Муслимани во Јордан ги чуваат црквите за да ги заштитат христијаните

24.04.2017 06:33
Муслимани во Јордан ги чуваат црквите за да ги заштитат христијаните

По крвавите напади врз египетските христијани кои во текот на последниве месеци се под сериозна закана, муслиманската заедница во Јордан одлучи да изрази солидарност со христијанските верници.

За време на велигденските празници, ширум Јордан беа организирани собири на муслиманската младина пред црквите, за да се спречат евентуални напади од страна на терористичките групи. Како што пишува The Jordan Times, „младите муслимани ширум кралството се собраа да ги одбранат своите христијански соседи за време на богослужбата на еден од најсветите денови во годината“.

Еден од учесниците во акцијата, Фаез Рукеиди од покраината Балка, вели дека со оваа иницијатива тие сакаат да изразат „заедништво на Јорданците и да осигураат слобода на практикување на верата без ограничувања или страв“.

Организаторот на иницијативата, Казем Карабшех, на својата Фејсбук страница ги повика своите сонародниците да им изразат поддршка на јорданските христијани.

„Нашите пријатели христијани во недела ќе се молат во своите цркви и ќе извршуваат обреди. Некои платеници, како и во Египет, ѝ се закануваат на нашата внатрешна сигурност и се обидуваат да ги застрашат оние кои сакаат да одат во црква. Јас и моите муслимански пријатели ќе ги штитиме црквите во Балка, за да можат нашите пријатели христијани безгрижно да одат на богослужба“, пишува Карабшех.

Според уставот на Јордан, исламот е државна религија, а христијаните се во целост рамноправни и освен верската слобода, гарантирана им е и пропорционална застапеност во парламентот. Јордан го посетија тројца папи: Павле VI во 1964 година, Јован Павле II во 2000 година и Бенедикт XVI во 2009 година.

Извор: The Jordan Times