Колонијален фудбал

07.07.2010 13:25
Колнијален фудбал

Можеби СП во фудбал на африканскиот континент е новост, ама воопшто не е случајност. Фудбалот овде се ширеше побрзо отколку во другите колонизирани делови на светот – наспроти фактот дека во банту јазиците, со кои кои се служат преку 400 различни етнички групи во јужна и централна Африка, не постои зборот „топка“.

Поради колонијалното потекло на оваа игра, африканскиот фудбал долги години беше под контрола на Англија и Франција. Фудбалот во Африка, како и во други делови на светот, го донеле Британците. Првите луѓе кои шутирале топки на овој континент биле морепловците и колонијалните војници; подоцна играта ја популаризирале колонијалните службеници, градежници, учители и трговци, и меѓу месното население, и меѓу доселениците.

Фудбалот и спортовите за господата

Фудбалот бил прифатен во оние делови на британската империја каде немало многу припадници на британската висока класа, и онаму каде преовладувале поблаги облици на колонијалното владеење. „Господските спортови“ како крикетот или рагбито биле многу распространети во Уганда, Британска источна Африка (Кенија) и Родезија, каде живееле повеќе британски доселеници, отколку во Западна Африка, каде тропската клима го отежнувала масовното доселување на Британците.

Во прво време оваа игра се ширела побрзо во деловите на Африка каде владеела Британија отколку во оние под француска контрола. Тоа било така бидејќи Французите спроведувале строга сегрегација меѓу Европејците и месното население; исто така, спортот во тоа време, а посебно фудбалот, играл релативно мала улога во француската култура.

Египет бил првата африканска „фудбалска велесила“. Историјата на фудбалот во Египет почнала со доаѓањето на британските окупациски сили во 1882 г. Британските граѓани во Каиро ги основале првите клубови во 1903, а набрзо и локалното население основало свои. ФК Ал Али, основан 1907 г., станал еден од најуспешните и најпопуларни клубови во Африка. Бидејќи со клубот управувале републиканци и либерали, Ал Али претставувал симбол на пркос кон британското колонијално владеење.

Ловци на таленти

Во одредена смисла, Англија била „фудбалската татковина“ на Африка. Фудбалерите од африканско потекло почнале да играат во англиските тимови по Втората светска војна, со доаѓањето на првиот бран колонијални емигранти. Во тој период Африканците од француските колонии веќе долго време играле во француската лига. Леснотијата со која го правеле тоа имала врска со концептот на француската нација, според која колониите биле продолжетоци на „татковината“ и составни делови на Grande Nation. Вториот фактор бил фактот дека идејата за „национален фудбалски стил“ во Франција се развила многу подоцна отколку во Англија, Германија или Италија. Затоа Французите можеле да ја споделат играта со колонијалните емигранти без страв дека ќе го жртвуваат својот „национален дух“.

Во своите северноафрикански колонии Французите станале водечки „фудбалски мисионери“. Со исклучок на Јужноафриканската Република, Северна Африка била најурбаниот и индустриски најразвиениот африкански регион, и таму живеел најголемиот број европски доселеници. Од 20-те години на минатиот век, француската влада го помагала промовирањето на фудбалот, а Магреб станал првиот регион во Африка кој постигнал меѓународен успех.

Иако до Втората светска војна фудбалот станал најпопуларниот спорт во Африка, играта се ширела многу побавно одошто во Европа (ако не ја сметаме Северна Африка). Главните причини за тоа – покрај „воздржаноста“ на британскиот колонијален естаблишмент, кој претпочитал елитни спортови – биле слабата урбанизација и неразвиениот образовен систем.

Фудбалот и апартхејдот

Фудбалот во земјата во која деновиве се одржува СП исто така го донеле доселеници од Британија. Првиот забележан натпревар во ЈАР е одигран 1866 г. во Питермарицбург. Таму во 1879 г. е основан и првиот фудбалски клуб – ФК Питермарицбург. Потоа биле основани уште три исклучиво белечки клубови: Дурбански алфи, Умеги ѕвезди и Наталски пчели. Тие заедно го составувале фудбалскиот сојуз на Натал. Европските индустријалци го помагале основање фудбалски клубови за белите работници во Дурбан, а од почетокот на векот и во Јоханесбург и Кејптаун.

Во 1892 г. е основан националниот фудбалски сојуз (SAFA), кој бил поврзан со фудбалскиот сојуз на Англија – и отворен само за белци. По основањето на Јужноафриканската унија во 1910 г., SAFA (подоцна преименуван во Фудбалски сојуз на Јужна Африка, FASA) станал независен член на ФИФА. Но и понатаму доминантен спорт за белците било рагбито. Дури и денес белците од ЈАР најмногу го следат овој спорт.

Во 1951 г. е основан сопернички сојуз, Јужноафрикански фудбалски сојуз (SASF). Отворен за обете раси, SASF ги претставувал повеќе од 80% од жителите на Јужна Африка. Наспроти тоа, ФИФА решила да го прими проапартхејдскиот FASA. Владата на ЈАР во 1956 г. формално ја проширила расната сегрегација и на спортот. ЈАР во 1957 г. се пријавила за учество на првиот Африкански куп на народите, но била исклучена бидејќи од FASA било соопштено дека немаат намера да испратат расно мешан тим.

Иако вледеела сегрегација, црнците и белците живееле близу едни до други, и „белечката“ игра брзо стигнала во црнечките населби. Со порастот на црната урбана работничка класа во 50-те години, фудбалот сè повеќе станувал црнечки спорт. Јоханесбуршкото гето наречено Совета станало мека на црниот фудбал.

Наспроти апартхејдот, мешаните тимови не биле толку ретка појава во Јужна Африка. Црнците, „обоените“ и Индијците играле рамо до рамо за време на 50-те. Првиот белечки професионален тим кој примил црн играч бил Аrcadia Shepherds of Pretoria. Една од најбитните причини за отворањето на клубовите кон црнците била економската. Најголемиот дел од публиката го сочинувале црнци, а според зборовите на бизнисменот и претседател на Аркадија клубот, Сол Сакс, „црните играчи ја задржуваат публиката на стадионот“.

Апартхејдот и ФИФА

Поради својата сегрегациона политика FASA била исфрлена од Африканската фудбалска конфедерација во 1961, а ФИФА ја суспендирала во 1964 г. И покрај тоа, претседателот на ФИФА од тој период, сер Стенли Раус, долги години ја штител FASA. Но тоа го чинело претседателска положба. Во 1972 г., иако била суспендирана, FASA побарала дозвола од ФИФА да организира меѓународен аматерски турнир. Раус го поддржал тоа, но кога се дознало дека ЈАР планира да пријави целосно бел тим, Англија, Германија и Бразил се повлекле од турнирот. Зад повлекувањето на Бразил стоел соперникот на Раус, Жоао Хавеланге. На конгресот на ФИФА од 1976 г. Хавеланге, со помош на африканските делегати, бил избран за претседател на ФИФА. Тогаш ФИФА конечно ја исклучила Јужна Африка.

ЈАР повторно е примена во ФИФА дури во 1992 г., по крахот на апартхејдот. FASA, SASF и двата претходно независни сојузи се споија во 1994 г. во Јужноафриканскиот фудбалски сојуз, кој сега ги претставува сите етнички заедници во Јужна Африка.

Подемот на африканскиот фудбал

На СП од 2006 г. во Германија, Африканците доживеаја неуспех, и само Гана стигна до плејофот. Меѓутоа, тоа не треба да се сфати како крај на подемот на африканскиот фудбал.

Треба да се каже дека очекувањата по успешниот резултат што Камерун го постигна на СП од 1990 г. допрва треба да се остварат. Од друга страна, неодамнешните случувања покажаа дека африканскиот фудбал одамна излегол од сенката на своите колонијални почетоци. Додека Европејците порано го освојуваа нивниот континент, африканските фудбалски ѕвезди сега ги „освојуваат“ европските фудбалски лиги. Ако Африканците еден ден ги поразат своите некогашни колонијални господари во нивната игра и го освојат најсаканиот фудбалски трофеј, африканскиот фудбал конечно ќе го надрасне своето колонијални минато.

Извор: Eurozine

Слични содржини

Општество / Спорт
Општество / Спорт
Општество / Спорт
Општество / Спорт
Општество / Свет / Спорт
Општество / Балкан / Спорт

ОкоБоли главаВицФото