Ексклузивно: Иванов од „Јасен“ ќе командува со пастрмајлијадата!

25.04.2017 08:41
Ексклузивно: Иванов од „Јасен“ ќе командува со пастрмајлијадата!

Скопје, 25 април 2017

Претседателот на Република Македонија Ѓорге Иванов се подготвува да се засолни во бункерите на поранешната ЈНА во резерватот „Јасен“ и оттаму да командува со сите активности на претстојната пастрмајлијада, за која наскоро тој треба да му го додели мандатот на организаторот.

Поради сложената политичка ситуација и криза во земјава што може да ескалира, Иванов од подземното засолниште ќе одредува колку пастрмајлии да се замесат, колкава количина месо да се стави, колку време да се печат пастрамајлиите и како да се сервираат.

„Командниот штаб е веќе подготвен, комуникациските врски се воспоставени, а врховниот командант ја има при рака книгата со рецепти и опремата за дегустација на пастрмајлии“, велат за Пара вести извори блиски до бункерот на претседателот, кои сакаа да останат анонимни.

„Нема да дозволам никакво редефинирање на најзначајната културна манифестација во Македонија. Додека сум претседател, секоја пастрмајлија ќе биде направена согласно уставот и законите на Република Македонија“, изјави Иванов за Пара вести.

Извори од бункерот со кои контактиравме велат дека командниот штаб на Иванов во „Јасен“ е поврзан со подземни ходници со Кралството Хунза, локацијата Дујле во Штип каде се одржува пастрмајлијадата и Анска Река, каде Иванов одамна најави дека ќе се отвори рудник за злато.

Експертите за безбедност со кои контактираше нашата редакција сметаат дека вонредните мерки за безбедност кои ги презел Иванов се малку претерани.

„Ја разбираме претпазливоста на претседателот Иванов, но сметаме дека нема потреба од криење во подземни бункери. Тој во текот на првиот и вториот мандат беше одлично скриен, а неговата видливост ја наруши единствено амнестијата на дваесетина политичари“, смета експертот за безбедност Ратомир Тенкчев.

Во меѓувреме, дознаваме дека Оливер Андонов сè уште не дознал дали е назначен за директор на „Јасен“, но, неофицијално, му следуваат дел од пастрмајлиите кои Иванов ќе ги дегустира во бункерот.

Слика: Свирачиња