Притиснати до ѕид

20.04.2017 11:33
Притиснати до ѕид

Можеби свесно – можеби и не, но резултатот е ист. Новиот американски претседател систематски поставува тринитротоулол во темелите на Русија, во самата основа на нашата идеја за нејзината моќ и величественост. А, Москва толку му веруваше, очекуваше многу од него; можеме само да замислиме во каква состојба се душите на жителите на Кремљ.

Пресудете сами. Прво, Трамп го сруши монополот на Русија врз непредвидливоста. И, така, од рацете на стратезите од Кремљ дрско го одзема нивниот главен надворешно-политички инструмент. Зашто досега само Русија си дозволуваше да биде непредвидлива и дури откако ќе биде уверена во предвидливите реакции на Америка, ќе ги брои своите тактички победи. А, сега? Што сега? Што да прават во ситуација кога сите сили треба да се трошат на внимателно следење на лупинзите на Трамп.

Второ, откако се размавта со своите „томахавки“ над Сирија, а веднаш потоа ја фрли и десет тонската „мајка на сите бомби“ во Авганистан, Трамп го најави не само „своето право“ светските проблеми да ги решава со сила, туку и подготвеноста лесно, без непотребни церемонии воено да интервенира. Што би можело тоа да значи за нас? Вчера ги бомбардираше Сирија и Авганистан, а денес ѝ се заканува на Северна Кореја. Што ако утре Трамп одлучи да воведе ред на југоистокот од Украина? Како што сега стојат нештата, од него може да се очекуваат секакви пакости.

Многумина мислеа – а, особено нашите во Москва – дека Трамп ќе ја поведе Америка на подолг одмор и дека светската политичка сцена ќе се ослободи од нејзината здодевна долгогодишна хегемонија. Помислија дека најпосле дојде време и ние малку да заиграме. А, тој – што прави тој? Со еден потег го руши рускиот план за спасување на Асад, одлучува сестрано да го поддржи НАТО, започнува пријателски разговори со Кина и истовремено ја игнорира подадената рака на Кремљ, нашата желба и ние некако да му се придружиме на тоа оро.

Секако, во друштво на нашите верни пријатели Иран и Сирија (без предавникот Ердоган – ех, колку е превртлив!) може да се смисли и организира некаков ефектен реванш, но пред нас се испречува мошне сериозен проблем. Можеме понекогаш да се кошкаме, да ја потегнеме за опашката, но директната конфронтација со Америка е сосема исклучена. И Кремљ го знае тоа многу добро. Тоа лесно би можело да нè чини трајно укинување на проверениот и веќе разработен механизам кој го обезбедува нашето преживување на сметка на западните ресурси, механизам чии клучеви во својот џеб ги има Америка. Не, Кремљ не би се одлучил на нешто такво.

Тажно е што веќе не смееме да си дозволиме никакви пакости, дури ни како во златните времиња на владеењето на Обама, Америка барем малку да ја потегнеме за брковите. Зашто, глупавион Трамп и на тоа би можел да одговори.

И, што ќе правиме со него? Тој нема милост, нема визија. Не ги признава традициите... Неранимајко, едноставно рѓа од човек!

Извор: http://echo.msk.ru