За кого брмчат хеликоптерите

26.04.2017 01:38
За кого брмчат хеликоптерите

Пред речиси две години, по повод случувањата во кумановско Диво насеље, напишав текст со наслов „Камбаните бијат за тебе“. Во длабока констернација од последиците на вооружената престрелка која мојата држава ја зави во црно, бидејќи загинаа млади луѓе, го наведов следново:

„Верува ли некој од акционерското друштво наречено Влада на Република Македонија, дека непроживеаните радости и таги, неостварени планови и неотсонувани соништа на изгубените животи, вредат 100 илјади евра? Верува ли некој дека власта вреди повеќе од насилно прекинати човечки судбини? И затоа, јас можам да му порачам на Груевски дека ќе продолжам да протестирам пред Владата. Стоејќи и чекајќи. Додека не ги чујам камбаните“.

А сега ги слушам хеликоптерите. Секое утро ме будат како предупредување и како закана. Како најава за некои поинакви биења на камбаните. Ме вознемируваат и до заби вооружените полицајци и снајперисти, кои заедно со борните коли за Велигден нè чуваа од некаков замислен и измислен непријател.

Ги слушам и Груевски и Иванов и лидерите на „заедничарите“ западнати во делириум од замислена и измислена опасност за државата. Знам дека не глумат лудило додека се закануваат со војна и насилство. Во име на одбрана на нешто што не е нападнато, ниту загрозено.

Ги слушам и вестите за некакви крвави сценарија, прогласување воени состојби и активирање на некакви подземни командни скривници за далечинско управување со фингирани конфликти.

Ги слушам пратениците од ВМРО-ДПМНЕ кои бараат од СДСМ да се откаже од нешто што не е негово. Нивната театрална хистерија, исполнета со закани и навреди и силување на собранискиот деловник во функција на блокирање на волјата на мнозинството гласачи, опасно ме иритира затоа што е одбрана на криминалот. И ништо повеќе од тоа.

Ги слушам и најавите од САД и од ЕУ дека ќе воведат казнени мерки за предизвикувачите на кризата во Македонија, а се знае кои се тие. Најавуваат и финансиски мерки против државата.

Слушам уште многу информации, која од која поцрна за Македонија: дека буџетот е празен, дека по истекувањето на мандатот на градоначалниците, илјадници вработени ќе останат без плата, дека државата тоне во презадолженост и беда, дека на земјоделците нема кој и од што да им ги исплати субвенциите, дека стопанството е пред колапс, дека во прашање е исплатата на пензиите и слично.

И секое утро ги слушам хеликоптерите. Нивното брмчење како да сака да ми даде до знаење дека треба да си седам мирна и да не се занесувам дека нешто може да се смени во мојата држава. Дека, всушност, оваа држава и не е моја, дека мојот живот не е мој, дека мојата судбина не е моја и дека мојата слобода не е моја. Дека таа им припаѓа на хеликоптерите, борните коли, специјалците, снајперистите, на лутите „заедничари“, нивните уште полути модератори, односно на бандитите и разбојниците кои командуваат со нив.

А тоа ме вознемирува и ме прави гневна, затоа што никогаш не сум ни сонувала дека мојата држава еден ден ќе стане заложник на една криминална структура. Оттаму, никогаш во животот не сум била поуверена дека сум на вистинската страна. Никогаш не сум била посигурна во себе, во своите намери, цели и идеали.

И токму затоа, наместо порака до Груевски и неговите извршители, исполнители, слуги и измеќари, ќе интервенирам во една строфа од поемата „За кого бијат камбаните“ од познатиот средновековен англиски поет, Џон Дан (John Donne), која подоцна станува предговор во познатиот истоимен роман на Хемингвеј:

Со смртта на секој човек

Умира дел од мене

Затоа што јас сум дел од човештвото

Затоа не прашувај за кого брмчат хеликоптерите

Тие брмчат за тебе.

Извор: Фејсбук профилот на авторката
Слики: Странски служби

ОкоБоли главаВицФото