Златна жица на отпорот

25.04.2017 00:24
Златна жица на отпорот

Неверојатниот успех на референдумот во Гевгелија – повеќе од 99 отсто гласаа против отворањето рудници за злато на Кожуф! – е најдобра потврда дека отпорот против самоволието на власта, таа златната жица што води до слободната граѓанска волја, не била прекината. Откритието на овој грам човечки, нормален ум, закопан во тони и тони јаловина од алчност, аздисаност и безумие, ни со злато не може да се доплати. Зашто значи дека сепак не се залудни надежите за спас на сите нас.

Ова е особено важно ако се знае дека пред две-три години, кога странските компании заедно со домашните компањони од власта – тие кои Македонија ја гледаа само како златен рудник за лично богатење – го истражуваа теренот, не најдоа и не видоа ништо, ни камче што може да ги сопне да ја спроведат замислата. Проценката, се разбира, не им беше погрешна. Тогаш никој не можеше ни да помисли дека не е злато сè што ќе им светне на паметот. Дека некогаш – особено не во толку блиска иднина – граѓаните ќе имаат храброст да се спротивстават на неограничената моќ на Партијата која држеше сè: и централната и локалната и власта над волјата на луѓето. Но, неочекуваната експлозија на „бомбите“ го разниша цврстото тло и ја закопа идејата за нова безмилосна експлоатација на националното богатство.

Формално-правно резултатот од референдумот не ги обврзувал општинските власти и владата да прекинат со истражувањето и доделувањето концесии за отворање рудници. Но, гевгеличани не треба да ги загрижува ваквото толкување. Нивниот глас е и ќе биде суштинска обврска, која ќе мора да ја почитува која било власт.

Извор: Слободен печат

ОкоБоли главаВицФото