Зошто не се исплаќаат земјоделските субвенции? Зашто нема пари!

24.04.2017 12:04
Зошто не се исплаќаат земјоделските субвенции? Зашто нема пари!

Субвенциите не се исплаќаат бидејќи во Буџетот на Република Македонија нема доволно пари. Нема доволно пари зашто тековните приходи во Буџетот, според податоците за првите два месеца од годинава, се значително под проекцијата, но уште повеќе зашто отсуството на легитимна влада го оневозможува нужното позајмување нови кредити од странство. Во наредниот период пари ќе има уште помалку - до загрозување на некои витални функции на општеството - доколку сѐ уште голем дел од населението ги голта гнасните лаги на мафијата, како што рибите голтаат фрлени црви; доколку мафијата не биде изгонета од институциите и изведена пред лицето на правдата и доколку час поскоро не биде конституирана новата власт врз основа на изборните резултати и одредбите на Уставот на Република Македонија.

ШТО Е ЛАГА ВО КОНКРЕТНИОВ СЛУЧАЈ?

Лага е дека проблемот бил во Законот за изборите; лага е дека исплатата била закочена зашто настанала смена на директорското место во Платежната агенција за поддршка на земјоделието, при што новиот аналфабет Нацијата морала да чека тој да го добие сертификатот за познавање на англискиот јазик за да можел оперативно да ја преземе функција (каква гротеска!); лага е прикаската на онаа Ѕингова креатура, вршител на функцијата „министер за земјоделство“, кога вели дека министерот за финансии е на пат, а „одговорните службеници во финансии не сакаат да потпишат (налози за исплата), зашто се плашат од одговорност која наводно произлегува од одредбите на Законот за изборите; лага е кога спомнатиот „министер“ вели дека (допрва) „ќе виделе каде е проблемот и кои се тие меродавни институции кои ќе уверат дека нема никој да сноси одговорност“ ако се исплатат субвенциите; лага е дека воопшто некој требало да ја прашува Комисијата за спречување на корупцијата дали исплатата на субвенциите е законски дозволена во предметниот период или не, итн.

Лага е сето тоа, зашто извршувањето на усвоениот Буџет, со веќе востановени обврски, не може да биде попречено со ниту еден друг закон. Пред избори и во случај на техничка влада, може да биде санкционирано воведувањето нови канали на истек на државни пари, но не и извршувањето на основните функции на Буџетот, доколку е усвоен од легитимен парламент.


ВИСТИНАТА И ЛАГАТА НА „МИНИСТЕРОТ“ ЗА ФИНАНСИИ

Техничкиот министер за финансии несвесно ја кажа вистината за субвенциите. Лагата, пак, ја кажа при полна свест, затоа што тоа е стилот на управување со земјата на целата група на која ѝ припаѓа. Несаканата вистина што му излета беше кога пред петнаесетина денови,одговарајќи на новинарско прашање во врска со исплатата на земјоделските субвенции, тој кажа дека (парафразирам) Буџетот работи во согласност со приливите на ликвидни средства и дека од тоа зависат исплатите. Тоа бездруго е точно, зашто поинаку не е можно - да исплаќа над она што го има на сметката. Намерната, пак, лага, беше кога во истиот одговор тој „итромански“ додаде дека во тој момент немал увид колку налози, со колкав износ, се пристигнати во Трезорот за исплата на предметните субвенции.

Меѓутоа, кога го кажа првиот дел од реченицата (ненамерната искреност), никој од присутните не го праша зошто нема пари во Буџетот за сите обврски кои се вкалкулирани во него (а Буџетот е закон) и (патем кажано) истите се истовремено и обврски според други закони на Парламентот и одлуки на неговата Влада - сите сѐ уште во правниот промет. И никој не го праша кој му/им дал право арбитрерно да ги применува(ат) тие закони и одлуки и арбитрерно да селектираат ставки при извршувањето на Буџетот, без да биде изменет од истиот парламнет. Исто како што никој не го праша зошто, кога проблемот е толку присутен во јавноста, кога толку многу се фалеа со политиката на субвенциите за земјоделието, тој не знае колку пари побаруваат земјоделците и ако не знае, зошто не ги праша неговите луѓе во Трезорот, зошто не го праша колегата од Министерството за земјоделство итн?

Но, да не се оддалечиме од клучното во неговата изјава, а тоа е дека „министерот“, повторувам, без да сака, на целата јавност всушност и’ кажа: плаќаме колку што имаме пари, а парите се далеку под обврските што сме ги презеле и не нѐ интересира какви обврски произлегуваат од законите и од политиките што самите сме му ги предложиле на Парламентот а тој (Парламентот) ги усвоил во форма на закони, исто како што многу од тие политики самите сме ги преточиле во одлуки на владата - сите заедно сѐ уште неповлечени од правниот промет.




ЗОШТО НЕМА ПАРИ ЗА ИСПЛАТА НА ЗЕМЈОДЕЛСКИТЕ СУБВЕНЦИИ?

Едната причина, во моментов помала, но со закана за натамошно влошување, е намалената динамика на полнење на Буџетот преку редовните приходи. Еве неколку факти. Според усвоениот Буџет за 2017 година, предвидено е вкупните приходи, во споредба со минатата година, да бидат поголеми за 7,6 проценти (или, од 174,3 на 187,6 милијарди денари). Во тие рамки, приходот од „даноци и придонеси“ да се зголеми за 7,4 проценти (од 149,6 на 160,7 милијарди денари); приходот само од даноците да се зголеми за 10,1 процент; приходот од „придонесот за пензиско и инвалидско осигурување“ за 3,5 проценти. Наместо наведеното, во првите два месеца од годината (за толку има објавено податоци), состојбата е следна: во јануари и во февруари оваа година, збирно, е остварен вкупен приход од 25,9 милијарди денари, а истиот период лани - 25,8 милијарди.

Планираниот раст, барем засега, го нема. Во рамките на таа бројка, приходот од ставката „даноци и придонеси“ изнесува 22,8 милијарди денари, наспроти ланските 22,3 милијарди денари (раст од само 2,2 проценти); приходот од ставката „даноци“ (значи без придонесите) изнесува 14,8 милијарди наспроти ланските 14,6 милијарди. И кај оваа ставка речиси нема пораст.

Во 2016 година во Државниот пензиски фонд се слеале 33,8 милијарди денари. Годинава се планирани 34,9 милијарди - планиран раст од само 3,5 проценти. Но, во првите два месеца лани биле остварени 5,0 милијарди денари, а годинава (во истиот период) 5,1 милијарди - пораст од само 2 проценти. А знаеме сите дека пред изборите лани, мафијата ги зголеми пензиите за 5 проценти и најави и оваа година дека ќе ги зголеми за исто толку.

Доколку овој тренд продолжи до крајот на годината, не е тешко да се претпостави колку би бил кусокот на средства преку каналот наречен даноци и придонеси. И не е тешко да се заклучи дека и ревидираната проекција на ММФ за растот на македонската економија во 2017 година од 3,5 на 3,2 проценти може да биде премногу оптимистичка.

Втората причина е многу поголема. Блокирано е позајмувањето кредити од странство. Без нова влада, без парламент, не е можно задолжувањето во странство. Поради кусокот на средства што од тој извор може да не пристигнат, на јавните финансии на Републиката им се заканува вистинска драма. Еве за што се работи.

За да да бидат реализирани планираните расходи од 206, 2 милијарди денари (или 3,4 милијарди евра) во 2017 година (со што на некој начин би ја скрпиле годината), државата мора да обезбеди надвор од редовните годишни приходи 37,1 милијарди денари (603,2 милиони евра): 18,6 милијарди денари (303 милиони евра) за нов нето долг во 2017 година и 18,5 милијарди денари(301 милион евра) за отплата на достасаните кредити (без каматата од 133,6 милиони евра). Од каде може да се обезбедат овие пари? Од домашни и странски кредити и ако има некоја резерва на својата денарска и девизна сметка кај Народната банка на Македонија. Проверката на сметките на државата кај НБРМ покажува дека денарската сметка, практично, нема резерви, додека пак на девизната сметка, заклучно со 30 март, има салдо од 314 милиони евра.

Бидејќи во првите два месеца од годината се платени за камата и за главнина само 27,7 милиони евра од вкупните 434, 8 милиони евра долг што мора да се плати во 2017 одина (301,2 милиони за главница плус 133,6 милиони евра за камата), јасно е дека отплатата на речиси целиот долг за оваа година останува да се изврши во наредниот период од годината. (Овој износ на главнина и камата не ги вклучува отплатите на јавните претпријатија).


СЕ ОЧЕКУВА ВИСТИНСКА ДРАМА НА ЈАВНИТЕ ФИНАНСИИ

Според тоа, дури и ако се употреби целокупното салдо од девизната сметка на државата (што би било драматично лошо), а тековните приливи во буџетот овозможат плаќање на обврските по каматите, останува непокриен целокупниот планиран дефицит од 302 милиони евра, за да може да се реализира предвидениот Буџет од 3,4 милијарди евра. Но, и ова е условено: да нема потфрлање во редовните приходи на Буџетот, што не е случај во првите два месеца од годината.

Оваа состојба јасно покажува дека субвенции нема (или ќе има прилично редуцирано) затоа што нема доволно пари во Буџетот. Нема доволно пари затоа што Државата не може да го изврши планираното земање нови кредити за отплата на долгот што доспева за враќање во 2017 година и зашто приходите не се остваруваат според буџетската рамка. Затоа, уште еднаш да потенцираме: ако не се формира итно новата влада, во наредните месеци ќе се случува вистинска драма со јавните финансии: нема да фалат пари само за земјоделски субвенции, туку и за многу други уште побитни потреби на државата.

И бидејќи мафијата не сака да ги ослободи институциите согласно Уставот, а најголемиот дел од општеството тоа го набљудува како да се работи за некоја туѓа, далечна држава во која не смее да се замеша, во наредниот период на македонската трпеза ќе има сѐ помалку храна - субвенции, лекови, исплати кон примателите на социјална помош, доцнење, а можеби и нешто полошо, во исплатата на пензиите, целосно гниење на општествената инфраструктура.

Како компензација за тоа, ќе се веат сѐ повеќе државни и етнички знамиња, попови за време на панихиди ќе пеат патриотски песни, ќе има уште повеќе средновековни политички платформи и сѐ повеќе демонстранти на улиците. Не дај боже, и опела на лажни и вистински патриоти. Креативното подземје ќе го достигне својот нов апогеј, а армијата на проколнати - илјадници нови регрути.

Слики: Наташа Костовска
Извор: Плусинфо, 22.04.17.