Згуснување на боите на Шарената револуција

24.04.2017 05:52
Згуснување на боите на Шарената револуција

Трпение-спасение. Знам, знам, трпението се губи кога човек си има работа со непоправливи лудаци. Но, оваа поговорка треба да се сфати малку поинаку и во современ контекст!

Постои слична поговорка и на арапски јазик: Ес саб`р демил. (Мислам дека добро ја запаметив, слободно корегирајте ме ако не е така). Оваа изрека, што во превод значи „Во трепението е убавината“ ми ја кажа Мухамед, еден наш пријател од времето кога се дружевме во чајџилницата и дури и ми ја напиша со калиграфско арапско писмо. Потоа јас од овој калиграфски запис насликав слика, која, за жал, ми се изгуби. Ако некој ми ја прати калиграфијата, пак би ја насликала таа слика. Во сите нијанси на тиркизна и зелена боја и со длабоко сино, небесно и фини акценти од другите бои. Сакам да кажам: постојат универзални вредности, еве, како трепнието, кои се како стожери околу кои во разни култури се ткаат слични мудрости.

Без разлика уште колку ќе се тегне статус кво состојбата во собранието, јас предлагам сеќавањата на Шарената револуција да си ги вратиме, за да ги згуснeме нејзините бои. Во сликарството тоа се нарекува паста, текстура и структура. Како што постојат слоевити слики, кога на една лазурна основа се нанесува втор, трет, четврт слој (така, на пример, сликал Вермер) постои и друг тип сликање, кога наеднаш се слика со густа паста и во неколку потези. Првото е како фино ткаење, второто е некаков експресионизам. Кога ќе застанете пред некоја слика од Рембрант или Гоја, мислите дека сте пред жива слика. А кога ќе се доближите да ја видите структурата на потезите од поблиску, посебно на некоја слика од Гоја, вчудовидени сте колку е тоа апстрактно насликано и во едно лудило од потези. Или сликите на Ван Гог! Се разбира, има разлика меѓу лудилото на будалите и лудилото на генијалците. Станува збор за дијаметрална разлика, ме разбирате што сакам да кажам. Така се препознава што е фалсификат – според потегот. Бидејќи оригинален потег никој не може да имитира, значи самата негова структура е живо органско ткиво кое пулсира и токму тоа не може да се имитира. Или, примерот со македонските сликари Личеноски, Петар Мазев, Чемерски, спомнувам некои проседеа со карактеристична згусната структура и богата органска текстура. Тоа не може да се имитира. Потегот не може да се имитира. Така и Шарената револуција не може да се имитира. Но, може да се згуснува бојата, и ткивото да се доградува, да буе, а бојата да оживува. Тоа мислам дека треба да го направиме во овој период на статус кво. Бидејќи, со силеџии не може човек да се разбере. Пушти ги нека кажат што имаат и до крај нека се испразнат. Нема каде да избегаат. И немаат други опции, освен тука да останат и да се соочат со фактите на здравиот разум. Нека си ја верглаат својата песна, но и ние во себе ќе си ја поворуваме нашата песна „Во борба, во борба, македонски народе!“

Ај, ги разбирам тие кутри луѓе од „списоците“, кои мораат да се јават на прозивката, бидејќи во „doing business“ светогледот на ДПМНЕ секоја услуга мора да се врати со противуслуга! Но, не можам да сфатам и не можам да се изначудам, како може луѓе образовани и паметни да не разликуваат правда од неправда, да не препознаваат што е лага а што вистина, да не го разлачуваат битното од небитното. Каде е тој куршлус во нивната душа, таа голема забуна што ги прави толку слепи? Можеби, сепак станува збор за дефект во интелектот! Што може да биде друго? Едно е многу јасно: целата заблуда гравитира околу феноменот на моќта. Како да се обземени од моќта! „Господ го одбрал претседателот и премиерот (и царот и султанот и монархот итн.) и го поставил да владее!“ Така ни велат овие, така го лажат народот кој го сметаат за неинтелигентен, глуп, неук и затоа тој вечно треба да им верува на овие измамници. Тоа не се ни приказни за мали деца! И нема никаква врска со изворното христијанство кое го сруши тој концепт за моќта. Затоа, овој Велигден беше најнедуховен Велигден во мојот живот, бидејќи сите маски паднаа и се покажаа вистинските грди и алчни лице. Никогаш нема да бидам на наивната страна.

Јас никогаш нема да бидам со моќниците и нивните измеќари кои не избираат средства во манипулациите за да стекнат уште поголема моќ. Никогаш нема да бидам со алчните и агресивните. Интересен е фактот што на ова тло се појавија зачетоците и на социјализмот и на феминизмот, верувале или не, уште во X век, со појавата на богомилството. Уште тогаш богомилите се побуниле против црковната власт која била силна феудална институција во спрега со монархијата (со царот, султанот или феудалниот велепоседник) кои немилосрдно го експлоатирале обичниот човек наметнувајќи му големи даноци. Тоа и денес го препознаваме како стварност. Суштината на ропството остана, само формата е сменета. И Коста Рацин го истражувал богомилството и пишувал за богомилите. Многу научници од светот денес ја проучуваат богомилско-катарската филозофија како сè уште жива етика која изворно се јавила како алтернативно или народно христијанство со пантеистички карактер и како прва критичка филозофија на човекот-граѓанин, значи била некој тип проторенесанса, прва форма со која се утврдуваат принципите на секуларизација и граѓанско општество, прва социјално-критичка теорија, како филозофија на морално себе-усовршување, морално отфрлање на злото, филозофија на мирот, филозофија на рамноправноста, но и филозофија на социјално непотчинување, на солидарноста, со прифаќање на вербата во и практикувањето на божествената љубов (Ерика Лазарова). Тоа движење е значајно за формирање на психологијата на нашиот човек, за борбата за правда, мир и за слобода. Борбата продолжува!

Нашата црвена е згусната, елегантна бордо или вишна. Нашата жолта не е некоја избледена, изветвена жолта, туку суво злато. Е, тоа не можат да го имитираат, не можат да ги имитираат нашите маршеви за правда, мир и слобода и широките потезите со кои боевме градовите, нивната структура и текстура кои се самиот живот и елан-витал.
Патем, патриотизмот е љубов кон својат земја, народ, култура и традиција, па патриоти не може да бидат тие кои ѝ направија непоправлива штета на земјата, културата и го осиромашија народот. Патриотите не штитат криминалци, силеџии, мафијаши од законот кој наложува да се изолираат во затвор за да се спречат нивните нови злодела.

П.С. Сега сум убедена дека ако излеземе на улица, ќе изрежираат инцидент, за веднаш претседателот да прогласи полициски час, и потоа да следат други акции, значи, отворена диктатура. Ова не го кажувам од страв, туку бидејќи сум сигурна дека тоа го планираат и на тоа се спремни. Мојот став е дека не треба да се излегува на улици, оти бараат повод за сценариото во следната фаза - „ердоганизација“.