Полесно е да се бомбардира

24.04.2017 10:17
Полесно е да се бомбардира

На американските претседатели често им е полесно да бомбардираат отколку да размислуваат. Кога сложно ја фалат одлучноста на претседателот кој го наредил бомбардирањето, американските политичари и новинари немаат што да загубат. На 6 април Доналд Трамп најави остар пресврт и се откажа од политиката на воздржување од напади на режимот на Асад. Одобри лансирање на 59 томахавк ракети на сирискиот воен аеродром. Поводот беше извештајот дека сириските воздушни сили фрлиле бомба со воен отров која уби најмалку 72 цивили. Џон Мекејн и Линдзи Греам – најострите критичари на Трамп од Републиканската партија, кои веќе долго бараат рушење на режимот на Асад – веднаш го одобрија нападот. Ненси Пелоси, предводничка на малцинството во претставничкиот дом, ја опиша акцијата како „соодветна“. Брзата и одлучна реакција на Трамп ја поздрави и Фарид Закарија: „Мислам дека Доналд Трамп штотуку стана претседател“ – односно, вистински претседател, по неколку недели лутање и збунетост. И Езра Клајн нападот на земјата која никогаш не ја нападнале САД го оцени како оправдан: Трамп „дејствуваше во рамки на нормите на американската надворешна политика“.

Тоа е необичен пресврт. Претседателот кого со месеци пред и по изборната победа претставниците на естаблишментот го опишуваа како нестабилен и опасен, дочека истиот естаблишмент да го прогласи за разумен и пресметлив. Какви заклучоци би можел да извлече Трамп од таквиот развој на настаните?

Ненадејното прибегнување кон примена на сила носи одредени ризици. На сириското боиште е присутна Русија која таму ангажираше значајни воени капацитети и го заложи својот дипломатски престиж. Трамп од внимателност ги предупреди Русите да ги повлечат своите луѓе од зоната на нападот; кога претставниците на Русија во ОН го прашале да објасни на што точно мисли кога предупредува за „негативни последици“ од бомбардирањето, тој избра да не зборува за можното влошување на американско-руските односи. Рече: „Погледнете го Ирак, погледнете ја Либија“.

До крајот на вториот мандат на Џорџ Буш, војната во Ирак создаде речиси пет милиони бегалци во земја од 27 милиони жители. До крајот на мандатот на Обама, војната во Либија расели 400 000 луѓе во земја со 6 милиони жители. Тоа се факти кои светот не ги заборава толку брзо и толку лесно како американците. Пред 5-6 години, само сатиричарите зборуваа за „паралелни војни“ или „трајна воена состојба“; новинарите од водечките медиуми денес рутински зборуваат за кредибилитетот на советниците или генералите за водење на „нашата следна војна“. Никој не вели: погледнете го Ирак, погледнете ја Либија.

Медиумските извештаи за хемискиот напад во Сирија – и „казнениот“ американски напад кој следеше за Асад да се натера да ги почитува „меѓународните норми“ – наводно се засновани на докази кои новинарите и уредниците ги оцениле како задоволувачки. Меѓутоа, како и во случајот на тајните информации за поврзаноста на Трамп со Русија, на дело е логика на известувањето која дава повод за загриженост. Во двата случаи се случи нешто ново: водечките дневни весници, медиумските мрежи и веб страниците гарантираа за исправноста на своите заклучоци – за точноста на наодите за Трамп; за позадината и мотивите на хемискиот напад во Сирија – кои се опишани како да се засноваат на внимателно испитување на цврсти докази. Сепак, на јавноста ѝ се прикажани само заклучоци. Доказите се споменати само начелно и без многу труд за да се утврди врз основа на што се прифаќаат како легитимни. Така, во случајот на нападот во Сирија, главен доказ кој им беше понуден на новинарите беше „радарската снимка на движењето на сирискиот авион кој во вторникот полетал и се упатил во зоната на хемискиот напад.“ Новинарите врз основа на тоа заклучиле дека употребата на хемиското оружје ја наредил Асад и дека е во прашање напад кој се вклопува во вообичаениот образец на напад со хемиско оружје кој го изведуваат сириските владини сили. Но, последната претпоставка е сосема неоснована.

Документираните напади кои новинарите ги имале на ум се случија на 19 март 2013 во близина на Алепо, кога настрадаа повеќе од дваесет луѓе; на 21 август во Гута во близина на Дамаск, кога од труење умреа стотици луѓе; и (точно две години подоцна) на 21 август 2015 во Мареи северно од Алепо. Во извештајот кој Ентони Дојч го напиша за Ројтерс неколку недели по третиот напад сумарно се изложени заклучоците на Организацијата за забрана на хемиско оружје кои потврдуваат дека навистина е користено хемиско оружје. Дојч зборува за „сè побројни докази дека ИСИС набавила и употребила хемиско оружје во Ирак и Сирија“. Таквите индиции речиси и да не се споменати во последните медиумски извештаи за Сирија во САД. Можеби канадскиот премиер Џастин Тридо мислеше на тоа кога во првата реакција на последниот инцидент рече дека постојат „отворени прашања... за тоа кој е одговорен за овие ужасни напади“.

Но, немаше никакво влијание на ставот на Американците кон Башар ал-Асад. Пред да почне војната, Асад беше само еден од регионалните деспоти, како Садам Хусеин и Моамер Гадафи, чие владеење е репресивно и нелиберално, но не претставува сериозна меѓународна закана. Во оваа граѓанска војна, Асад и неговите сојузници, Хезболах, Иран и Русија, извршија злосторства и предизвикаа страдање кај жителите на Сирија за кои никогаш нема да се искупат. Нивните непријатели – ИСИС, Ал-Нусра (сирискиот огранок на Ал-Каеда) и другите групи кои ги финансираат Турција, Катар и Саудиска Арабија – често го правеа истото. Која од тие страни повеќе ќе ја мразите, ако сте Сириец, зависи од тоа кој ви убил повеќе членови од семејството.

Дали денес, повеќе од 5 години по почетокот на војната, е уверлива идејата дека САД можат да го ублажат страдањето кое го предизвикаа Асад и неговите пријатели така што ќе започнат нова голема воена интервенција и ќе се обидат да го срушат сирискиот режим? Изгледа дека американскиот естаблишмент на тоа прашање преку ноќ и без размислување одговори потврдно. Таквата политика, покрај продолжувањето на борбата против ИСИС, подразбира влегување во конфликт со други моќни воени сили во земјата, со сириските вооружени сили, со групите кои ги застапуваат интересите на Иран, и со Русија. Наводната цел на новата политика е запирање на крвопролевањето, но таа во исто време би го интензивирала насилството во земјата.

За момент да се вратиме на поуките кои би можел да ги извлече Трамп од последните настани. Дали ќе згрешиме ако тие поуки ги сведеме на следното? „Со лансирање ракети на омразената странска сила ќе стекнеш уважени и нови моќни пријатели. Успехот е сигурен, само треба да се работи брзо и да се повикува на хуманитарни причини“. Огромното внимание на јавноста кои го привлекоа овие настани и необично стеснетиот фокус во нивното толкување откриваат непријатни вистини за нашата политичка култура.

Да го земеме на пример Њујорк Тајмс од 7 април. Во утринското издание беа објавени дури 19 текстови за ракетниот напад врз Сирија, со различни, но усогласени наслови: „Изолационист чувствителен на страдањето на цивилите“, „'Тежок удар' за руско-американските односи, вели Путин“, „Еднократен удар за запирање на користењето нервен гас“, “63 часа: од нападот со сарин до лансирањето на ракетите“, „Предупредувачкиот плотун на Трамп во војната помеѓу Банон и Кушнер“, „Неочекувана промена на темите на свечената дипломатска вечера“, „Твитовите на Трамп за Сирија: како се менуваа“, „Одлуката на Трамп која ја поздравуваат критичарите, а симпатизерите ја осудуваат“, „Дали нападот на Сирија беше незаконски? Толкување на претседателските воени овластувања“, „Сиријците што му се противат на Асад чувствуваат задоволство, но и страв од освета“, „Бегалците го поздравуваат потегот на претседателот кого го критикуваа“, „Светот поделен заради ракетниот напад“, „Ракетниот напад зборува за новата реалност во Сирија, за пријателите и непријателите“, „Одмерување на акциите против режимот кој веќе е под опсада“, „Зарем сириските залихи на хемиско оружје не се уништени? Одговорот не е толку едноставен“, „Дали ставовите на САД го охрабрија АСАД?“, „Кој беше во просторијата со претседателот? Советниците на Трамп за време на нападот“, „За Тилерсон и Мекмастер нападот на Сирија е можност да исчекорат од сенката“.

Самите текстови се помалку едногласни отколку пренесените наслови. Но, зборовите што доминираат се напад, удар, одлука, акција, Сирија, Сиријци, и (над сите) Трамп. Иако, понекаде се провлекуваат и критички ноти, со скрупулозно вагање на значењето на усогласеноста на постапките извршните власти и уставните овластувања, конечната оценка не се доведува во прашање. На претседателот чиј легитимитет доследно е оспоруван откако е избран – на претседателот на кого одобрувањето му е потребно речиси исто колку и вниманието на јавноста – новинарите на Њујорк Тајмс му порачаа дека сега станал „важна политичка фигура на еден позитивен начин“.

Повеќе или помалку, демократите го прават истото: сенаторот Чак Шумер, кој минатиот четврток го одобри проблематичниот напад, оди по стапките на Ричард Гепхард кој во октомври 2002 година застана зад Џорџ Буш и поддржа можна војна во Ирак. Во годините што ѝ претходеа на 2002-та немаше блискоисточна војна во која САД не се повикаа на хуманитарни мотиви: да ги ослободат граѓаните на Авганистан од теократската тиранија на талибанците; во Ирак да изградат мултикултурна демократија во која Курдите, шиитите и сунитите ќе бидат рамноправни; ќе овозможат процвет на Арапската пролет во Либија така што на бунтовниците ќе им ја обезбедат победата што ја заслужуваат. Можеби Барак Обама нешто научи од примерите на либиската катастрофа, но очигледно членовите на неговата партија не научија.

Во меѓувреме, стратегијата на поврзување на Трамп со Русија која демократите упорно ја применуваа сега се заврте против нив. Нападите на Путин и сè што има врска со Русија, пред сè, беа средство за делегитимизација на Трамп, со конечна цел за негово рушење. Интересно е што заборавија на таа цел во оној момент кога Трамп се заврте против Путин – и веднаш срдечно го поддржаа. Трамп сега е нивниот незаменлив сојузник, а хуманитарната војна, како и обично, омилената задача која, ако е пласирана во добро избран момент, може да ги засени сите други: на пример, запирањето на климатските промени.

Можеби тоа би можело да се објасни со недостатокот од политички талент и способноста за конзистентно размислување. Повеќе од тоа обесхрабрува фактот што членството на денешната Демократска партија покажува многу мал интерес за надворешната политика. Колку и ставовите на сенаторите Мекејн и Греам и нивниот ученик Том Котон да се поматени од милитаризмот, и колку и да е паушална и поедноставена неинтервенционистичката доктрина на Ренд Пол – овие републиканци барем располагаат со потребните информации и имаат формирани мислења кои се подготвени да ги застапуваат. Обамакер, абортусот и тоалетите за трансродните лица се теми за кои демократите имаат да кажат многу повеќе отколку за Ирак, Сирија, Јемен или Русија. Но, она што е можно да се направи во земјата секогаш е ограничено од енергијата или доларите кои се насочуваат на проектите во странство. Министерството за одбрана во февруари објави дека во последните две и пол години САД во војната против ИСИС потрошиле 11,9 милијарди долари: во просек, тоа се 12,8 милиони долари дневно.

Во емисијата ГПС емитувана на Си Ен Ен на 9 април, генералот Дејвид Петреус ги повика Американците да се подготват за продолжена војна во Сирија. Рече дека тоа не е конфликт кој може да прекине за неколку години, туку една „генерациска битка“, проект кој бара внимателно да пресметаме колку „крв и пари“ сме подготвени да потрошиме. Петреус зборуваше како претседателски кандидат. Изјави дека е подготвен за очекувано обединување на нова рунда од студената војна и битки на големите сили за Блискиот исток. Неговиот соговорник Фарид Закарија немаше што да додаде, ниту имаше дополнителни прашања.

Извор: http://www.nybooks.com

ОкоБоли главаВицФото