Јан Харлан на СФФ: Кјубрик најмногу се интересираше за политиката

25.04.2017 10:28
Јан Харлан на СФФ: Кјубрик најмногу се интересираше за политиката

На 23 април, по проекцијата на филмот „Пеколен портокал“ на Скопје филм фестивал, во киното „Милениум“ разговор со публиката имаше специјалниот гостин на фестивалот Јан Харлан, извршниот продуцент на филмовите на легендарниот Стенли Кјубрик.

„Она што е карактеристично за Стенли Кјубрик е истото што важи и за сите големи уметници како Пикасо, Моцарт или Бетовен, а тоа е дека нивните дела не исчезнуваат. Филмот „Пеколен портокал“ е стар 45 години, од премиерата на „Одисеја 2001“ наскоро ќе се навршат 50 години, утре ќе го видите „Лолита“, има 60 години откако е снимен. Неговите дела траат, тие се актуелни, не исчезнуваат и мислам дека тоа е клучно за секој голем уметник.

Она по што најмногу е запаметен Кјбурик е што секогаш ги поместуваше границите, секогаш се обидуваше да направи нешто невообичаено и како и сите уметници што навистина се големи, и тој ги преминуваше границите, како на пример француските импресионисти, како Тарнер, Бергман, сите тие се обидуваа да направат нешто што е вредно и што нема да исчезне во времето. Кјубрик не беше заинтересиран да направи голем број филмови, она што него го интересираше е да направи филм што ќе биде значаен и што на публиката ќе ѝ каже нешто што би можело да предизвика нешто во вас. „Пеколен портокал“ е типичен пример за тоа, ова е многу политички филм и како вистински политички филм е и многу тежок филм. И бидејќи работев со него, можам да ви кажам дека тој секогаш мораше да биде задоволен со сработеното. Се разбира дека филмовите ги правеше за публиката, но таа беше на второ место. И навистина е така и со композиторите, писателите, сликарите, тие први мора да бидат задоволни со своето дело, за да ѝ го предадат на публиката. Ако размислуваш што сака публиката, ако правиш нешто само заради публиката - тогаш си изгубен“, рече Харлан на почетокот на разговорот.

Тој откри дека најомилениот дел од режирањето за Кјубрик бил процесот на подготовките на филмовите, дека многу читал, дека сакал да гледа тенис на телевизија, дека не сакал често да излегува од неговата куќа и дека сите подготовки за филмовите се вршеле кај него дома, сè додека не почело снимањето на локациите.

„На пример, на подготовоките на филмот „Очи широко затворени“ тој работеше околу 30 години. Тоа беше најтешкиот филм во неговата кариера и тој самиот го сметаше за свој придонес кон филмската уметност. Во почетокот имаше идеја главниот лик на еврејскиот лекар да го игра Вуди Ален“, рече Харлан.

На прашањето дали соработката со Кјубрик била лесна, Харлан одговори дека „лесно“ не е релевантна категорија и дека Том Круз му кажал дека е сигурен дека веќе никогаш во животот нема да доживее ништо слично како што била работата со Кјубрик.

„Никол (Кидман) и Том го сакаа Кјубрик. Кога го работев мојот документарен филм за „Стенли Кјубрик: Живот во слики“, го прашав Том Круз дали би сакал да го чита текстот, затоа што сакав големо име, тој веднаш прифати, без размислување, заради почитта и љубовта кон Стенли.“, рече Харлан.

Тој раскажуваше дека со Кјубрик прв пат се сретнал 1963 година и не ни сонувал дека некогаш ќе работи со него, но потоа подобро го запознал кога сестра му се омажила за Кјубрик и кога тој работел со Артур Кларк на сценариото за филмот „ 2001: Одисеја во вселената“ и бил фасциниран од неговата личност.

„И тогаш сфатив дека научниците и уметниците се слични бидејќи никогаш не запираат, никогаш... бевме на вечера со Стенли и со Артур Кларк и тие зборуваа за милионите галаксии и ѕвезди, зборуваа за илјадниците планети и можноста на некоја планета да постои живот. Тогаш бев млад, не знаев многу за астрономијата, но ме фасцинираше нивниот разговор. Потоа заминав во Европа, живеев во Цирих, се оженив, добив деца, а тој се пресели во Англија. По шест години почнав да работам со него на проектот „Наполеон“ и си мислев: ќе работам со него само една година, но проектот не се оствари, а јас продолжив да работам со него уште 30 години до крајот на неговиот живот.“

Одговорајќи на прашањата од публиката, Харлан рече дека е невозможно да се одговори зошто Кјубрик употребувал одредени изразни средства во своите дела, како на пример, зошто злото во филмот „Пеколен портокал“ е претставено со белата боја.

„Во моментот кога ќе почнете да интерпетирате веќе правите грешка. Тоа е како да го прашате Шагал зошто насликал магариња што летаат. Кјубрик слично ја употреби црвената боја во „Очи широко затворени“.

За филмот „Full metal jacket“, Харлан рече дека тој не е конкретно посветен на војната во Виетнам, туку повеќе на секоја војна и поконкретно на перењето на мозоците на младите луѓе. „Стенли се обиде да најде актери на деветнаесетгодишна возраст, на кастингот прегледа околу 2000 снимки на актери од Чикаго, за да најде седум актери, најде само еден и се откажа. Актерите во филмот се постари и тоа не е реалистично бидејќи морнарицата бара млади момчиња што може да ги тренира, а не формирани мажи. Стенли тука направи компромис заради тоа што најде соодветни актери што може да го изразат тоа што тој сакаше да го покаже“.

Харлан кажа дека Кјубрик сакал да работи со истите луѓе, особено со неговиот директор на фотографија.
„Луѓето сакаа да работат со Кјубрик, тоа беше исклучителен процес на учење, тој не брзаше, работеше долго време што беше одлично за екипата и за актерите“

Кјубрик бил голем филмофил. „Тој обожуваше филмови, сакаше филмови што се сосема различни од неговите и тоа е карактеристика на сите големи уметници, Кјубрик ги сакаше филмовите на Карло Саура, Вуди Ален, Стивен Спилерг, режисери што правеа сосема различни филмови од оние што тој ги правеше. Го сакаше Тарковски, но особено Кишловски и неговиот „Декалог“. Тој сакаше и многу да чита, кога ќе се заинтересираше за некоја тема, читаше сè за тоа, на пример кога го подоготвуваше „Наполеон“, прочита речиси сè што имаше за него. Омилени му беа Артур Шницлер, Чарлс Дикенс, класиците, Џејн Остин... тој постојано читаше.

На прашањето од публиката дали Кјубрик го режирал „лажното“ слетување на Месечината, Харлан одговори дека е тоа комплетна бесмислица.

Харлан рече дека она што најмногу го интересирало Кјубрик била политиката.

Сите негови филмови, всушност, се политички. „Paths of Glory“, „Dr. Strangelove“, „2001 Одисеја“ е за манипулацијата. „Full metal jacket“, „Очи широко затворени“ и тие зборуваат за политиката. Ако ги анализирате, понекогаш тоа е поотворено, другпат не е. Се сеќавам кога почна војната во Ирак, тој гледаше телевизија и рече: се надевам не сум направил документарец, мислејќи на неговиот филм „Dr. Strangelove“.

Јан Харлан бил извршен продуцент на филмовите „Пеколен портокал“, “Очи широко затворени“, „Сјајење“, „Бери Линдон“, „Full Metal Jacket“ и други на легендарниот режисер Стенли Кјубрик. Тој е и извонреден познавач на делото на Кјубрик и автор на голема изложба посветена на Кјубрик.

Поводот за гостувањето на Харлан на „Скопје филм фестивал“ е првата македонска ретроспектива на еден од најголемите светски режисери која се одржува во рамки на фестивалската програма. Разговорот со Јан Харлан го водеше Гена Теодосиевска.

Целосната програма на Скопје филм фестивал можете да ја погледнете овде.