Ќе се избориме ли за културата?

27.04.2017 10:42
Ќе се избориме ли за културата?

Овие денови, кога се случува театар на апсурдот во Собранието на Македонија, ние го живееме дното како држава, и, навистина, ова е крајот. Уште на физички план да ни се сруши сè над главата, не дај Боже, но на план на ментал – здравиот разум е тотално смачкан, а виталноста потполно задушена од огромните количини непрофесионалност, некомпетентност, и од бесмислените закони кои блокираат секаква акција во институциите. Се движиме како авети низ пустите полиња, низ опожарени рушевини на нашите институции. Државата е опустошена од кражбата на векот и од недомаќинското работење, секој ден се фрлаат милиони евра за ќефот на лудаци, а сиромаштијата расте.

До оваа очајна состојба не се дојде наеднаш, а клучно беше востоличувањето на популизмот како специфично „расположение и чувство“ во владеењето и „како облик на политика на идентитетот чија цел е исклучување ...обидот да се зграпчи државниот апарат, корупцијата и „масовниот клиенетелизам“ а тука е и напорот систематски да го потиснат граѓанското општество...“( Јан-Вернер Милер, Што е тоа „популизам“?) Нивна главна идеологија или филозофија е консумеризмот – задоволството во трошењето, главната алатка за манипулација во неолиберализмот кој заговара висока потрошувачка како темел на здравата економија. За потребите на денот се зачинува со националшовинизам или со верски и друг фанатизам. Така перфидно се владее со светот денес. Преку плитки задоволства: има за секого по нешто, за некои евтини задоволства, за други скапи и луксузни задоволства. А, културата и културните работници се маргинализираа, нема место за нив во ова општество во кое владеат евтини досетки и плиток хумор, итроштини и кич. Тотална десубјективизација и реификација се случува, нема личности, туку само безлична маса удавена во големите или мали задоволства кои ги пружаат забавите на реалните шоа, изобилството од продукти кои ќе ги купиме или само ги гледаме во сити-моловите, рекламите за doing business како рецепт како да станеме успешни бизнисмени и веднаш да се збогатиме, само уште „да се осмелиме“ и турските серии. И, да не ги заборавиме итроштините од македонските приказни како кулминација на паметот на нашиот народ! Тоа, па тоа, се вергла до бесвест.

Единствената телевизија која нудеше пристојна културна програма и беше силно урбано културолошко јадро, ја укина културната редакција и на новинарите им даде отказ. Нема потреба од длабоки мисли, уште повеќе од добар филм и добра музика во денешно време!

Опустошена држава, опустошен дух, авети трчаат по пустите полиња за кои нема семе да се посее. Тоа е резултат на владеењето на овие луѓе. Кај нив никој не смее да биде попаметен од водачот, сите се негови копии, но така и за нијанса поглупи. Видете што се случува во нашиот Парламент, говорите им се напишани или диктирани, сите треба да бидат во ист стил и натопени со ист набој, и како што реков, за нијанса потапи од тие на шефот. Бидејќи шефот е најпаметен на овој свет, експерт за сите области и никој не смее да му оспорува за што било. Ретко кој интелектуалец ќе му се спротивстави, од МАНУ исто така, а од нивните редови нема веќе никој кој му противречи, сите кои размислуваат поинаку или си заминале или се отфрлени. Мизерија и беда на духот. Сега јасно гледаме каква не сакаме да биде нашата држава, и какви не сакаме да бидат односите меѓу луѓето. Каква не сакаме да биде нашата култура, и на живеење и како уметнички израз на пофини, посуптилни манифестации на духот. Многу скапа лекција плативме за да научиме каква земја не сакаме да имаме и какво општество не сакаме да градиме...

Културата мора да добие значајно место во нашиот живот, бидејќи само со културата (и квалитетното образование) ќе се заузди популизмот, неукоста, глупоста, суеверието, плиткоста. Задоволството не е само во баналното живуркање туку и таа подлабока димензија треба да се обнови за нашиот живот да добие повозвишена смисла или, барем, смисла на едно нормално и пристојно живеење. Затоа, се препорачува и дневните весници да вложат напор да обезбедат место на своите страници за вестите од културата, за некоја статија од областа на културата, за така постепено да се кренеме од оваа очајна состојба во насока на културна еманципација. Битна работа ќе биде и реорганизација на МРТВ и како ќе се осмисли нејзината културна програма.

И од слепата улица во која заглавија политичарите можеме да излеземе со помош на културата. Ако г-динот Ахмети не гледа светло на крајот на тунелот нека го отстапи лидерското место на друг кој гледа светло! Бидејќи нивната партија е демократска (?), за разлика од ДПМНЕ која не е, лесно остварливо ќе биде за лидер да одберат визионер(ка) кој(а) гледа светло. Сите ги молат конечно да ја отфрлат таа фамозна платформа, па, нека направат еден културен потег на добра волја како влог во новата етапа на развојот на нашата историја, значи, за тоа светло на крајот. Кој има визионерски способности ќе разбере дека и овде станува збор за култура (на живеење, на однесување) која мора да ја развиваме како решение на сите наши проблеми.

Фотографии: Паула Макабреску

ОкоБоли главаВицФото