Во авион

27.04.2017 10:16
Во авион

Ги погалив нежно своите дебелкасти нозе во кафеаво здолниште. Некако повеќе не ми беа ни толку дебели ни стари. Ни моите избрчкани раце веќе немаа толку дамки. Низ очилата ги набљудувам убавите стјуардеси; навистина, во авионот ништо не може да биде грдо ни опаднато, сè е витко и важно. Сè! Веќе одамна насетував дека во авион сè е лесно, поинакво. Би сакала и времето на мојот стар рачен часовник да застанеше во оној миг, за спомен. На небото полетавме во девет и триесет по наше време, а набрзо лесно ќе влетаме во некое друго време како во облак. Па во втора, трета зона. И часовниците ќе полудат. Како нашите прсти. Несмасно ги закопчавме безбедносните појаси, како што би го направиле тоа нашите две внучиња-првачиња. Непрестајно си намигнувме, Андрија и јас, горди на своите човечки тела кои не можат да летаат, а еве летаат како седи ластовици! Малку го гледаме модриот пејзаж низ прозорчето, малку се прегрнуваме. Не се бакнуваме. Всушност, одамна беше тоа кога последен пат се бакнавме. Долу, од Трешњевачкиот парк, од клупите сигурно јасно се гледа нашата голема храброст. Храбри како астронаути, летаме некаде многу далеку од дома. Во Пекинг? Куала Лупмур? На Борнео? Веќе заборавив, не е важно. Пишува на картата. Сето тоа е пак цврста земја. По тлото одев дури седумдесет и три години, а Андрија седумдесет и две. И печев колачи додека тој поправаше машини. Изгледа дека сепак дојде време за небо. Сега спонзорите на нашето брачно патување, Иван и Бранка, на сите во соседството им раскажуваат дека мама и тато се откажале од цврсто тло првпат во животот. И горе се смеат како заљубени деца во луна-парк, си пукаат од забите мали весели зборови еден на друг во уво:

-Колку е страшно кога авионот поаѓа!
-Фантастично! На пилотите им е најубаво!
-Не, туку на стјуардесите! Требаше да бидам стјуардеса.

Кога ќе се вратиме на сите ќе им раскажуваме колку е убаво да се биде високо над тромавите трамваи и автомобили кои ползат по стомакот како змии, далеку од роднинските барања, соседите, болниците и гробовите. Еве, веќе ги надминавме и најлесните птици. За чудо, на небото нема ниту една.

-Андрија, сега гледам дека и птиците ѝ припаѓаат на земјата. Нема ниту една.
-Да, Анчи, вистина е. Каде се птиците.

Минутите минуваат ширејќи се во бранови како годините и столетијата низ просторот помеѓу сините седишта.

Времето игра сложени валцери. Се гледаме со насолзени очи, уживаме во немоќта на гравитацијата пред авионот. Недостига само некоја лелеава, фина музика.

-Андрија, а како тоа на небото нема ангелска музика и харфи?
-Има, љубов моја, но глува си ко топ. А дали би играла? Дај ми рака.

Андрија нежно ме фаќа за рацете и ние во внатрешен ритам се нишаме во сините седишта како два најсреќни дена. Утре ќе ни биде точно педесет години брак. Постои ли сепак на небото поголема љубов од нашата? Стјуардесите би морале да знаат нешто за небесната љубов. Макар оние искусните меѓу нив со по стотина летови. Двете меко се приближуваат до нашите седишта, ќе би прашаме нив. И ги прашавме, тие само се смееја. Најмладата стјуардеса мириса на израелски мирудии и љубовна среќа, но ни носи само конфекциски сендвичи од земјата и кока-кола. Па не побаравме таква храна! Зарем не гледа дека ние би јаделе облаци, би ги мацнале прстите во дебелиот шлаг. Но овие облаци не се јадат. Превисоко се, замислувам дека се малку горчливи. Во авионот е сè потопло, сè позлатно. Сонцето веќе ме удира в чело низ прозорецот, небото е преблескаво. Можеби некаде овде најпосле ќе го погледнам Бога во очи како ми мавта и ми се смешка.

-Драги патници, се надевам дека уживате во летот на Малезија ерлајнс, надвор е ведро, а температурата е само -63 °C - нè известува пилотот како да го исфрлил рутински навлажнетиот лев показалец низ прозорчето, па го повлекол и мирно го погледнал резултатот.
-Надвор е -63 °C?! - и двајцата викнавме со неверување. Главите се свртија кон нас.
-Не е вистина, луѓе, надвор пржи сонцето! - извикна Андрија и ги поправи очилата.

Гласот на пилотот беше толку сигурен во својата професионална елеганција, совршено извежбан, монотон. Како да е пуштен од платинеста лента. А длабокиот глас на Андрија трепереше. Ме фаќа за рака и ме стиска, беше дете повеќе од кога било.

-Не биди смешен, Андрија, во авион сешто е можно. Погледни само како летаме низ временските зони. Ги победуваме времето и пространствата.

-Ана, кога ќе се вратиме во Загреб, ќе имаат ли нашите деца повеќе години од нас?
-Можеби ќе бидат живи само нашите правнуци.

Се насмеавме на таа идеја и одеднаш Андрија ме бакна. Нежно, како оној прв пат пред слаткарницата во Илица. И уште понежно. Каков силен бакнеж! Овој небесен бакнеж со вкус на презреана вишна свиваше времето, ги пробиваше зоните, траеше со часови, недели, години... Траеше, траеше, траеше. Со усните пуштавме да се влее во него целиот наш убав живот. Тоневме сè подлабоко, сè до најстарите сеќавања.

Не ни забележавме кога авионот се спушти на аеродромот. Ни кога со двете скромни торби се сместивме во хотелот. Утредента само се држевме цврсто за рацете, како да летаме. Да нè прашаше случајно некој минувач каде сме, ќе молчевме. Само ќе ги подигневме рацете високо, како знак дека нашиот бакнеж останал горе, високо со нас, во малку горчливите облаци.

Извор: KIČMA, Aora komunikacije, Zagreb, 2009.
Превод од хрватски: Иван Шопов
Слики: Марк Шагал

Дорта Јагиќ, хрватска поетеса и писателка. Родена е 1974 во Сињ. Пишува поезија, кратка проза, драмски текстови и театарска критика. Објавила седум поетски книги, книги со театарска критика, патописи и кратки раскази. Добитничка е на престижни хрватски, регионални и европски награди за поезија. Нејзините песни се преведени на англиски, германски, унгарски, македонски, словенечки, полски и романски.

Слични содржини

Книжевност
Книжевност
Книжевност
Книжевност
Книжевност
Книжевност
Книжевност

ОкоБоли главаВицФото