Започна планот за остранување на „непожелната“ литература

26.04.2017 01:30
Започна планот за остранување на „непожелната“ литература

Повеќе од 80 000 книги ќе бидат отстранети од фондот составен од 200 000 книги на заедничката библиотека на Факултетот за филозофија и социологија на Универзитетот во Варшава, Институтот за филозофија и социологија на Полската академија на науките и Полското филозофско друштво.

Зад иницијативата, која наликува на содржината на научно-фантастичниот роман „Фаренхајт 451“ на Реј Бредбери од 1953 година, инспириран од нацистичките погроми над еврејската култура, според кој е снимен и истоимениот филм, стои владејачката полската партија ПиС (Prawo i Sprawiedliwość). За разлика од „Фаренхајт 451“ книгите не се запалени, но сè уште не е познато што мислат владејачите под „отстранување“ и на кој начин ќе се спроведе тоа.

Оваа партија од екстремната христијанска десница, чие име значи „вистина и праведност“, ја нападна Европа уште минатата година, со намера да го укине абортусот како човеково право, заради што ширум Полска беа одржани масовни протести речиси во исто време со хрватските протести за курикуларна реформа. ПиС се залага за промовирање на конзервативните општествени вредности во согласност со учењето на Католичката црква, бара начини за повторно воведување на смртната казна и спроведување целосна лустрација. Тоа се нивните вредности кои неверојатно потсетуваат на вредностите кои некои се обидуваат да ги промовираат и во Хрватска.

Дел од непожелните книги

Комбинираната библиотека се дополнува и развива од своето основање во 1956 година и затоа не зачудува што дел од јавноста храбро застана против нејзината девастација. Еден од гласовите кој се слуша најмногу ѝ припаѓа на д-р Габриела Курилевиц, која извршува должности во низа образовни институции како Филозофскиот факултет на Универзитетот во Варшава, Фондацијата Форма или Институтот Witkacy во Варшава. Оваа угледна филозофка и поетеса во одбрана на библиотеката состави апел кој брзо се прошири во Полска.

„Оние што ги донесуваат одлуките нека им го објаснат на читателите овој варварски чин против полската култура, кој за нас е неприфатлив, зашто во светот не постојат непотребни книги, иако тие можат да бидат непожелни. Ако овие книги се непожелни, дозволете ни да направиме библиотека со непожелни книги“, апелира Габриела Курилевиц.

За тоа каква е ситуацијата во моментов и какви се плановите на владејачите за богатиот фонд „непожелна“ литература, разговаравме со Јарослав Липсиц, директор на фондацијата „Nowoczesna Polska“, кој ја основаше најпопуларната дигитална полска библиотека. Го прашавме како е можно полската христијанска десница да се одважи да направи нешто што досега мислевме дека е резервирано само за доменот на научната фантастика и нацистичките режими.

Јарослав Липсиц

„Главниот проблем на христијанската десница е во тоа што себеси се смета за клуч за разбирање на она што е лошо и погрешно. Во таа смисла, го обликува и своето дејствување како просветител на сите нас, а остатокот е само последица на ставот дека луѓето размислуваат лошо затоа што читаат погрешни книги и затоа мора да се ослободиме од погрешното, објаснува Липсиц. Понатаму, вели, тие сметаат дека луѓето донесуваат погрешни политички одлуки заради непријателската пропаганда и затоа мора да се преземе контролата врз медиумите, итн.

Партијата на Вистината и праведноста е средиштето на цел блок слични партии, како ноторната Лига на полските семејства, а вмрежена е со Католичката црква и подеднакво е присутна на радијата и онлајн медиумите, како Радиото Марија. Со самото тоа, нивната јавна поддршка се движи од 35 до 40 проценти, што ги прави мошне моќни. На религиската мапа, се сметаат за следбеници на вистинското христијанство и појавата на папата Фрањо ја сметаат за грип, тешка, но минлива болест.

„Тие, далеку пред сите слушнале за онлајн медиумите. Полагаат право на нив, станаа своевидни господари на медиумите. Ова што го прават во физичкиот свет мораме да го сфатиме како симболичен став. Пред сè, станува збор за книги кои и онака не се читаат, можеби се работи само за пет студенти годишно и во тоа е суштината. Тој процес во јавноста би требало да значи, тоа е прифатливо – и готово“, предупредува Липсиц.

Според нивните идеали, толкува нашиот соговорник, токму опсценостите ќе станат клучен дел од процесот на општествена промена. Поинаквиот начин на размислување треба да биде оттурнат од јавната сфера, така што ослободувањето од книгите е само обична симболика.

Габриела Курилевиц

Кога станува збор за односите со Ватикан, папата Фрањо го сметаат за предавник, исто како и некои хрватски бискупи, со кои споделуваат заедничка црта дека на оние што практикуваат педофилија од црковните редови треба да им се изрекуваат смешни санкции, главно во вид на преместување во друга парохија.

„Но, од друга страна, самиот папа Фрањо не прави ништо за да ја промени католичката хиерархија во Полска. Треба да сфатите дека католичките свештеници и бискупите не одлучуваат. Тие влијаат на одлуките, но станува збор за многу пошироко дејствување, прво со политичка, но пред сè со културна конотација“, вели Липсиц.

Оние кои застанаа во одбрана на библиотеката, меѓу кои се и бројни видни луѓе од полскиот културен живот, сметаат дека владејачката партија го поларизираше општеството и доведе до поделби кај граѓаните, а стравуваат дека случајот на заедничката библиотека на Факултетот за филозофија и социологија на Универзитетот во Варшава, Институтот за филозофија и социологија на Полската акедемија на науките и Полското филозофско друштво, би можел да биде само почеток на трендот за укинување на „непожелната“ литература од јавниот живот.

Извор: http://lupiga.com