Политика на носталгијата

25.04.2017 09:56
Политика на носталгијата

Западните демократии се соочуваат со нова закана: песимизмот. Неодамнешнте истражувања покажуваат дека 65 отсто од Европејците и Американците мислат дека светот станал полошо место за живот и дека помладите генерации ќе бидат посиромашни од претходните, додека само 6 отсто сметаат дека светот станал подобар и ќе продолжи на подобро. Овој злокобоен впечаток на пропаѓање не влијае само врз нашите економии и врз индивидуалното однесување (ги одвраќа луѓето да инвестираат и го зголемува стресот), туку има и досега невидени политички последици.

Песимизмот е традиционално поврзан со воздржување од гласање. Нискиот степен на очекување од иднината и нискиот степен на доверба во владите секогаш доведува до граѓанска апатија и незаинтересираност за политика, што честопати резултира со мала излезеност на изборите. А по финансиската криза во 2008 година, работите се променија во смисла на тоа што со воведувањето на мерките на штедење, се појавија нови или обновени партии и популистички лидери, подготвени да профитираат од песимизмот и обновената носталгија по добрите стари времиња и со тоа да ги придобијат гласачите за промена на општествениот статус кво.

Тоа најпрвин се случи во Велика Британија, каде UKIP успеа да го претвори референдумот за Брегзит во истражување на јавното мислење за тоа дали состојбата во земјата е подобра откако пред 40 години влезе во ЕУ. Британците кои веруваат дека сега им е подобро отколку во 1973 година, гласаа за останување, тие што мислеа дека сега им е полошо, гласаа за Брегзит.

Нешто слично се случи и на американските претседателски избори. Студија на истражувачкиот центар Пју (Pew) покажа дека американското општество е поделено на оние што мислат дека животот денес е подобар отколку во шеесеттите години на минатиот век и мнозинството кое мисли дека сега животот е полош (47 отсто наспрема 49 отсто). Мнозинството оптимисти гласаа за Хилари Клинтон, додека мнозинството од песимистите (81 отсто) го поддржаа Доналд Трамп, постар човек кој не се залага за промена или за иновации (како Обама во 2008 година), туку нуди „Америка повторно да ја направи голема“ со враќање на неодреденото доба кога земјата – односно нејзиното бело христијанско малцинство – уживаше економска и културна доминација без преседан.

Сега гледаме употреба на сличен говор и во Франција и во Германија, каде Мари ле Пен и Фрауке Петри на носталгичните гласачи им ги нудат добро познатите патишта како начин за обновување на изгубената благосостојба и „сјајното минато“: враќање на националната валута, јакнење на централната власт во државата и превртување на мултикултурните политики од изминатите децении.

Ако победат тие песимистички наративи – либералниот поредок, а со него и ЕУ, ќе се најдат во сериозна неволја.

Треба да се постават следните прашања: Од каде потекнуваат овие бранови на копнеж по минатото? Какви се последиците од тоа за либералниот светски поредок? И како да им се спротивставиме? Како што одамна истакна социологот Фред Дејвис, носталгијата е вообичаен одговор на општествените групи кои мислат дека им е загрозен континуитетот на нивниот идентитет, што вообичаено се случува во периодите на сериозни економски или општествени промени. Брзите промени предизвикуваат голема нелагода и стрес кај средовечните и постарите луѓе кои, потресени од привидната сложеност, нестабилност и нејасност на новите околности, бараат засолниште во минатото време кое им се чини подобро – дури и ако постојат докази дека тоа не е точно.

Постојат барем две научни објаснувања за овој феномен. Првото е човечката тенденција да ја гради сликата на минатото не со помош на макотрпни истражувања на историските податоци, туку со спротивставување на сликата на сегашноста – ако сега општествените движења се непредвидливи, порано мора сè да било извесно и лесно. Второто објаснување е познато како „пристрасност на розовата ретроспекција“. Истражувањата покажале дека пострарите луѓе се склони да ги паметат настаните, особено оние од нивната младост и детство, во поубаво светло, односно попозитивни отколку што навистина биле. А бидејќи сме природно склони да ги повторуваме искуствата што ги паметиме како добри, тие „лажни сеќавања“ можат да нè убедат дека во минатото работите биле подобри иако не биле и да ја искриват нашата способност за донесување важни одлуки. Благодарение на тој двоен ментален процес, минатото честопати се замислува како „златно време“ – сугестивна идеја која политичарите во поновата историја, од Мусолини до Реган, често ја користеле за да ја приграбат власта.

Денес доживуваме општествени и економски промени без преседан. Затоа не е необично што оние кои се чувствуваат најпогодени од поновите брзи трансформации гласаат за партии што ветуваат повлекување во безбедните, топли води на минатото, кога владите ги бранеа своите национални економии, кога на политичарите можеше да им се верува и кога роботите и странците не им ги грабаа работните места на белите мажи.

Но, има неколку работи заради кои таа тенденција би требало да нè загрижи. Носталгијата е бенигна како засладувач на личните спомени и инспирација за пишување на историски романи, но може да биде погубна као двигател на надежта на гласачите и основа за водење политика. За тоа има многу причини.

Прво, носталгијата е несигурна, таа е илузија. Таа е скок во имагинарен чамец за спасување од бродот што тоне. Златното време во кое сакаат да нè вратат популистичките движења всушност никогаш не постоело. Истражувањата јасно покажуваат дека минатото не било подобро речиси во ниту еден поглед. Второ, носталгијата е опасна затоа што е назадна, регресивна. Партиите на десницата ја користат за да ги пласираат итро своите ксенофобични, сексистички и изолационистички програми и да го спречат напредокот кон поправедно општество.

И конечно, носталгијата ги поддржува лошите политики бидејќи нè носи на патување во невозможното. Римејковите на славните филмови обично се лоши, а во политиката тие се буквално невозможни. Општеставата не можат да се движат наназад – никој од нас не може – а кога ќе се обидат, резултатот е катастрофален: Зимбабве на Мугабе е добар пример за тоа. Надежта дека земјата може да напредува движејќи се наназад, личи на возење кон врвот на планината со поглед прикован за ретровизорот.

Иднината може да изгледа застрашувачки и неизвесно, но таа е единствената шанса на човештвото и затоа кон неа треба да се стремиме. На крајот, она што нè прави луѓе е што одиме напред кон мистериозните и далечни хоризонти.


Извор: Social Europe
Слики: Jose Mertz

Слични содржини

Општество / Свет
Општество / Европа / Свет / Теорија
Општество / Европа / Свет
Општество / Свет / Теорија
Општество / Свет / Теорија
Општество / Свет / Теорија

ОкоБоли главаВицФото