Тројца попови, најверни другари

21.04.2017 03:09
Тројца попови, најверни другари

Абрахамис, Биле и Фајр се запознаа уште на првиот студентски ден, во кафетеријата на теолошкиот факултет „Боже, Господе“. Тројцата влегоа во исто време во кафетеријата и седнаа на истата маса на која седеше Даре. Абрахамис кажа: „Мене моите родители ме научија да го љубам само Бог“. „И јас го љубам само Бога, уште од мал, толкицок“, кажа Биле покажувајќи со раката еден метар од земјата. Фајр весело извика: „Драги пријатели, чувствувам дека ќе ми бидете премили зашто и јас го љубам само Бога“. Даре стана и се премести на друга маса. Од тој ден Абрахамис, Биле и Фајр станаа најверни другари, сè правеа заедно. Заедно дипломираа, заедно држеа богослужби, заедно косеа трева, заедно се возеа на веспа.

Беше среда, денот кога тројцата попови традиционално одат на пикник во природа и се гостат со туна и пиперки. Таа среда, Биле беше задолжен да купи намирници и отиде во маркет. Од некоја причина имаше огромен ред за мерење овошје и зеленчук. Биле ја крена главата кон неонките и кажа: „Зошто ова се случува, Боже? Сигурно има некоја причина, јас не сакам да им доцнам на Абрахамис и Фајр. Ќе се натажат. Те љубам“. Се мислеше долго време дали да дојде со туна, а без пиперки, бидејќи редот за мерење не се помрднуваше. Тоа го стори и со трчање тргна кон ливадата на која го чекаа Абрахамис и Фајр. За да скрати, реши да скршне од патот и да помине преку шумата. На сред шума погледа кон небото и повторно му се обрати на Бог „Боже, љубен мој, зошто денес одбра да нема пиперки на нашиот пикник, Зошто?“. Бидејќи одеше со погледот кон небо не гледаше каде гази, но почувствува дека згази во измет од антилопа. Почна да ја брише чевлата од трева. Беше разочаран и збунет, но во тој момент му се обрати Бог, му рече „Уууу“. Биле се израдува и спринтна до ливадата, седна на ќебето заедно со Абрахамис и Фајр и им кажа: „Денес нема пиперки“. Абрахамис и Фајр тажно ги собраа веѓите и ги испрчија усните нанапред. Биле продолжи „Но не тагувајте по пиперките, после тоа го прашав Бог зошто ова ни се случува во среда и згазив во измет од антилопа, и додека ја чистев чевлата тој ми кажа 'ууу'“. Абрахамис се насмевна и кажа: „И мене вчера на сон ми се јави Бог и ми кажа или 'ааа' или 'еее', нешто од тие две. Колку само го љубам бе“. Фајр остана натажен, Биле го забележа тоа и кажа: „Не тагувај Фајр, можеме една среда без пиперки, важно е што Бог ни се обрати“. Фајр го погледна и со најтажен глас му одговори „Ви се обрати вам, но не и мене. Јас не припаѓам тука“. Стана и си замина. Абрахамис му викна: „Врати се Фајр, почекај, па како вака, избезумен сум од овие случувања, најпрво се разбудив среќен и се радував за пикникот, па нема пиперки - станав тажен, на Биле му се обрати Бога, јас пак среќен, сега Фајр, ти си заминуваш и јас сум најтажен. Имам кревко срце, ти најдобро го знаеш тоа. Како сега без тебе? Па и веспата ни е за тројца“. Фајр не се ни сврте, си замина тажен.

Поп Фајр шеташе низ шумата, го молеше Бога да му се обрати, но ништо не се случи. Стигна така до малата црквичка Св. Богородичка и го виде Даре како ја коси тревата. Поп Фајр го препозна својот колега од студентските денови и му викна: „Добар ден, поп Даре, јас сум поп Фајр. Ме помниш ли? Фајр сум јас, не ли ти текнува? Ми ја земаше ужинката на факултет и ми удираше шамар, а јас ти го вртев другиот образ и ми удираше уште еден“. Поп Даре се замисли и одмавна со главата. Поп Фајр ја зеде косилката и му кажа: „Дозволи јас да искосам, Бог повторно ни ги спои патиштата, сигурно има причина“. Поп Фајр весело косеше, а поп Даре си седна на клупата. „Јас и ти ќе бидеме најдобар тандем попови, тандем каков што не е виден досега во христијанството. Бог нè спои, Тој е чиста љубов, најчиста и знае што прави“, велеше поп Фајр, но поп Даре ништо не можеше да разбере бидејќи косилката за трева беше прегласна, а и не го интересираше, само кимаше со главата. Откако поп Фајр искоси, поп Даре му кажа да ја исчисти и црквата, па да си легне во црквичката за да почувствува како спиел Терасие Чудотворец, светецот кој ја изградил таа црквичка во деветтиот век и во исто време ја користел како спална. Поп Фајр го стори сето тоа, но од возбуда не можеше да заспие. Додека тој лежеше во црквичето, дојде Јасна и седна до поп Даре. Се држеа за рака и си делеа насмевки. Поп Даре ѝ кажа: „Ајде да се бркаме околу црквичето“, тоа го слушна и поп Фајр и силно викна „Ајдеее!“ и истрча до нив. „Здраво, јас сум поп Фајр, ајде тројцата да се бркаме околу црквичето, ајде да правиме нешто, што било, ајде да купиме веспа“. Поп Даре му удри шамар, Поп Фајр го сврте другиот образ и доби уште еден. Во тој момент, на поп Фајр му стана јасно дека нема да успее тандемот со поп Даре и си замина гледајќи кон небото, чекајќи некаков одговор. По пат се размина со Угљеша Барракактус кој исто така гледаше кон небото и бараше Бог да му каже кој е планот за него. Се разминаа и не се забележаа еден со друг. Поп Фајр изгуби надеж дека и тој ќе го слушне божјиот глас, со што би имал право повторно да се врати и да другарува со поп Абрахамис и поп Биле, и наместо кон небото почна да гледа во земјата. Одеше и немаше никаква идеја што ќе прави, само одеше и тивко мрмореше „Боже, те љубам, кажи ми што било, кажи ми 'таааа', кажи ми 'бууу', кажи ми 'татата пепепепе'“. Го кажуваше тоа, но немаше верба дека навистина ќе се случи. Одеднаш пред него виде измет од антилопа и викна силно - Еве знак! - и го згази. Се израдува, ја отвори широко устата и истрча на ливадата за да им каже на поп Абрахамис и поп Биле дека сепак Бог дозволува да биде дел од триото попови. Тие го чекаа на ливадата и им го покажа извалканиот чевел, па почнаа тројцата да се гушкаат и смеат. Беа среќни, мислеа дека е тоа најголемата среќа која може да се доживее, но се излажаа. По некоја минута беше најголемата среќа, бидејќи Бог им се обрати и на тројцата со зборовите „ататата вутатата“.

Слики: Pieter Vandenabeele

Слични содржини

Книжевност
Книжевност
Книжевност
Книжевност
Книжевност

ОкоБоли главаВицФото