МПМ нема чесни намери кон вработените

21.04.2017 03:45
МПМ нема чесни намери кон вработените

Начинот на кој МПМ се справува со финансиските потешкотии за кои менаџментот со години во континуитет говори е повеќе од скандалозен. Шпекулациите за стечај проследени со конкурси за вработување во фирма со слично име во сопственост на еден од директорите на МПМ се последниот чин од драматичното стрмоглавување на оваа медиумска куќа која уште еднаш потврди дека нема чесни намери кон своите вработени.

Доказ за тоа се следниве факти:

– Промените се случуваат тајно без информирање на синдикатот.
– Бројот на работните позиции е двојно помал од бројот на моментално вработените во МПМ.
– Во клучни моменти во кои се решава судбината на вработените тие се ставени пред избор „земи или остави“ додека сопствениците се зафатени или се на пат.
– Условите за вработување се на определено време со што новите работници ќе бидат лесно уценувани со губење на работата доколку на каков и да е начин бидат оценети како неподобни.

Поради ова ССНМ ги повикува институциите, пред сè Министерството за труд и социјална политика, но и правосудните и истражните органи да се позанимаваат со случајот во кој е очигледно дека законските прописи се користат на начин на кој единствени губитници од лошото менаџирање ќе бидат оние што се и најмалку одговорни – вработените.

На колегите од Медиа принт Македонија ССНМ и јавно им порачува да не потпишуваат однапред никакви спогодбени откази затоа што така ќе ги загубат можностите да ги наплатат своите побарувања (неисплатените плати) од стечајната маса, како и поддршката која им следува од Агенцијата за вработување во случај на стечај.

Извор: ssnm.org.mk