Христијанскиот анархизам на Лав Николаевич Толстој (1)

27.04.2017 11:05
Христијанскиот анархизам на Лав Николаевич Толстој (1)

„Вториот цар“, како што го нарекувале Лав Николаевич Толстој, секако е една од најинтересните појави не само во руската туку и целокупната историја на човештвото и нашата комплетна цивилизација. Тој, неговите идеи како и неговото целокупно политичко и секакво друго дејствување како и неговиот конкретен општествен ангажман биле на одреден начин „производ“ на една специфична епоха од развојот на тогашната Царска Русија од втората половина на 19 и почетокот на 20 век, но пораките на Толстој се со универзална природа – па, според своето значење го надминуваат кое било конкретно време како и тесниот простор на тогашна Русија. Затоа, неговите идеи и неговото дело и понатаму се актуелни, а Толстој е неизбежна големина на светското културно и политичко наследство.

Традицијата на руските интелектуалци кои барале промена во заостанатата Царска Русија, во која ќе дејствува и твори Толстој, е богата со големи и значајни имиња како Херцен, Чернишевски, Кропоткин, „револуционерот Бакунин“, па до Лавров кој, од друга страна, ги застапува идеите на таканаречениот „еволуционистички, просветителски социјализам“. Сите тие, на овој или оној начин, биле под силно влијание на интелектуалното наследство на идеите на Херцен. Но, следбениците на Херцен го отфрлаат неговиот панславизам, мистицизам и утопизам, а ја прифаќаат неговата програма содржана во барањето „Земја и Слобода“ како и неговото знаменито барање „Да се оди меѓу народот“! Така се раѓаат руските „народњаци“ од шеесеттите години на 19 век, а меѓу себе се делат на „народњаци на директната акција“ на Бакунин и на „народњаци пропагандисти на Лавров. Бакунин се дефинира како „Апостол за севкупен пресврт“, а пропагира „постојан селански бунт“, општинска автономија и жесток отпор од секаков вид. Бакунинистите сонуваат за еднодушно востание на понижените. Причините ги наоѓаат во богатото руско „бунтовничко минато“ и неговите митологизирани ликови како Степан Разин и Пугачов, а самиот Бакунин често истакнувал дека многу ги цени таквите „разбојници“ и „инстинктивни револуционери“. „Катехизмот на револуционерите“ на Бакунин го ширел неговиот следбеник Нечаев кој го основал тајното здружение „Народна казна“, но Бакунин, заради прашалниот начин на неговото дејствување – многу брзо се откажал од таканаречената „нечаевштина“. Може да се каже дека Нечаев бил првиот руски „професионален револуционер“, зачетник и „практичар на субверзивната акција“, но самата „нечаевштина“, со текот на времето, станала синоним за „псевдореволуционерната аморалност“.

Во таквата општествена клима созрева Толстој, гроф, благородник и човек кој и самиот наскоро ќе доживее длабока внатрешна трансформација. Тоа е време кога руските „идеалисти“ од четириесеттите години на 19 век биле истиснати од страна на „реалистите“ во шеесеттите години – за на почетокот од седумдесеттите години на 19 век во Русија да се појават таканаречените „луѓе од акција“. Некаде во 1875 година „испливува“ фигурата на Петр Ткачев кој се наоѓа на челото на малубројната група со специфична ориентација со која се поврзува појавата на „рускиот јакобинизам“ – а, наспроти анархичните бунтовници на Бакунин и „просветителските пропагандисти“ на Лавров. Впрочем, Ткачев претставува најава на блискиот тероризам и идниот болшевизам. Првиот обид за убиство на рускиот Цар го изведува студентот Каракозов 1866 година. Одговорот на царистичката власт е засилено насилство. Александар Михајлов во 1876 година ја основа првата социјалистичка револуционерна партија на Русија, односно организацијата „Земја и волја“ („Земја и слобода“). Вера Засулич во 1878 година пука во генералот Трепов. Од друга страна, фигурата на Кропоткин сè повеќе јакне на руската револуционерна сцена. Софија Петровска 1881 година изведува атентат на царот Александар Втори. Царизмот одговара со основање на „Охраната“ – сурова царистичка тајна полиција. Доаѓа до неуспешни заговори против царот Александар Трети, а меѓу заговорниците се наоѓаат и пет студенти кои биле осудени на смрт и погубени. Еден од нив бил и Александар Илич Уљанов, постариот брат на Владимир Илич Уљанов наречен Ленин – подоцна болшевички водач и главен човек на октомвриската револуција од 1917 година. Интересно е тоа што Царска Русија била првата земја која го објавила преводот на „Капиталот“ на Маркс и тоа само 5 години по неговото германско издание (инаку, другите дела на Маркс биле забранети во Русија) зашто цензорот заклучил дека „Капиталот“ е толку „досадна“, „тешка“, „неразбирлива“ книга преполна со „бројки и табели“ што никако не може да има какво било влијание на евентуалните читатели – па, така сосема случајно, благодарение на царистичкиот цензор, „Капиталот“ на Маркс не е категоризиран како „субверзивна литература“ туку како најобична „досадна литература“. Така, со иронијата на судбината, неговото главно дело станало најчитано и било печатено во најголеми тиражи во 19 век – токму во Царска Русија.

Понекогаш во нашата средина, Толстој, несомнено голем писател и мислител, „Горостасот од Јасна Полјана“ во која е роден 1828 година, неправедно се сведува само на своите две најпознати дела: „Ана Каренина“ и „Војна и мир“. Но, рускиот аристократ на чии предци царот Петар Велики лично им ја доделил благородничката титула, претставувал далеку поголема фигура од „само“ голем руски писател и автор на две извонредни книжевни дела. Тој бил основач но и практичар на комплексната општествена теорија и системот на конкретни промени на постоечкиот начин на функционирање на тогашното руско општество. Малку е познато и неговото директно влијание на идејата на Ганди за „пасивен отпор“.

Инаку, контактирал со Ганди и активно се допишувале. Интересно е и малку познато дека и едниот и другиот биле уништени од дихотомијата помеѓу нагласената хиперсексуалност од една страна и аскезата од друга, и примената на самоказнувањето (така Толстој се препуштал на самокамшикување како облик за „трагање“ по страдање и болка) со тоа што Толстој бил и во расчекор со благородничката традиција на социјалниот слој на кој му припаѓал, куртоазијата (одгледан од своите тетки зашто од мал останал без двата родители) и препуштањето на опскурните пороци на лумпенпролетерските крчми од петроградските мрачни предградија... со бескрајни пијанки, „лудување“, препуштање и младешко расипничко уживање со руски цигански песни и танчерки.

Како што созревал полека, трагањето по Слободата сè повеќе станувало фокус на сите негови стремежи. Според него, Слободата претставува отсуство на сите „пречки“, па така во 1904 година пишува дека „Човекот (..) е слободен единствено доколку никој не бара ништо од него, под закана на примена на сила“. Идеализирајќи го така сфатениот поим на човечката Слобода тој понатаму пишува: „Никој (ништо) не смее да те присили да го зборуваш она што не го мислиш... или да живееш онака како што не сакаш да живееш“. Навидум, овие идеи на Толстој се мошне блиски со ставовите на Диоген и учењето на „киниците“ од 4 век пред Христос, кои радикално ги отфрлале сите општествени норми, а човечкиот „срам“ го сметале за најголема пречка за остварување на индивидуалната автономија. Но, меѓу нив, разликите во разбирањето на Слободата се сепак големи.

Толстој имал надеж во силата на оние кои „сакаат да го подобрат општествениот живот“. За да успеат во тоа тие мораат „да ги ослободат луѓето“. Но, од кого? Неговиот одговор е дециден: „Од Владата чија бескорисност е сè поочигледна во нашата епоха.“ Тој став потполно го приближува до анархизмот и негирањето секаков облик на Власт – како главно негирање и пречка за остварување на целосната човечка слобода. Но, неговиот одговор на прашањето: Која методологија треба да се примени притоа? – го категоризира во заговарачите на „христијанскиот анархизам“. Имено, според Толстој, тоа може единствено да се постигне со јакнење на „религиозноста и моралот на секоја личност“. Верата и Моралот мора да бидат најголеми вредности околу кои ќе се групираат луѓето. Сè друго директно би нè водело во Насилство кое Толстој апсолутно го отфрла и сосема го презира.

Иако и самиот е голем земјопоседник, тој се залагал за „социјализација на земјата“. Зборувал за „правото на земја“ како изворно право на оние што ја обработуваат. Неговиот идеализам има русоовски белези на своевидно „враќање кон природата“. Некои денес тоа би го сметале за најобична наивност... но, тој вели: „Ако селаните го уживаат правото на земја нивните синови веќе нема да одат во фабриките.“ Тој „антииндустриски менталитет“ како да е своевиден крик за социјалната идила на руското село од кое уште тогаш почнувал да се регрутира тенок слој на пролетаријатот како утрешно јадро на надоаѓачките револуции, а кој се концентрира во градовите, односно на нивната периферија. Тој смета дека најпосле воспоставената Правда би можела да спречи понатамошен распад на селото и неговите идеализирани пасторали.

Толстој насетува дека суштината на „Новиот Век“ ќе биде Насилството. Затоа треба да се направи сè за идното руско општество да не биде детерминирано од Насилството како негова суштина. За да се спречи тоа, Толстој смета дека е нужно секоја индивидуа да преземе одреден „морален напор“, одредено „нурнување во самиот себе“ за секој да може да го изврши тој морален притисок на себеси создавајќи на тој начин хумус од кој подоцна ќе израсне ненасилно, морално, праведно и религиозно општествено битие.

Толстој во 1900 година му напишал писмо на царот Николај Втори, предупредувајќи го за нужноста од враќање на вредностите кон изворната вера. Во таа наивна визија Царот „секогаш е добар“, но „лошите луѓе“ кои го опкружуваат ја кријат вистинската вистина од него. Но, Толстој не верува во Црквата како институција и во ниедна нејзина интерпретација на Божјиот Збор. Тој единствено верува во „изворниот збор на Христос“. Затоа смета дека на поединецот и не му е нужно посредувањето (ниту свештеничкото, а ниту црковното) за неговата лична „комуникација“ со Бог. Верникот како свештеник е изворно протестантска идеја. Толстој му напишал на Царот Николај Втори: „Полесно е да се запре текот на реката отколку движењето на човештвото во правецот што го избрал Бог“. А, повеќето Власти, смета тој, се однесуваат „антибожјо“. Толстој е противник на автократијата, но сепак, му пишува на „големиот руски цар“ (значи, несомнен автократ) дека „автократијата е мртва како облик на владеење“. Секако дека тоа писмо ја изразувало неговата наивна надеж дека ќе му влијае на царот, па констатацијата на Толстој секако била упатена кон погрешна личност, но таа сепак го изразувала целото негово противење на чиј било монопол над Власта и чија било претензија апсолутистички да владее со другите луѓе и нивните животи.

Интересно е што Толстој, исто како и Маркс, смета дека ниту една општествено-економска формација не пропаѓа сè додека докрај не се исцрпи („истроши“) самата од себе. Тој пишува: „Во секој период од човечкиот живот постои извесен степен реформи кои мораат да се остварат пред другите“. Во историјата нема „прескокнување“, а насилните револуции се токму тоа зашто субјективната волја (на одредена група луѓе, класа, слој, сталеж итн) ја ставаат над „објективноста“ (закон за репродукција на животот) од некоја епоха. Затоа, вистинскиот пат не е револуцијата туку реформата – и тоа, пред сè, реформа на духот како претпоставка за сите останати промени. Токму тука е основната, длабока раскрсница помеѓу христијанскиот анархизам на Толстој и некои од другите анархистички концепти во Русија (кои, исто така, доаѓаат од благородничките кругови кои дале плејада атентатори и заговорници на индивидуалниот терор искажан, пред сè, како концепт на атентат врз Царот, како основен симбол на неслободата во Русија).

Кон вториот дел.

Извор: http://www.noviplamen.org/

Слични содржини

ОкоБоли главаВицФото