Вмро ќе наебе во судирот со Тиранасаурусите!

26.04.2017 16:07
Вмро ќе наебе во судирот со Тиранасаурусите!

Ги замолив човеколиките во Центарот за контаминација на вмро-дпмне да ми одговорат на следното прашање: дали менгелистичките опити со лажни бремености кај жените го загрозуваат унитарниот карактер на Македонија, тие ми рекоа, не, Тричковски, обратно, тие напори на нашиот министер на смртта и неговата екипа се насочени кон одвраќање на непријателот преку информации дека само што не се родени два милиони Македончиња, воини кои мамата ќе им ја расплачат на Тиранасаурусите!

Добро, им реков јас, ако е тоа така, зошто тогаш низ вашата менгелистичка програма убивте еден милион новородени Македончиња, со второто вдишување на воздухот исполнет со пием честички и отровни вмровски прдежи од собраниската хобитница, убивте толку животи, бе, монструми, а тие ми рекоа, да Тричковски, точно е дека убивме милион Македончиња, но кога ќе ги пребиете тие трупчиња со двата милиони измислени Македончиња, добивате еден милион плус.

Така ли е или не е така, ме праша славодобитно Кара Ками Шева!?

Бев фасциниран од нивото на вмровското изобретателство.
Купив една лименка пиво и отидов со Мајло да помедитираме малку на Вардар.


Хормонална терапија

И што!? И кучето и јас сфативме дека во основа ова е истата монструозност што единаесет години врз Македонија ја прават менгелињата од вмро-дпмне на чело со примариусот Груенау. Па, нели цело време ѝ викаа на Македонија дека е во блажена состојба, дека носи прекрасно машко бебе, дека ја чека голема радост, нели единаесет години ја клукаа со хормонална терапија - што е Скопје 2014 ако не хормонална терапија - нели и го мереа грлото на матката, нели ги внесоа тие мерки во дупката на Триумфекалната капија, нели ја повикуваа да раѓа трети деца, нели ѝ покажуваа ехо снимки со убаво развиени џидипи плодови итн. Разликата е во тоа што сега, после толку време, се мислат дали да ѝ кажат дека плодот е мртов или дека воопшто не бил зачнат, дека може да се случи и таа да умре, или тие новости да ги филуваат со вести дека сдсм и Заев и ја упропастиле трудноќата!?
Со тоа што чуварите на концентрациониот логор, другарите Јово и Марко, ќе кажат дека кајшто нема мртов плод нема живо дело, а ако и има тие ќе најдат дека виновникот не е од редовите на идиотите!

Добро, бе, Илче, му реков јас на свинскиот шпиц од Титов Велес, вмро-дпмне вели дека тиранската платформа е програма за уништување на Македонија, така, така, ако е така зошто тогаш го повикувате македонскиот народ на избори да се изјаснел за таа платформа, нели е тоа кривично дело помагање во самоубиство на народот или наведување на сдсм да го изврши убиството така што ќе ѝ ја врзе јамката околу вратот на нашата сакана Македонија!?
Што не ги поапсите Тиранасаурусите!? Што не ѝ објавите војна на Албанија!?

И, што е најважно, ако е таа платформа таква, дали е точно дека и вмро-дпмне ќе гласа за сдсм, односно дека вие би биле среќни ако сдсм и албанските партии ја реализираат историската мисија на вмро!? Дека вие не сакате избори на кои би била отфрлена платформата, туку на кои би била прифатена. И дека не сте до крај сигурни не затоа што се сомневате во талентот на македонскиот народ да ја избере најлошата опција, туку зашто се сомневате во смртоносниот карактер на платформата!?


Ѕверот ќе умре

Илче ми рече дека мора да се консултира со Груенау пред да ми одговори на ова прашање, но имаше готов одговор на следниот мој интерес: Гледајте, Тричковски, точно е дека ние изнесовме од државата осум милијарди евра и дека сега сме во фаза на фино чистење на сите банкарски и приватни трезори, запознаен сте со случајот Тутунска банка, тоа ние го викаме изместување на финансискиот потенцијал на банката на резервна позиција во услови на силно напредување на непријателот. Вие сигурно се сеќавате каков удар во монетарниот систем на Југославија извршија Словенија и Србија, тие преку таа пљачка ги удрија темелите на своите нови држави; така и ние, преку пљачката на оваа комунистичка творба сакаме да обезбедиме услови за конституција на една вистинска Македонија!

Разбрав, како не би разбрал. Дали, си мислев јас, дислокацијата на финансиските ресурси го загрозува унитарниот карактер на Македонија!? И што за таа работа мисли Рамче!? Или собраниската гуска со шишките!? Или Ми Нов, типот што би можел да се уништи само со авионско запрашување на Кавадарци со албански јазик. И заклучив дека идејата на вмро-дпмне е да го загрози карактерот зашто знаат дека ако го загрозат карактерот на Македонија и на Македонците, унитарноста ќе падне сама од себе.
Вмро-дпмне е леплива и лигава маса што го преродува во кретен секој Македонец до кој ќе допре. Погледнете ја кавадаречката кретенчуга и сè ќе ви биде јасно, таа, мислам, масата, не Мин Нов, е нешто како необјаснивите сили и материи во некои филмови на Карпентер, тие не се политички партнер или противник, тие се инвазија на страшна загроза, тешка болест, која, меѓутоа, има за својата смртоносна мисија ограничен престој на земјината топка. Животната енергија ѝ е ограничена и пред истрошување. Тоа што Македонија сè уште мрда е сигурен знак дека ѕверот ќе умре. Така просто функционираат работите во вселената. На дневна основа имаме причини да бидеме незадоволни, понекогаш и очајни, но не се сомневајте во тоа дека битката е добиена. Стојте на дистанца од болеста и чекајте да ѝ помине времето. Стоењето е активна позиција. Непријателот го убиваме со самото тоа што сме живи, што постоиме, што не му се плашиме, не го ебаваме, го заебаваме и така натамууууу!


П.С.

Мислев дека изјавата на Стејт департментот за тоа дека ќе се оди и на утврдување одговорност на политичарите што го блокираат конституирањето на новата власт во Македонија е мајка на сите изјави, политичка и дипломатска мајка-бомба и се фрапирав кога видов дека во македонскиот мочалник таа мега-бомба не стигна да експлодира ниту како една петарда. Неверојатно!? Уствари, не, нормално! Стоењето е активна позиција, но по некој лаф, одвреме-навреме, мора да се каже, бе другари, дури и на роденден!

Слики: Свирачиња
Извор: Слободен печат