Град Скопје: Ги отстранивме палмите зашто не родија банани

26.04.2017 12:04
Град Скопје: Ги отстранивме палмите зашто не родија банани

Скопје, 26 април 2017

Екипи од јавната служба „Банани и зеленило Скопје“ вчера ги откорнуваа палмите што се исушија и што беа посадени на неколку места во главниот град. Како што дознаваат Пара вести, палмите ќе завршат на некое буниште, а одговорноста за потрошените средства нема кој да ја преземе зашто сите се прават наудрени.

И покрај исклучителната грижа што се водеше за нивната благосостојба, овие тропски растенија закржлавеа и се исушија. За целта на нивното садење добивме различни соопштенија од јавната служба и од Град Скопје.

Во соопштението на новооснованата служба „Банани и зеленило Скопје“ се вели дека палмите се исушиле поради разнебитувањето на Македонија од страна на опозицијата и албанските партии. Од Град Скопје, пак, велат дека палмите се отстрануваат зашто не го дале очекуваниот род.

„Градот Скопје ги посади палмите со најдобри намери, односно, со цел да се поттикне одгледувањето банани во нашата држава и со тоа да се даде стимул за воведување нови култури во земјоделството. Пробните палми не го дадоа посакуваниот род и затоа Градот е приморан да ги отстрани палмите за да не се качуваат скопските мајмуни по нив“, се вели во соопштението испратено до медиумите.

Останува нејасно дали воопшто некој ќе ја преземе одговорноста за пропаѓањето на уште еден глупав проект и за непотребното трошење државни пари во време кога постојат други приоритети. Патем, во декларацијата за палмите произведени во Кина, до која дојде Пара вести преку свои извори, се вели дека тие раѓааат банани на куково лето. Од Градот не сакаа да ни појаснат дали во Македонија некогаш имало куково лето.

Слика: Свирачиња