Како регираа карикатуристите на изборите во Франција

26.04.2017 01:52
Како регираа карикатуристите на изборите во Франција

По првиот круг на изборите во Франција, останаа двајца кандидати, a на центристичкиот кандидат Емануел Макрон се гледа како на оној што ќе ја победи Марин Ле Пен, кандидатката на екстремната десница. За Макрон гласале 61 отсто наспроти 39 отсто за Ле Пен, како што известија медумите во понеделникот.

Реагирајќи на социјалните мрежи, повеќето француски карикатуристи, исто така, се убедени дека Емануел Макрон ќе стане следниот претседател на Франција. На него се гледа како на помалото од двете зла во споредба со Националниот фронт на Марин Ле Пен. Многу од карикатурите покажуваат скептицизам кон овој политичар. Макрон се кандидираше како независен кандидат, ветувајќи реформи со своето ново движење наречено „En Marche!“ (Напред!).

Карикатурист Антоан Шеро нацрта како обичниот човек ја анализира состојбата.

Карикатурата е со наслов „Макрон води по првиот круг“, а ликот вели: „Откако беше излажан од десната страна и измамен од левата страна, францускиот гласач одлучи да ја проба измамата во центарот“.

Лоик Сешхрес слично ги коментираше изборите, прикажувајќи го Макрон зад волан, во карикатурата што ја наслови „Вториот круг во убер“, што се однесува на такси возилата во кои се дели возењето (убер) и кои се често критикувани затоа што им се дозволува на неискусни возачи да возат клиенти.

Луѓето што седат во автомобилот кажуваат дека не одат ниту десно, ниту лево, а Макрон им вели: „Ок, тогаш ќе одиме право во ѕид“.

Уште попесимистичка е карикатурата од истиот автор во која се нуди уште еден коментар на изборите:

„Добра вест“, пишува тој во својот твит, „сите ќе умреме за 15 години’, а во карикатурата се вели: „Ле Пен наспроти Макрон - Глобалното затоплување, заборавениот фактор“ и двајцата кандидати се симболично претставени преку нацистички поздрав и „En Marche!“, а ликовите се скриени под вода.

Во меѓувреме, некои карикатуристи анализираат дека левицата изгубила заради делењето на гласовите.

Кандидатот на Социјалистичката партија, Беноа Хамон, на изборите освои 6,3 отсто од гласовите, додека кандидатот поддржан од Комунистичката партија, Жан-Лик Меланшон, со неговото движење „La France insoumise“ (Непокорна Франција) е далеку попопуларен и освои 19,6 отсто од гласовите. Собрани заедно, овие два резултати би биле доволни кандидатот на левицата да се одржи на прво место, по Макрон кој доби 23,9 отсто и Ле Пен со 21,4 отсто.
Затоа Планту ги нацрта двајцата левичарски кандидати како на еден велосипед возат во две спротивни насоки. Карикатурата е со наслов: „Машина за губење“.

И карикатурист Сулцие имаше хумористичен коментар за разочараните поддржувачи на Меланшон, познати како „Непослушните“ (Insoumis).

Под наслов „Разочаран Непослушен“, гласачот што личи на самиот Меленшон ја изразува својата фрустрација, кршејќи ја својата строга диета: „Вечерва ќе јадам киноа со глутен, повеќе не ми е грижа“.

Истиот автор предвидува целосно истребување на левицата во карикатурата за францускиот весник „Ле Монд“, на која е прикажан туристички водич пред познатиот влез на музејот Лувр, кој објаснува: „И тука е пирамидата, последниот остаток на социјалистичката цивилизација, која сега е исчезната“.

И оние карикатуристи што не се разочарани, ги сметаат за незадоволителни опциите што преостануваат. Алан Барте го изразува тоа низ две карикатури:

Првата покажува две лица како ги гледаат постерите од двајцата кандидати, велејќи: „Досега не ја сфаќав соодветноста на реченицата 'изборите се стапица за идиоти' (анархистички слоган од мај 1968 година). Втората карикатура е „варијација на истата тема“, пишува авторот на Твитер:

Наместо да реферира на францускиот слоган од 1968, оваа карикатура се базира на поп-културата: Двајцата гласачи се заменети со ликот од „Star Wars“, адмиралот Акбар, најпознат по својата реченица: „Ова е стапица!"

Извор: Deutsche Welle