Ако немаш фетиш кон винилот, подобро не започнувај

21.04.2017 12:18
Ако немаш фетиш кон винилот, подобро не започнувај

Продавниците за плочи отсекогаш биле храмови на музиката, кажал некој и не згрешил во тврдењето кое во новиот милениум беше сериозно загрозено со појавата на дигиталните носачи на звук – компакт дисковите, mp3-те и стриминг сервисите. Користењето и продажбата на винилните плочи последните години бележи благ пораст, што поради незаменливиот ритуал на аудиовизуелното доживување, што поради камбек на фактот дека засега не постои технологија која успеала да создаде звук еквивалентен на оној што ја нуди музика на винил. На само два дена од International Record Store Day, Критика ја отвора рубриката за продавниците за плочи, промотивно со Тошо Филиповски, сопственикот на АП(о)ТЕКА, некогаш „Максимум Рокенрол“, добропознатато скопско свратилиште на винилните зависници, сега прикотвена во Младинскиот културен центар.

 

За тие што не знаат, кои и што се АП(о)ТЕКА и дали името реферира на нешто, зошто токму тоа име?

За тие што не знаат, АП(о)ТЕКА е простор кој го раководи МКЦ, а во кој се смести и „Максимум Рокенрол“. За да нема недоразбирања, го прифатив името дадено од МКЦ па така сега и продавницата за плочи функционира под името АП(о)ТЕКА. А кумови се луѓето од МКЦ, и веројатно тие подобро знаат да го објаснат значењето во поширок контекст. Продавницата за плочи се пронаоѓа себеси во она (о), направено во форма на плоча.

Што те натера да одлучиш да ја отвориш продавницата и кога и како се случи да влезеш во бизнисот со продажба на плочи?

Продавницата за плочи „Максимум Рокенрол“ ја отворив крајот на април 2009. Ова е трета локација на која е сместена. Зошто ја отворив? Затоа што не постоеше друг простор во државата каде може да се купат плочи, нови или користени, и затоа што на овој или оној начин цел свој живот сум поврзан со винилите и колекционерството. А за потпрашањето за бизнис, нема бизнис! Во Македонија нема шанси да се води бизнис со плочи. Премал е пазарот. Премалку луѓе слушаат винили. Се работи само за страст која е на граница на рентабилност.

Која беше првата плоча што некогаш си ја купил и каде било тоа?

Не сум најсигурен дали плочава што ќе ја споменав е прва или трета, во секој случај е една од првите. Ама дефинитивно ми го смени животот. U.B.R. – Corpus Delicti 7” Ја нарачав веднаш кога излезе, некаде 1984 чинам… Во тоа време бев навлечен на комуникација преку фанзини и во еден од нив го видов огласот дека се продава, ја нарачав директно од групата од Словенија. Токму тој удар што ми го предизвика истата, во 1992 започнав да го користам името Corpus Delicti како име за својот label, а подоцна и за фирмата што ја имам и ден денес.

Кои беа твоите омилени продавници за плочи додека растеше и како тие ти влијаеле на одлуката да отвориш сопствена продавница за плочи?

Јас растев низ виртуелни продавници (тогаш овој термин не се употребуваше), или тогаш mail order distro. Разноразни каталози стигнуваа до мене. Нарачував плочи и ми снимаа касети. Зборувам за мојот адолесцентски период кога бев навлечен на хардкор/панк музика и фанзини како публикации кои го дообјаснуваа музичкиот израз на бендовите. Потоа, во 90-тите се случуваше деноноќно дружење во Баги шоп за да се продолжи комуникацијата со сите подоцнежни винил дуќани низ Скопје. И кога ги снема, дојде ред и на мене да отворам.

Кои жанрови, стилови и музички правци се продаваат во АП(о)ТЕКА?

Во АП(о)ТЕКА може да се најде секаква музика. Веројатно најслабо стојам со електроника, затоа што најмалку ја познавам и панк/хардкор, затоа што сè што ќе набавам си го земам за моја колекција.

Каков вид истражување правиш пред да се одлучиш што да ставиш на полиците?

Па, со оглед на фактот дека бројот на луѓе кои купуваат винили во АП(о)ТЕКА, а претходно во Максимум Рокенрол и не е којзнае колку голем, ги знам нивните колекции и што би сакале да дополнат во нив. Па така и набавувам, најчесто она што не сум го имал. Избегнувам дуплирања.

Која е плочата за која знаеш дека секогаш ќе ја продадеш и која е бестселер плочата на сите времиња во Апотека?

За плоча конкретно не би зборувал, но за артист да. Мајлс Дејвис. Кое било негово издание веднаш се продава, и сум продал, за наши услови навистина многу.

Кои се плочите кои би сакал да си ги имал во повеќе копии за продажба, а кои помалку?

Не се водам по тоа да носам/увезувам/набавувам проверени наслови. Повеќе се мотивирам да набавувам наслови кои досега не сум ги имал или знам дека ги нема низ Македонија. Толку многу музика има издадено на винили низ светот, па ми е навистина инспирација дa ископувам нови нешта.

Која е најдосадната работа која купувачите постојано те прашуваат и кое е најмногу фрустрирачкото и/или најчесто поставувано прашање кое ги добиваш од клиентите?

Веројатно најдосадно ми е зборувањето за опремата, односно кој каква техника има за преслушување на плочи. Тотален лаик сум за техника и повеќе ја почитувам самата музика отколку квалитетот на звукот на винилот или снимката.

Можеш ли да ни кажеш за некои од твоите најдраги плочи во колекцијата, од таа која ја поседуваш во продавницата или можеби некоја од твојата лична колекција. Која плоча е твојот личен „Свет грал“? И конечно, колку плочи поседуваш во твојата колекција?

Имам многу драги плочи. Некои поскапи, а некои поевтини. Погоре веќе споменав една од нив. Во принцип во дуќан не држам скапи плочи, најмногу поради фактот дека во Македонија луѓето не купуваат плочи за колекционирање (чест на исклучоци) туку за слушање. Ретките, скапи плочи ги чувам за себе или пак ги продавам на интернет. Според моја груба проценка, во приватната колекција имам околу 4000 LP-a, 2000 синглови, 7000 CD-а и 1000 касети.

Како се чувствуваш во врска со сè поголемата окупација на интернет шопингот, „дигиталните преземања“, преносните mp3 плеери, iTunes-от и стриминг сервисите кои влијаат на сè поголем број затворени продавници за плочи и како тоа ќе влијае на оваа гранка на локалната, па и пошироко, економија?

Мене не ми пречи што луѓето купуваат преку интернет. Многу често и самиот им препорачувам одредени наслови сами да си ги нарачаат. Оваа продавница не ја третирам како бизнис. Сè додека уживам во преслушување на нови плочи ќе ја одржувам продавницата во живот. Оној момент кога ќе ми здосади, ќе се зафтам со некој друг сегмент од музиката. Но колекционерството кај мене засекогаш ќе остане.

Продавницата за плочи е простор кој луѓето го користат не само за пребарување и купување музика, туку во ова време на „виртуелно пазарење“ имаат и свој силен и уникатен социјален момент. Дали АП(о)ТЕКА ја користиш и за едуцирање на клиентите?

Да, тој момент на комуникација со луѓе ми е еден од подрагите делови од продажбата. И сè додека уживам во дискусии за винили и музика, продавницата ќе опстојува. А колку тие разговори се едукативни за некои помлади генерации на купувачи, не знам. Веројатно тие самите ќе кажат во некои идни интервјуа. Јас за себе тврдам дека седењето во Баги Шоп, 24/7, ми влијаеше многу врз градењето на себеси како личност и посветеноста кон музиката.

Според тебе, што е тоа што е забавно и возбудливо во водењето продавница за плочи?

За мене е возбудливо кога ќе добијам нови плочи и можноста да ги преслушам. Возбудливо е кога во дуќан ќе се појави нов потенцијален љубител на винилот. Без разлика за каков музички жанр станува збор. Возбудливо е и кога ќе видам помлади генерации како „треперат“ кога во раце држат омилена плоча. Силно респектирам луѓе кои со страст му приоѓаат на винилот.

Што е тоа што те прави да се чувствуваш дека си имал добар ден во АП(о)ТЕКА?

Кога ќе влезе минимум еден заинтересиран за винили со кој ќе размениме барем неколку зборови за страста која ја делиме.

Колку работите се променија од моментот кога ти започна со твојата прва продавница па сè до денес? Кои се главните предизвици во секојдневната борба со водењето продавница за плочи?

Работите за мене не се многу променети. Најголем дел од муштериите кои ме посетуваа во првите денови (пред 8 години) ме посетуваат и ден денес. Нема многу нови слушатели, барем не кај мене во дуќан. Предизвикот секогаш го врзувам за тоа што и од каде да набавам нови плочи и кому да ги понудам. Во последно време сè повеќе сум окупиран со размислување и планови за една едиција на македонски винили кои ќе ја документираат богата музичка историја на овој народ. Е тоа е вистински предизвик.

Дали следиш музички трендови при формирањето на колекцијата за продажба или воспоставуваш свои стандарди?

Не следам трендови. Преферирам second hand плочи и ретко се одлучувам да нарачувам нови бендови. Можеби сум премногу old fashioned guy, а?

Дали светската тенденција на „сè поголемата продажба на плочи“ е привремено оживување на плочите и каде тие се наоѓаат како продажен физички формат во далечната иднина?

Не мислам дека ова е тренд. Триесетина години активно собирам плочи и барем оној музички жанр што мене ме интересирал – punk/hc, отсекогаш издавал албуми и на винили. И тоа ќе трае и во иднина, сигурен сум. Дали (сигурно ќе има) новите носачи на звук ќе бидат подоминантни или не… воопшто не ме засега. Винилот секогаш ќе опстојува. Впрочем, и денес, во таа таканаречена експанзија на истиот, тој е далеку од доминантен формат како носач на звук.

Дали практикуваш настапи во живо во твојата продавница и ако да – кои настапи се твоите фаворити?

Сè уште не. Во план се и настапи во живо и промоции на винили.

Да не беше во бизнисот со продавницата за плочи, што би работел?

Секако би работел нешто со музика. Поточно, нон-стоп работам нешто поврзано со музика. Некогаш две-три активности се преклопуваат, а некогаш само едно нешто упорно го туркам. Радио, ТВ, списанија, концерти… секаде сум бил присутен. Последните години интензивно работам на еден проект кој би требало да биде музеј/архив на македонската музика. Дел од него е и „Енциклопедијата на Македонската Рок Музика“ која наскоро треба да биде завршена. Ја споменав и едицијата на винилни изданија со архивска македонска музика… а има уште неколку идеи кои допрва ќе се искристализираат како проекти.

Каков совет би му дал некому кој би сакал да отвори своја продавница за плочи?

Ако немаш фетиш кон винилот, подобро не започнувај.

Дали мислиш дека постои одржлива иднина за независните продавници за плочи во Македонија?

Не, ако зборуваш во множина, за повеќе физички продавници. Ама убеден сум дека секогаш ќе живее барем по една добра продавница на винили. Така што, џинглот на Канал 103, дека Скопје нема продавница за плочи е депласиран и неточен. Временски многу кратки биле тие периоди кога Скопје немало барем една продавница за плочи. Скоро и да сме немале таков геп.

Што те одржува тебе да продолжиш да ја водиш АП(о)ТЕКА?

Страста кон винилот како носач на звук.

Што се наоѓа во моментов на твојот грамофон во продавницата?

Падот на Византија – Почеток и Крај.

 

 

АП(о)ТЕКА избира за Вас

 

Падот на Византија – Почеток и Крај LP

Апореа – На реках Вавилонских LP

Крсте Роџевски – Bitter Almonds LP

Bernays Propaganda – Политика LP

Undone – Family LP

Фонија – …Без име LP

Хахаха – Сами мажи и жени LP

Новиот Почеток – Јас сум земја LP

RIB – Something Completely Different LP

Blla Blla Blla… – Brum Per Medioferr LP

 

Извор: kritika.mk