Најчудни наслови на книги

08.07.2010 11:59
Најчудни наслови на книги

 Наградата Diagram на списанието Bookseller уште од 1978 г. ги слави најчудните меѓу чудните наслови на книги. За што би можеле да зборуваат книгите насловени „Луѓето кои не знаат дека се мртви“, „Како да сереш во шума“ или „Направете го вашиот коњ отпорен на бомби“?

Обемниот прирачник на Рик Пеликано и Лорен Тјаден за тоа како да го направите вашиот коњ отпорен на бомби во 2004 г. беше прогласен за најчудниот наслов. Освои неверојатни 46% од гласачкото тело, составено од печатари и книжари. Второто и третото место го освоија книгите „Откривање на туѓи тела во храната“ со 27% и „Естетика на јапонските садови за појадување“ со 15% од добиените гласови во конкуренција на вкупно шест наслови.

Британската награда Diagram која ја доделува списанието Bookseller ја одразува вечната зачуденост и воодушевувањето кои меѓу книжарите ги поттикнуваат високоспецијализираните наслови издадени во Британија и пошироко.
 
На обвивката на победничкиот наслов пишува дека таа ги учи јавачите како да спречат нивните коњи да скокаат, да клоцаат, да бегаат или да се вртат во круг кога ќе се исплашат од ненадејни звуци или призори. Книгата, на која и’ го даваат епитетот „солидна“, се продава во околу 400 примероци месечно.
 
Во потесниот избор за оваа награда се најдоа и книгите „Високотехнолошки штуки“, „Копитарите во времето и просторот“ и „Половото здравје на допир на прстите“.
 
Предлози стигнуваат од целиот свет, а натпреварувањето за најчуден наслов стана толку популарно што некои издавачи почнаа намерно да бираат чудни наслови за шансите за освојување награда да им бидат поголеми. Но списанието ги прекорува со зборовите: „Имаше премногу смислени наслови и многумина се обидоа да го имитираат победникот од 2003 – ’Голема книга раскази за лезбејските кобили’“.
 
Гласачите си го кажаа своето, па за најчуден наслов во изминативе 30 години беше одбрана книгата „Грчките рурални поштари и нивните броеви на печатите за поништување на поштенските марки“. Книгата која звучи прилично тешка за продавање, а претставува опширен регистер на грчките поштенски рути, ја објавило Грчкото хеленско филателистичко друштво на В. Британија кое, според нивното тврдење, „постои за да го поттикне собирањето грчки поштенски марки и да стимулира нивно проучување“.
 
Гореспоменатата книга со долг наслов ја освои наградата „Дијаграм на дијаграмите“ за најоткачен наслов во изминатите три десетлетија. Ги победи конкурентите со наслови „Луѓето кои не знаат дека се мртви: како се закачуваат за случајните набљудувачи и што да се преземе“ и „Како да се избегнат навистина големите бродови“.  
 
„Мислам дека гласачите сакаа топла приказна за селските поштари, мотивирани од лошите вести за затворањето на поштенските служби низ земјата“, вели уредникот на скалата на најпродавани книги на списанието Bookseller, Филип Стоун. „Не доделуваме парична награда, но подобрувањето на продажбата претставува еден вид награда“, додава тој. „Веќе по објавувањето на најтесниот круг наслови продажбата на книгите скока за 1000%, односно, ако претходно се продавала во само еден примерок на две недели, сега се продава во десет.“
 
Наградата Diagram е воведена во 1978 г. за да се ублажи досадата на исклучително заморниот франкфуртски Саем на книгата. Во натпреварувањето за „Дијаграм на дијаграмите“ публиката гласаше за омилениот откачен наслов. Книгата „Грчките рурални поштари...“ освои околу 13% од вкупниот број гласови.
 
„Поштарите навистина нè затекнаа“, вели организаторот на доделувањето на наградата, Хорас Бент. „Пред почетокот на натпреварувањето се мислеше дека сигурен победник ќе биде „Извештај од Вториот меѓународен семинар за голите глувци“, но штом натпреварувањето беше официјално отворено, темпото почна да го диктира книгата „Луѓето кои не знаат дека се мртви...“ која водеше сè додека „Грчките рурални поштари...“ неочекувано им ја презеде славата.
 
 
На прашањето зошто насловите како „Мадам како претприемачка: управување со кариерата во домашната проституција“, „Американска археологија на задниот дел“ и кинеската државна публикација „Население и други проблеми“ не успеаја да се пробијат меѓу првите три наградени наслови, не добивме одговор.
 
Потрагата по „откачени“ книжевни наслови ја предложил печатарот Брус Робертсон како забава за посетителите кои се досадувале на еден франкфуртски саем на книгата. За неупатените, франкфуртскиот саем претставува своевидна светска агенција за понуда и побарувачка на книги, бездушен собир во големите сали со стотици илјади изложени наслови. Робертсон се надевал дека неговата шега на издавачите ќе им овозможи мал одмор додека скитаат меѓу преполните полици со книги.  
 
На тој саем пред 30 години имало неколку остри конкуренти, меѓу кои „Стогодишни јадења во Британската железница“, „Бањање со Бог“ и „50 нови фризури за пудлици“. Но еден наслов отскокнувал од останатите – „Извештај од Вториот меѓународен семинар за голите глувци“. Така, наградата Diagram била родена.
 
Заборавете ги Букер, Нобел и Пулицер: вистинските книгољупци и литерати се сложуваат во тоа дека Diagram ги надминува сите: Секоја година од сите страни на светот се слеваат номинации за оваа награда, придвижувајќи ја магијата на гласањето.
 
Правилата за доделување на Diagram уште од почетокот намерно биле неодредени. За првите победници, веројатно со чашка вино во некој лондонски клуб, решавала анонимна комисија на чело со колумнистот на Bookseller, Хорас Бент. Сите видови книги биле земани предвид, а единственото ограничување гласело дека издавачите не смеат да ги номинираат своите наслови со цел да се обесхрабрат обидите намерно да се објавуваат книгите со откачени наслови. Во 1993 г. се дозволило и предлагање на книги кои излегувале вон границите на франкфуртскиот саем, а бидејќи издавачкото производство постојано растело, и жетвата била плодна.  
 
Пребарувајќи ја листата победници на наградата, јасно е дека областа од медицинските истражувања со години давала еден куп чудни наслови, меѓу кои „Илустрирана книга за наслагите на јазикот“, „Атлас во боја на имплантите од задната комора“ или „Цревни болести кои предизвикуваа воспаленија: личен поглед“. Изгледа дека авторите на медицинските книги, опседнати од своите тесни истражувања, често имаат недостаток на смисла за воочување на двосмисленоста. Па така, смислата на книгата „Практични заразни болести“ сигурно не е да нè научи како да ги заразиме своите непријатели, а фаворитот од 2003 г. „Жешки теми во урологијата“ звучи преболно.
 
Книгите често ја слават убавината на природата. Претпоставувам дека постои некој навистина заинтересиран, иако многу тесен, круг на читатели на книгата „Секс за/од шест нозе: еротскиот живот на инсектите“, како и за книгата „Невротски индуциран канибализам кај антарктичките свињи“. Земјоделците од сите страни на светот веројатно нагрнале во книжарниците за да ја купат „Компирите од Боливија: одгледувачка вредност и еволуциски врски“. Односно, тоа важи само ако Келтите меѓу нив не биле зафатени со читање на многу личниот прирачник со наслов „Сексуални упатства за ирските земјоделци“.
 
Секое пристојно домаќинство има своја книга „направи сам“ и хобистички книги; можеби и вашите полици кријат примерок од „Сушење цвеќиња во микробранова печка“ или „Како да го направите вашето дете водоотпорно“? Помала е веројатноста дека го поседувате победникот од 1989 г. „Како да серете во шума“, книга наменета за луѓето на кои им треба подучување за таа „изгубена уметност“. А кој господин би можел да живее без „Водич за носење и одржување на потполнките“ или без книгата „Одржување на носот“?
 
Продолжува...
 
Извор: The Guardian

ОкоБоли главаВицФото