзнак. Не треба да се заборави дека тоа беше време на антивоениот бунт, левичарските движења на младите во Америка и Западна Европа. За нас, меѓутоа, интересно е дека по повод „Слободишта“, отворено во 1965 г., не се размислувало за такви конотации, за подоцна, кон крајот на 70-те, да биде прогласен за прв еколошки споменик во Европа. Значи, Богдановиќ имал твроечка интуиција за кој помодните идеологии и уметнички теории каскале.
А ако зборуваме за архитектонските целини на Богдановиќ во конвенционална смисла?
Тука можеме да се присетиме на партизанските гробишта во Мостар, довршени исто така во 1965. Се работи за вистински мал град на мртвите, со каскади, ѕидини, кули, лавја капија и една тесна уличка поплочена со камен. Значи, гледаме дека архитектот и во овој случај се послужил со локален идиом: Мостар, тоа се Ориентот и Медитеранот. Морскиот брег не е далеку. Во тоа, всушност, е тајната на омиленоста на спомениците на Богдановиќ меѓу месното население. Беше во состојба да го почувствува пулсот на местото, па луѓето во тие градби се наоѓаа себе си. А ако доаѓаа од странство, секако дека имаа поинаков начин на читање на делото, не помалку интересен од оној на месното население!
Во колкава мера се занимавал со класичните архитектонски типологии и дали е остварено нешто од тоа?
Да, но само на почетокот на кариерата, во 50-те години. Му појде од рака делумно да реализира една мала населба под Авала. Тие куќи се ѕидани од крупен делкан камен, делумно во духот на анонимната архитектура, делумно можеби како омаж за Јоже Плечник. Како целина, населбата претставува отклонување од мегаломанските урбанистички концепти на тоа време. Богдановиќ често наведуваше примери на ригидност во повоената градежна пракса, на пример, дека за време на неговите студии, а и подоцна, биле дозволувани само два типа на прозорци! А тој тешко се помируваше со духовната сиромаштија на своето опкружување. Излезе дека токму меморијалната архитектура може да биде онаа професионална гранка во која ќе може да ги оствари своите метаархитектонски визии.
Во 90-те го напушти родниот Белград и живееше во егзил. Можете ли да ни кажете нешто за политичките влијанија и неговиот ангажман, меѓу другото, и како градоначалник на Белград во 80-те?
Белградскиот новинар Теофил Панчиќ во една прилика забележа дека Белград, за разлика од останатите градови, немаше претседател на општината туку градоначалник! Тоа значи дека Богдановиќ, роден и по потекло од Белград, беше многу повеќе од државен чиновник, тој беше симбол. А времињата беа напнати: во српскиот Сојуз на комунисти се разгоруваше судирот меѓу либералната и болшевичката струја. Знаеме дека вторава со Милошевиќ успеа да ги развива настаните во Југославија кон крајот на 80-те и почетокот на 90-те. Уште во 1987 г. Богдановиќ во своето отворено писмо до ЦК предупредуваше на процесите на ресталинизација во јазикот, а со тоа и во политичката пракса. Откако на почетокот на војната во поранешна Југославија го крена гласот против националистичката хистерија, беше дефинитивно приморан со сопругата Ксенија да ја напушти Србија. Животот му беше загрозен.
Многу негови споменици во 90-те беа уништувани или запоставувани, како, на пример, оној сплитскиот на Клис. Има ли уште такви примери?
Да, за жал. Додека многу споменици станаа жртви на занемарувањето, некои беа изложени и на планско гранатирање, посебно ако се наоѓаа на самата линија на фронтот. Мислам на споменикот за жртвите од фашизмот крај Травник и на спомен-паркот во Вуковар. Исто така, партизанските гробишта во Мостар беа оштетени. Утешува тоа дека овие споменици можат да се обноват, ако не денес, тогаш по неколку години, кога и ако дојдат некои подобри времиња.
Го познававте лично. Каков впечаток оставаше?
Професорот Богдановиќ оставаше впечаток на совршен Европеец. Што сакам да кажам со ова? Господин „со реноме“, но и боем која ја сфаќаше неопходноста на одреден надреализам во секојдневниот говор и пракса. Супрарационалните импулси ги разбираше како еден вид коректив за здравиот разум кој може да води и кон својата спротивност. Човек со неверојатни уметнички гестови, но и зачудувачка ерудиција. Се сметам за привилегиран што можев да го познавам.
Извор: novossti.com